Македонија
Гранит ќе гради три патни правци во вредност од 11,7 млн. евра

Три договори за изградба на патишта за вкупна вредност од 720 милиони денари (11,7 млн евра) потпиша Градежното претпријатие „Гранит“
Три договори за изградба на патишта за вкупна вредност од 720 милиони денари (11,7 млн евра) потпиша Градежното претпријатие „Гранит“ и Агенцијата за државни патишта.
Првиот договор се однесува на изградба на патниот правец Коњско (Смрдлива вода) – Кожув со должина 17,4 км. Вредноста на Договорот со пресметан ДДВ изнесува 416.870.293, денари (6,77 милиони евра), а рокот за изведување е 20 месеци
Вториот договор е за реконструкција на регионален пат, делница Лакавица-Неготино. Вредноста на Договорот со пресметан ДДВ изнесува 203.348.903, денари (3,3 милиони евра), а рокот за изведба е 8 месеци
Третиот договор е за изградба на регионален пат на делница Куклиш-Банско во вредност од 99.629.488 (1,6 милиони евра), со рок на изведба од шест месеци./крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Oпштина Тетово и Националниот парк Шар Планина потпишаа меморандум за заштита на животната средина

Градоначалникот на општина Тетово, Биљал Касами, заедно со вршителот на должност директор на Јавната установа „Национален парк Шар Планина“, Евзал Елмази, денес потпишаа Меморандум за соработка со цел зајакнување на меѓуинституционалното партнерство во насока на промоција на планинскиот туризам, заштита на животната средина и превенција од пожари во подрачјето на Шар Планина.
Овој меморандум претставува конкретна обврска за одржлив развој и одговорно управување со природните ресурси на подрачјето. Договорената соработка подразбира реализација на заеднички проекти и координирани активности, со што Шар Планина ќе се третира не само како еколошко богатство, туку и како економски потенцијал што придонесува кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Во својата изјава по потпишувањето, градоначалникот Касами нагласи дека планинскиот туризам, заштитата на природните богатства и грижата за животната средина повеќе не се посакувани опции, туку стратешки приоритети, кои ја дефинираат иднината на градот и регионот. Тој додаде дека оваа соработка претставува значаен чекор кон почисто, позелено и поразвиено Тетово, во согласност со природата.
Македонија
Во пожарот во Чучер-Сандево изгоре магацинот на „Фриком“ – вработените безбедни

Пожарот во општина Чучер-Сандево вчера ги зафати и просториите на „Фриком“.
Од компанијата информираа дека благодарение на нивната брза реакција и онаа на службите нема настрадани, сите вработени се на безбедно.
„Најважно за нас е што ниту еден од вработените и луѓето што учествуваа во гаснењето на пожарот не е повреден. Нашите тимови веќе работат на проценка на состојбата и реорганизирање на деловните планови, за да можеме што поскоро да обезбедиме непречена дистрибуција и да се вратиме на секојдневните работни рутини. Неизмерно сме благодарени на сите вработени кои веднаш покажаа неверојатна подготвеност да се прилагодат на ситуацијата.“ изјавија од „Фриком“.
„Во овие тешки моменти, не смееме да заборавиме дека не сме единствените. Стотици семејства, претпријатија и заедници низ државата се соочуваат со последици од огнените стихии. Нашите мисли се со сите погодени и наша обврската како компанија, и пред сè како луѓе, е да покажеме солидарност и разбирање.“, додаваат од компанијата.
„Фриком“ веќе формираше кризен тим кој утрово ја направи првата проценка на штетата. Во меѓувреме, испораките и активностите се привремено прекинати, а клиентите ќе бидат навремено информирани за следните чекори. Се работи на брзо воспоставување непречена дистрибуција.
Македонија
ДУИ: Албанците нема да молчат, интеграцијата на Албанците на секое институционално ниво не е привилегија

Демократската унија за интеграција загрижена за систематското исклучување на Албанците од државните институции, при што, како што велта, најновиот случај е Агенцијата за национална безбедност, каде од вкупно 41 вработени, само еден е Албанец.
Оваа отворена дискриминација, според нив, веќе не е само политичка загриженост, туку како што додаваат, тоа е удар врз еднаквоста и мултиетничкиот карактер на државата.
„Сите податоци што изминативе денови беа јавно објавени во врска со вработувањата и унапредувањата во институциите се вистинити и официјално потврдени од самите државни институции. Затоа, ниту клеветите, ниту обидите за дефокусирање не можат да ја покријат вистината што е јасна за сите: Албанците се исклучуваат.
Наспроти оваа болна реалност, субјектите кои ја поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ молчат или живеат во паралелна реалност, одбивајќи да се соочат со вистината. Овој наивен и авантуристички пристап, покрај тоа што не носи ништо за Албанците, јасно покажува дека тие се заробени и во целост согласни со исклучувачката логика на нивните политички ментори“.
ДУИ потсетува дека интеграцијата на Албанците на секое институционално ниво не е привилегија, туку уставно загарантирано право, кое не може да се преговара ниту да се игнорира.
„Албанците нема да молчат, ниту ќе се предадат“, додават од оваа партија.