Македонија
AСОМ: Итно повлекување на предлог-законот за игри на среќа – 10.000 вработени ќе останат на улица
Силна осуда на вчерашниот потег на Владата, која на седница по предлог на Министерството за финансии ги утврди предложените измени и дополнувања на Законот за игри на среќа и забавни игри, изрази Асоцијацијата на спортските обложувачници (АСОМ).
Од АСОМ потенцираа дека овој закон, кој де јуре значи оддалечување на објектите за игри на среќа на 500 метри од училиштата, де факто е закон за гасење индустријата, оставање над 10.000 вработени на улица и отворање широко врата за диви обложувачници и сива економија.
„Прашуваме кој има интерес од ваков закон и зошто воопшто се предлага? Сакам јасно да посочам дека анализите што ги правевме и веќе неколкупати сме ги изнеле во јавноста јасно укажуваат дека се затвораат над 92 % од локалите со ваквиот закон, а со тоа целосно се уништува легалната индустрија на сметка на нелегалната“, истакна претседателот на АСОМ, Васко Илијевски, обраќајќи се до медиумите пред Владата.
Од АСОМ најавија дека ќе ја известат и Европската Унија оти неевропски закон ќе биде донесен со европско знаменце и ќе бараат итно да се спречи неговото донесување.
„Прашуваме, дали е вистина дека овој закон, како побргу и без дебата би се протуркал, ќе биде со европско знаменце или во скратена постапка? Владата е должна веднаш да одговори бидејќи тоа е незаконски и неиздржано според правилата за носење закони со европско знаменце. За ова ќе ја известиме Европската Унија и ќе бараме итно да се повлече законот од носење во таква процедура. Владата очигледно сака преку ноќ и без дебата да донесе закон во нечиј интерес, треба да одговорат во чиј“, рече Илијевски.
Претседателот на АСОМ, Илијевски, во своето обраќање изрази сомнеж во однос на нетранспарентноста на донесувањето на предложените измени на Законот за игрите на среќа алудирајќи на тоа дека станува збор за смислено сценарио.
„Зошто предлог-законот не е достапен на увид на претставниците на индустријата? Во која демократска и правна држава се носат закони без основна дебата и комуникација со претставниците на таа индустриска гранка? Ние кои сме директно погодени од најавените измени на законот сè уште не сме запознаени прецизно што сè измените предвидуваат, па со тоа добиваме индикација дека предложените измени намерно и смислено се кријат од нас!“, истакна претседателот на АСОМ, Илијевски.
Според информациите достапни за АСОМ, во новиот предлог-закон повторно е изоставен делот со кој се овозможува приредувачите да организираат и онлајн-обложување како во сите европски земји.
„Дали под европско знаменце се носи неевропски закон, кој штити монопол во организацијата на игри на среќа, односно од неодамна дуопол со отворање на вториот државен оператор? Денеска сме тука да испратиме апел дека нема мирно да стоиме и да дозволиме нашите вработени да останат без егзистенција. Истакнуваме дека од оваа стопанска гранка директно и индиректно редовни примања добиваат околу 54.000 луѓе!“,рече Илијевски.
Од АСОМ предупредија дека ако се стави клуч на врата на легалните спортски обложувачници, обложувањето нема да запре и играчите ќе бараат алтернатива и тоа ќе се префрли на нелегални локации, каде што државата ќе нема контрола ниту врз средствата ниту врз безбедноста на играчите.
„Како пример може да ја посочиме Албанија, која пред 4 години го забрани спортското обложување, а потоа беше сведок на апсења секоја недела поради дивите обложувања. Поучени од негативното искуство албанските власти најавија повторна легализација на спортското обложување во првиот квартал на 2023 година. Дали нашата Влада има интерес да донесе закон со кој ќе ја направи грешката на Албанија? Дали ова се прави можеби намерно? Наместо да учиме од туѓите негативни искуства со предвидените законски измени, директно одиме во амбис“, посочи Илијевски.
Од АСОМ истакнаа дека ниедна европска земја нема ваков закон затоа што тој едноставно не функционира посочувајќи дека ваквите рестриктивни закони докажано носат спротивен ефект, кој отвора ново поле за нелегален профит и ризик за играчите.
Асоцијацијата ги повтори своите барања за итно повлекување на предлог-законот и формирање работни групи помеѓу институциите и приредувачите, со цел носење ефикасен и европски закон.
„ЕУ и претставниците на ЕУ во земјата да побараат увид во овој закон со кој се злоупотребува европското знаменце. Одговорно тврдиме дека нема правна основа тој да се носи под европско знаменце, ниту по скратена постапка, а со тоа да се скрати дебатата. Итно имплементирање на сугестиите што ги даде АСОМ на неколку наврати на ЕНЕР-системот на претходните верзии од законот; Пратениците одговорно да постапат и да свикаат дебата со цел да ги изложиме аргументите, кои се целосно на наша страна“, порача Илијевски.
