Македонија
Жестока дебата во ЕП за спорот за името
Состанокот на делегацијата на ЕП, на кој требаше да се подготви Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, заврши со жестока дискусија меѓу германските и грчките европратеници, околу спорот за името
Состанокот на делегацијата на ЕП, на кој требаше да се подготви Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија, заврши со жестока дискусија меѓу германските и грчките европратеници, околу спорот за името.
Ова денеска го јави „Дојче веле“ програма на македонски јазик, додавајќи дека дискусијата излезе од контролата на претседавачот веднаш по воведното излагање на амбасадорот на Република Македонија при Европската унија, Блерим Река, кој нагласил дека неговата земја ги исполнила сите услови за почеток на преговорите за членство во Европската унија, но се соочува со прашањето на името, кое се претвори во „непишан“ критериум кој може да го закочи процесот на евроинтеграциите на Македонија.
Грчките европратеници Јоргос Кумуцакос и Ани Подимата, поддржани од бугарскиот Евгени Кирилов, во повеќе наврати инсистираа на добрососедски односи, барајќи од македонските власти да се воздржат од провокации кон соседите. Според нив проблемот со името не е само билатерален. Кирилов побара да се испита, која од двете страни покажува конструктивност и подготвеност за компромис.
Германските европратеници Мишел Крамер и Мартин Кастлер, заедно со Романката Моника Маковеи, тврдеа дека станува збор за исклучиво билатерален проблем, неразбирлив за другите, но кој ја блокира Македонија на патот кон НАТО и ЕУ.
Тие бараа спорот за името да не ја попречува Македонија во евроатлантската интеграција.
Грчкиот европратеник и потпретседател на делегацијата, Николас Салавракос, од редовите на партијата на Караџаферис, слично како и неговиот политички лидер, провокативно побара од македонскиот амбасадор да ја именува неговата земја според привремената референца, на што амбасадорот категорично одговори. „За мене тоа е Република Македонија и јас сум амбасадор на Република Македонија и тоа е уставното име на мојата земја. Јас само така ќе ја нарекувам.“ Салавракос најави дека нема да патува на 18 и 19 февруари на состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет во Скопје.
Претседателот на делегацијата германскиот пратеник Јорго Шацимаркакис видно вознемирен од текот на расправата, во која на моменти не знаеше на која страна да застане, нагласи дека тој ќе биде присутен во Скопје.
„Очекувам да зборуваме за содржината на напредокот во економијата, реформите и заштитата на природната средина, спроведувањето на Охридскиот договор и правата на малцинствата“, рече Шацимаркакис
Тој не сакаше да зборува за спорот со името, претходно велејќи дека се’ уште постои првчниот елан по изборот на новата грчка влада. Шацимаркакис ја повтори неговата идеја за улогата која може да ја игра Хавиер Солана за изнаоѓање на решение за името за време на шпанското претседателство со ЕУ./крај/дв/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

