Македонија
Груевски: Минималната плата ќе се зголеми на 14.000 денари

Програмата со која ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи на претстојните предвремени парламентарни избори се вика „Реално“,напишана е на 500 страници, а содржи проекти кои се реално остварливи, порача лидерот на партијата Никола Груевски.
„Тоа е нашата програма, која е убедливо најобемната и најдобра досега, која во себе содржи над 500 страници на проекти и прецизни рокови, буџети и носители и очекувани резултати“, рече Груевски.
Според Груевски, ова е програма за сите оние Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и останати кои сакаат да живеат во унитарна и суверена Македонија, а не во држава со кантони, федерални единки.
Во програмата е предвидено зголемување на социјалната помош, пензиите и минималната плата.
За подобрување на стандардот на населението предвидуваме зголемување на платите во јавниот сектор за вкупно 10,25 отсто, во јануари 2018 и во јануари 2020 година, по 5 отсто. Пензиите ќе се зголемат за вкупно 10,25 отсто, и тоа во септември 2018 година и во септември 2020 година, по 5 отсто. Зголемување пак на социјалната и на постојана парична помош ќе изнесува 50 отсто, во четиригодишен период.
Имајќи ги предвид позитивните резултати од воведувањето на минималната плата, ќе се зголемува и во следниот период.
Од постоечката која изнесува 10.080 денари, ќе порасне на 12.000 денари во 2017, 12.500 денари во 2018, 13.200 денари во 2019, на 14.000 денари во 2020 година. Во текстилната и кожарската индустрија минималната плата која сега изнесува 9.000 денари, ќе порасне на 10.500 денари во 2017, 11.500 денари во 2018, 12.500 денари во 2019, на 13.500 денари во 2020 година. Ова покачување е реално и балансирано, и тоа ќе обезбеди зголемување на платата без ризик за отпуштања на вработени или пак проблеми кај работодавците, заклучи Груевски./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.