Македонија
Македонија отворена за енергетски проекти
Македонија, како земја зависна од увозот на гас и други енергенси е заинтересирана за целосна вклученост во енергетските инфраструктурни мрежи
Македонија, како земја зависна од увозот на гас и други енергенси е заинтересирана за целосна вклученост во енергетските инфраструктурни мрежи кои се во фаза на реализација или планирање.
Ова го порача македонскиот вицепремиер задолжен за европски прашања Ивица Боцевски во обраќањето на енергетскиот самит што денеска започна во Софија.
Боцевски, како што соопшти неговиот кабинет, истакна дека „Македонија е витално заинтересирана за регулирање и развој на пазарот на планот на снабдувањето со природен гас и развој на гасоводната инфраструктура“.
„Во таа насока Македонија го поддржува Интегрираниот пристап за сите земји да се здобијат за подеднакви шанси за прилив на неопходните енергенси, обезбедување одржлив развој, и дефинирање правила кои би биле прифатливи за сите“, посочи Боцевски на конференцијата „Природен гас за Европа, Безбедност и Партнерство“.
Конференцијата ја отвори бугарскиот претседател Георги Прванов, кој нагласи дека енергетското стратешко партнерство на регионално и глобално ниво е многу важно за справување со енергетската криза.
Енергетските проекти, кои треба да гарантираат безбедна достава на гас за Европа, се на агендата на дводневниот самит во Софија.
Но, неучеството на клучниот играч – рускиот премиер Владимир Путин, кој неочекувано го откажа учеството на форумот поради несогласувањата за гасоводниот проект со Бугарија, ги засили двоеумањата околу тоа што може да биде постигнато./крај/с/х/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Кисела Вода го модернизира осветлувањето: LED светилки со паметен систем за контрола
Општина Кисела Вода продолжува со проектот за замена на уличните светилки, со цел подобрување на осветленоста и енергетската ефикасност на јавните површини.
Се работи во населбата Пинтија, во рамките на втората фаза од проектот кој ги опфаќа и населбите Кисела Вода и Припор. Досега, се заменети над 2.400 светилки во населбите Пржино и Црниче. Со новите LED сијалици, осветлувањето ќе биде поекономично, со намалена потрошувачка на енергија во споредба со старите светилки, а нивниот век на траење е 4,2 пати подолг. Дополнително, светилките ќе се управуваат преку паметен систем, кој овозможува подобра контрола и ефективност.
Реализацијата на овој проектот кој се изведува во пет фази, обезбедува безбедни, современи и функционални улици, со пониска потрошувачка на енергија и долготрајни решенија за јавното осветлување во општина Кисела Вода.
Македонија
Предлог-законот за пушењето не е удар по угостителството, туку заштита на здравото работно место, велат од Министерството за здравство
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација. Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, велат од Министерството за здравство.
Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите.
„Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни. Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина.
„Искуствата од европските земји кои веќе воведоа вакви законски решенија, како Ирска и Велика Британија и многу други, покажуваат дека овие мерки не претставуваат удар по угостителството и неговите приходи, туку транзиција кон поуреден, поквалитетен и попредвидлив амбиент во угостителските објекти“, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Тој додава дека ваквите мерки овозможуваат поголема посетеност од семејства, туристи и граѓани кои преферираат чист воздух, што на долг рок претставува директен бенефит и за самите угостителски објекти.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.