Од АСОМ потенцираа дека преку активно поддржување едукативни кампањи и силна финансиска поддршка, како и директна работа во заедницата, може да се направи многу повеќе отколку со носење неефикасни закони и апелираа Собранието да работи во корист на државата и да го спречи донесувањето на овој штетен закон.
Претседателот на АСОМ, Илијевски, најави дека доколку Владата итно не ги прими на состанок и на кој било начин се обиде да го протурка законот, ќе преземат радикални чекори за заштита на вработените и индустријата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Симнете ги розовите очила и погледнете ги работниците – порачаа синдикатите до функционерите на протестот за повисоки плати, се бара 600 евра минималец
Со транспарентот „Протестираме за плата“, голем број граѓани излегоа на улиците за да го поддржат протестот на Сојузот на синдикатити и да го изразат незадоволството од ниските плати во земјава.
Синдикалците бараат зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување од по 100 евра за сите останати плати.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека доколку барањата не бидат исполнети, ќе следуваат блокади и генерален штрајк. Тој најави и собирање 10.000 потписи со кои синдикатот би станал овластен предлагач на закон за намалување на платите на функционерите за 80 проценти и зголемување на минималната плата на 600 евра, како и зголемување на другите плати за најмалку 6.000 денари.
„Ќе ве ставиме на тест, ќе гласате за себе наспроти луѓето кои ве гласаат вас, или ќе гласате за луѓето кои со нивниот глас ви го овозможуваат вашиот луксуз, а доколку не се случи тоа и вие ќе стоите од оваа страна на зградата, заедно со нас и ќе не поддржувате за да ви се зголеми вашата плата,“ додаде Трендафилов.
На протестот беше испратена пораката и дека Владата води најсиромашен народ и најсиромашна држава во Европа, со повик до функционерите да ги симнат розовите очила и да ја согледаат реалната состојба на работниците.
Од ССМ најавија дека протестите ќе продолжат сè додека не се исполни целта за зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати плати.
Македонија
СДСМ ќе предложи зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите
Социјалдемократскиот сојуз ќе поднесе законски решенија во Собранието за зголемување на платите на работниците и замрзнување на платите на функционерите, соопштија од партијата.
Како што наведуваат, предлог-законите се подготвуваат имајќи ја предвид тешката положба на работниците, намалениот животен стандард на граѓаните, како и барањата изнесени од Сојузот на синдикатите. Според најавата, СДСМ ќе предложи зголемување на минималната плата на 600 евра, зголемување на платите за 100 евра во останатите сектори, како и законски решенија за замрзнување на платите на функционерите.
Од партијата наведуваат дека ги поддржуваат барањата на работниците и на Сојузот на синдикатите, истакнувајќи дека секој работник заслужува достоинствена плата за живот.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека деталите за предложените законски решенија ќе ги образложи на прес-конференција.
Македонија
ДОМ: Поддршка за повисоки плати, но со одговорен и одржлив економски пристап
Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја препознава реалната состојба на ниски плати и растечка сиромаштија со која се соочуваат голем број граѓани и ја поддржува потребата од отворање сериозна јавна и институционална дебата за подобрување на животниот стандард на работниците.
Од партијата соопштија дека даваат поддршка на денешните протести и на заложбите на синдикатите за подостоинствен живот за сите работници.
Истовремено, ДОМ оценува дека прашањето за зголемување на минималната плата, вклучително и предлогот таа да изнесува 600 евра, е комплексно и треба да се базира на пресметки кои ја одразуваат состојбата на сите засегнати страни. Според партијата, потребно е внимателно да се согледаат реалните економски ефекти, можниот притисок врз работодавачите, особено малите и средни претпријатија, како и ризикот од дополнително подгревање на инфлацијата.
Во соопштението се наведува дека ова прашање ги отвора и пошироките структурни предизвици на пазарот на труд, како што се различните модели на формално пријавување со минимални примања, неусогласеноста меѓу реалната економска активност и официјално прикажаните приходи, како и други појави кои го прават системот нефункционален и социјално неправеден.
ДОМ нагласува дека ниските плати и сиромаштијата се сериозен проблем, но решенијата мора да бидат внимателно осмислени за да не се создадат дополнителни економски ризици и несигурност – и за работниците и за работодавачите.
Од партијата порачуваат дека е потребно реално, системско и социјално праведно решение, засновано на дијалог меѓу синдикатите, работодавачите и институциите, оценувајќи дека станува збор за надпартиско прашање кое не смее да биде предмет на дневно-политички препукувања, туку заедничка одговорност за обезбедување одржлив и достоинствен животен стандард за граѓаните.

