Македонија
Келер оптимист за евроинтеграцијата на Македонија
Германија останува лобист за Македонија и силен поддржувач на нејзините аспирации за членство во Европската унија.
Германија останува лобист за Македонија и силен поддржувач на нејзините аспирации за членство во Европската унија.Ова, како што јави денеска радио Дојче веле програма на македонски јазик, го изјави германскиот претседател Хорст Келер на средбата со шефот на македонската држава Ѓорге Иванов.Келер, како што изјави по средбата Иванов, е оптимист дека Македонија ќе добие позитивен извештај и датум за преговори со ЕУ.„Германија е најголем поддржувач и најголем трговски партнер на Македонија во ЕУ. Келер е многу добро информиран за случувањата во Македонија, како и за состојбата во регионот“, рече Иванов.На средбата, станало збор и за спорот за името со Грција. Германскиот претседател се интересирал за тоа што презема Македонија и колку и како е вклучена во процесот за решавање на прашањето што се води со посредство на ОН. „Претседателот Келер покажа зачуденост како може едно такво прашање денес да биде на агенда и како може во денешно време да се разговара за такви прашања, кога ни‘ претстојат многу поважни работи“, изјави македонскиот претседател во Берлин.Германскиот претседател ја пофалил Македонија за постигнатата етничка хомогеност и верска толерантност која, според него, може да биде пример за многу европски земји. Средбата со Келер е централен настан од официјалната посета на македонскиот претседател на Германија, на чија агенда се и серија средби со претставници на Парламентот, на Владата и на германски бизнис-здруженија. Иванов попладнево ќе се сретне со шефот на Парламентарната група за ЈИЕ во германскиот Бундестаг, Детлеф Ѕембрицки, а вечерва ќе има обраќање во Фондацијата „Конрад Аденауер“ на тема: „Република Македонија на патот кон ЕУ“. /крај/дв/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.
Македонија
(Видео) Роџер – терапевтскиот лабрадор кој им носи смиреност и поддршка на пациентите на Клиниката за психијатрија
ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија – Скопје доби нов член во својот тим – Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, вдомен неодамна и вклучен во активности со асистенција на животни (Animal Assisted Activities).
Како што соопшти Клиниката, Роџер за кратко време се прилагодил на персоналот и пациентите и веќе е прифатен како четириножен „колега“. Според директорката, Славица Арсова, вдомувањето е дел од имплементацијата на Animal Assisted Activities – структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат одбрани животни со цел да обезбедат емоционална поддршка, чувство на смиреност, социјална интеракција и подобрување на психосоцијалната благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба, што овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за вклучување во терапијата“, вели Арсова. Активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти – индивидуално или во групи – секогаш под надзор на стручен тим и со согласност на пациентите.
За Роџер е обезбеден бокс и куќичка пред влезот на Клиниката, тој е под редовна ветеринарна контрола со уреден здравствен и вакцинален статус, а за него се грижат членовите на персоналот. Под надзор и мониторинг, постепено во грижата се вклучуваат и пациенти – со нивна согласност.
Активностите започнуваат во 8 часот наутро во дневната болница. Роџер нема контакт во просториите каде што има храна или лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Од Клиниката посочуваат дека лабрадорите се меѓу најчесто користените раси во активности со асистенција на животни поради смиреноста, трпеливоста, предвидливото однесување, високата емпатија и социјална интелигенција.
„Тие интуитивно реагираат на човечки емоции и природно нудат утеха преку присуство, без наметнување“, додава Арсова.
Клиниката наведува дека сите овие карактеристики ги поседува и Роџер, кој веќе донел многу позитивна енергија во установата.
Македонија
Поддршка за новиот закон, пасивното пушење е докажана причина за сериозни болести, велат од Институтот за медицина на трудот
Институтот за медицина на трудот на РСМ, СЗО Колаборативен центар, како водечка јавно-здравствена установа во оваа област, изразува целосна и недвосмислена поддршка за Предлог-законот за заштита од пушење.
Според Институтот, предложениот закон, кој предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени јавни и работни простории, не е рестриктивна мерка, туку основен здравствен стандард и човеково право. Од таму велат дека секој работник има неприкосновено право на чист воздух и работно место кое не го загрозува неговото долгорочно здравје.
„Нагласуваме дека работниците во угостителскиот сектор, се меѓу најранливите групи. Овие вработени често се изложени на високи концентрации на тутунски чад во текот на целото работно време, кое често надминува 8 часа дневно. За овие работници, „пасивното пушење“ не е избор, туку претставува сериозен здравствен ризик кој потекнува од нивното работно место. Научните докази се јасни: не постои „безбедно“ ниво на изложеност на чад или аеросоли од тутунски и никотински производи. Пасивното пушење е докажана причина за сериозни респираторни и кардиоваскуларни заболувања, вклучувајќи го и ракот на белите дробови, дури и кај непушачите. Наша должност како јавно-здравствена установа е да обезбедиме ниту едно лице да не биде „колатерална штета“ на туѓа навика додека ги извршува своите професионални обврски“, се наведува во соопштението.
Затоа, Институтот ги повикува работодавачите, особено во угостителството, да ја поддржат примената на законот како мерка за безбедност при работа, а не како „казна“; работниците да го препознаат правото на чист воздух како дел од правото на безбедно работно место; инспекциските и надлежните органи да обезбедат доследна примена, затоа што само така законот ќе ја исполни својата цел.
„Со спроведувањето на овие мерки, не само што ги штитиме поединците, туку и ја зајакнуваме нашата економија преку намалување на боледувањата и продолжување на животниот век на нашата работна сила. Институтот за медицина на трудот на РСМ цврсто стои зад овој закон. Јавното здравје и безбедноста на нашите работници мора секогаш да имаат предност пред комерцијалните интереси. Повикуваме на поддршка од сите чинители за оваа транзиција кон почиста, поздрава и попродуктивна работна средина за сите работници во нашата земја“, се наведува во соопштението.
фото/Depositphotos

