Македонија
Македонскиот претседател ја презема должноста
Новоизбраниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов (49) денеска на свечена седница во парламентот ќе биде инаугуриран за четврти шеф на државата од
Новоизбраниот претседател на Македонија Ѓорге Иванов (49) денеска на свечена седница во парламентот ќе биде инаугуриран за четврти шеф на државата од осамостојувањето во 1991 година.
Иванов пред зградата на Собранието треба да биде пречекан од претседателот во заминување Бранко Црвенковски и од Гардата на Армијата на Република Македонија.
Чинот на инаугурацијата ќе почне точно напладне со интонирање на македонската химна, по што новоизбраниот претседател ќе положи заклетва и ќе го одржи првиот говор во парламентот.
На инаугурацијата на претседателот Иванов ќе присуствуваат премиерот Никола Груевски со владиниот кабинет, претставници на МАНУ, судството и на верските заедници, дипломатскиот кор, како и странски државници
Се очекува на свечениот чин на инаугурирање да присуствуваат претседателите на Албанија, Бамир Топи, на Србија, Борис Тадиќ, на Хрватска Стипе Месиќ и на Црна Гора Филип Вујановиќ.
Некои од пратениците – Албанци од ДПА и Нова Демократија најавија дека нема присуствуваат на церемонијата, поради неприсуството на косовскиот претседател Фатмир Сејдиу. Владејачката ДУИ соопшти дека ќе присуствува на инаугурацијата.
По свечената седница на инаугурацијата, шефот на државата во заминување и неговиот наследник, според традицијата, заедно ќе испијат претседателско кафе.
Иванов беше избран за шеф на државата на четвртите претседателски избори, со освоени околу 450,000 гласови.
Новиот претседател ќе има и нови работни простории во Вилата Анекс на Водно, во непосредна близина на резиденцијата во која престојуваа досегашните претседатели со своите семејства.
Ѓорге Иванов е роден 1960 година во Валандово каде завршил основно и средно образование. Во 1982 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје. Во 1998 година докторирал на Правниот факултет во Скопје со одбрана на дисертацијата – Демократијата во поделените општества, со посебен осврт на Македонија.
Иванов е четвртиот претседател на Македонија од прогласување на независноста.
За прв претседател беше избран Киро Глигоров, кој функцијата ја извршуваше во два мандати од 1991 до 1999 година.
Меѓу двата мандати врз Глигоров беше извршен атентат во октомври 1995, што го преживеа со тешки повреди во пределот на главата.
Втор претседател на Македонија беше Борис Трајковски, кој функцијата ја извршуваше од крајот на 1999 до 26 февруари 2004 година, кога загина во авионска несреќа во Босна и Херцеговина.
Третиот претседател Бранко Црвенковски, чиј петгодишен мандат, истекува на 12 мај, се очекува да се врати на лидерското место во СДСМ, на редовниот партиски конгрес закажан за 24 мај./крај/ег/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау, во Брисел
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утрово на маргините на министерскиот состанок на НАТО во Брисел оствари работна средба со заменик-државниот секретар на САД, Кристофер Ландау.
Во рамки на средбата, соговорниците ги потврдија блиските и пријателски односи меѓу двете земји, како и силната и конструктивна соработка со САД како стратешки партнер на Република Северна Македонија. Беа разменети мислења за потенцијалот за понатамошно продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес.
Разговорите опфатија и теми поврзани со улогата на САД во стабилноста и развојот на Западен Балкан, а акцент беше ставен на соработката во рамките на НАТО и нејзината важност за колективната безбедност. Министерот Муцунски го истакна придонесот на Северна Македонија во Алијансата и конзистентното делување на државата како конструктивен и доверлив партнер во регионот.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Дали Заев и Филипче потпишале отпис на 2.000 тони жито затоа што Љупчо Николовски имал грант во фиока за „Мамас“
Дали Заев и Филипче потпишале отпис на 2.000 тони жито, само затоа што Љупчо Николовски имал грант во фиока за „Мамас“ на Заеви?
Дали Заев и Љупчо Николовски склучувале договори во четири очи за местење тендери? Исто така, кои други грантови, тендери биле добивани и доделувани, а се поврзани со истото ова трио, прашува Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, кога се спомнува зборот корупција, првата асоцијација е СДС, Заев, Филипче и Љупчо Николовски.
„Власта на Заев, Филипче и Љупчо Николовски меѓу јавноста е позната како најкорумпираната и најкриминална власт во историјата на Македонија.
Љупчо Николовски своевремено, освен министер за земјоделие, беше и вицепремиер за борба против корупција. Но, наместо да се бори против истата, тој по насока на неговиот ментор Заев, ја создавал и бил активен чинител на истата.
Дека станува збор за корупција, се јавува фактот што по отписот на 2000 тони жито од стоковите резерви на државата во вредност близу 800.000 евра, кое е подарок од Заев и Филипче кон Љупчо Николовски, веќе следната година, тој му возвраќа на Заев со грант од Агенцијата за ИПАРД во вредност од 1,4 милиони евра. Добитник на овој европски грант е фирмата „Тргопродукт’’ на Заеви, односно познатиот бренд „Мамас’’.
Уште по сомнително, додава тој, е тоа што во тоа време, овој грант од 1,4 милиони евра, бил втор најголем грант во историјата на ИПАРД програмата.
И ова, според него, не е единствен ваков случај, и затоа го повикуваме обвинителството да го истражи ова до крај.
„Сега е шансата на обвинителството да се покаже, да отпочне постапка по допрен глас и да ги провери сите овие сомнежи.
А додека Филипче ги разрешува сите околу него, освен тој самиот, нека одговори до кога ќе ја држи функцијата претседател на СДС само за да му удоволи на Заев и на нивните бизнис интереси“.
Македонија
Посебни контејнери, тарифник и термин за собирање на отпадот: Ѓорѓиевски на средба со скопските угостители
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на социјалните мрежи објави дека остварил средба со скопските угостители на која биле договорени детали за подобрување на нивната работа и, како што вели, на севкупниот урбан амбиент во градот.
„Скопските угостителски објекти ќе имаат посебни контејнери, избран е и посебен советник за угостителите.
Денес, остваривме конструктивна средба со скопските угостители, на која произлегоа важни чекори за подобрување на нивната работа и на севкупниот урбан амбиент во градот.
Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно.
Во таа насока договоривме секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање отпад, како и термин за собирање, кој ќе важи единствено за правните субјекти“.
Ова, како што вели, ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање.
„Како што веќе беше усогласено на претходните средби, за советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот е избран Драган Арсовски, човек со долгогодишно искуство, а избран по предлог на сите фактори во овој сектор.
Тој ќе биде мостот што ќе ја олеснува координацијата, ќе ги решава проблемите на терен и ќе обезбеди континуирано подобрување на условите за работа.
Договоривме и до 15 јануари да се достават елаборатите за користење на урбаната опрема, која досега во изминатите години не се наплаќаше, со што конечно ќе се стави крај на хаосот и ќе се воспостави јасен ред.
Ова се клучни моменти кога сите заедно се ставаме во служба на граѓаните – одговорно, посветено и со јасна цел.
Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но го враќаме и редот.
Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и креативност, а тоа е можно само со силна поддршка и вистинско партнерство со угостителскиот сектор.
Благодарен сум за разбирањето и поддршката.
Скопје заслужува да биде град на култура, современ урбан живот, силна економија и заедно ќе стигнеме до таа цел“, соопшти тој.

