Македонија
Одложено отворање на понудите за изградба на мали ХЕЦ

Отворањето на понудите за давање на концесија за вода за изградба на 20 мали Хидроелектрични централи (ХЕЦ) закажано за 17 април, се одложува
Отворањето на понудите од меѓународниот јавен оглас за давање на концесија за вода за изградба на 20 мали Хидроелектрични централи (ХЕЦ) закажано за 17 април се одложува.
Датумот за отворањето на понудите ќе биде поместен со оглед на тоа што 17 април 2009 година е неработен ден за верниците од православна вероисповед, се вели во соопштението објавено на веб страната на Министерството за економија.
Отварањето на понудите се поместува на 22 април 2009 година (среда), а ќе се одржи ќе биде во просториите на Министерството за економија. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Неексплодирана артилериска граната пронајдена кај Калишта, ДЗС апелира да не се поместуваат такви убојни средства

Неексплодирано убојно средство од минатите војни е пронајдено кај село Калишта, при изведба на градежни работи во близина кампот „Рино“ покрај Охридското Езеро, оваа работна недела во реон на Општина Струга.
Пронајдената артилериска граната со калибар 105 мм била од Првата светска војна, што практично била во двор меѓу изградени куќи. Безбедно е подигната и транспортирана до место за нејзино складирање, а потоа и за уништување, од страна на пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Ѓорги Стефанов.
ДЗС информира дека е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при вакви случаи кога ќе се најдат опасни неексплодирани убојни и други средства.
Конкретно, ДЗС апелира дека при прошетки во природата, во случај кога граѓаните ќе пронајдат неексплодирани убојни средства да не ги допираат и поместуваат, туку едноставно да се јават на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК.
По пријавата, надлежните институции и служби од Системот за управување со кризи, самостојно или комбинирано со стручни лица, ќе се погрижат безбедно да бидат отстранети или неутрализирани, односно да бидат уништени опасните пронајдени работи, согласно конкретните просторни услови, ситуации, а и карактеристики на опасните НУС.
Македонија
Грција ќе екстрадира македонски државјанин, кој се сомничи за убиство на пензионер во Германија

Апелациониот суд во Солун даде „зелено светло“ за екстрадиција во Германија на македонски државјанин обвинет за грабеж, а потоа и за убиство.
Со тоа, прифатено е барањето на германските власти за екстрадиција на 34-годишен државјанин на Северна Македонија, кој наводно учествувал во грабеж проследен со убиство, со 81-годишна жртва, јавува грчкиот сервис на „Си-ен-ен“.
Обвинетиот побара да не биде екстрадиран во Германија и да ја издржува казната во Грција, од хуманитарни причини бидејќи како што рече, неговото семејство живее во градот Велес, кој е блиску до границата на двете земји, а роднините ќе можат полесно да го посетуваат во затвор.
Како што пишуваат грчките медиуми, злосторството било извршено минатиот февруари во мал град во сојузната покраина Хесен, Германија, а жртвата е 81-годишен маж. Осомничениот бил уапсен вечерта на 27 мај на граничниот премин Евзони, и се покажало дека против него е распишана европска потерница.
Според документите на германското обвинителство, 34-годишникот наводно патувал во Германија со сограѓани од деловни причини. Се чини дека постарата жртва изнајмувала соби, а 34-годишникот и неговите сонародници престојувале во една од нив. Сторителите според обвинението го врзале и му ја затвориле устата на 81-годшниот маж, земајќи пари од неговиот дом, по што тој починал од задушување.
Македонија
Поради дефект на водоводна цевка, се суши тутунот во Прилепско Поле, алармира СДСМ

Пукната цевка во хидросистемот кој го наводнува плодното Прилепско поле, е причина што повеќе од месец и пол огромни површини засадени со тутун се наоѓаат пред сушење, велат од СДСМ Прилеп.
Сашо Јорданоски, од партиската Комисија за земјоделство во овој град рече дека прекинот со водоснабдување на земјоделските површини настанал уште во периодот на расадување на тутунот. Оттогаш па до денес, десетици хектари засадени со тутун, но и со градинарски производи, немаат видено капка вода.
„Срамота е во 21 век, во ерата на секојдневен напредок на технологијата, дефект на водоводна цевка да го сотре тутунот во најтутунарскиот регион во државата. Надлежните од „Прилепско поле“ и „Водостопанство“ креваат рамена и немаат одговор дали и кога дефектот ќе биде отстранет. Нема ништо од ветената грижа за тутунопроизводителите од страна на министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, а од пратениците од власта и градоначалникот Борче Јовчески – ни трага ни глас“, изјаваи Јордановски.
Се додава дека прилепските тутунопроизводители се заборавени и препуштени сами на себе.