Македонија
Академик конференција: Светската правна мисла ги соочи искуствата за правните ризици
Светската правна мисла, минатата недела на меѓународната конференција што ја организираше Академик, ги компарираше, анализираше и ги соочи светските искуства во областа на правните ризици чија основна цел е подигнување на свеста за правните ризици, примената на управувањето со правните ризици во функција на организираниот правен систем и општество и исполнувањето на правните вредности и начела на домашен, регионален и глобален план како што се ефикасноста, економичноста и правната сигурност.
Конференцијата започна со поздравен говор на познатиот македонски адвокат Георги Димитров, кој, како што го нарекоа неговите колеги, е вонсерискиот адвокат чија визија за менаџирањето на правните ризици повторно Македонија ја вброи во редот на земји од каде светската правна мисла ќе рефлектира нови вредности за правото и космополитските аспекти на правно-деловната култура.
Димитров го нагласи значењето на ваквото вмрежување на правниците од регионот кои ја имаат исклучителната можност да ги слушнат најеминентните имиња на современата адвокатура, експертиза и професура, бидејќи, како што подвлече реномираниот адвокат, трендот на иднината подразбира поширок интернационален контекст на сфаќањето и применувањето на менаџментот на правните ризици.Во таа насока, Димитров посочи дека системот за управување со правните ризици денес подразбира и добро организирана држава, што секако се одразува врз целокупниот имиџ на државата, нејзиното правосудство, адвокатурата и бизнис заедницата.„Следната Конференција ќе ја организираме во Истанбул и ќе продолжиме со она што е главната цел и мисија на Академик Конференциите“, истакна Димитров, навестуваjќи го, на огромен поздрав од публиката, следниот меѓународен чекор и афирмација на конференциите за управување со правни ризици.По воведниот говор на Димитров, своја презентација имаше Метју Вајли, врвниот британски експерт за правни ризици, кој пристигна од престолнината на правните ризици – Лондон.Метју Вајли од реномираната британска фирма „Berwin Leighton Paisner“, говореше за петте столба на управување со правни ризици на системски начин, притоа истакнувајќи го неговиот пробив на британската адвокатска сцена и како полека, но сигурно, го започнал менаџментот на правните ризици.Свеста на компаниите за правните ризици, петте чекори за прогрес, имплементацијата на правните ризици, прецизните нормативно-деловни варијабли, утврдувањето на приоритетите и начините за пософистициран третман на правните ризици беа сегментите кон кои се задржа Вајли, притоа потенцирајќи дека и самите регулaтиви имаат иманентна функција во таа насока. „Да се предвидат регулативите во иднина – тоа е еден од врвните приоритети и значења на правните ризици“, подвлече британскиот експерт.На големо задоволство на учесниците, реномираниот адвокат и легендата на балканската адвокатура – адвокатот Тома Фила, зборуваше за специфичностите на постапките пред специјалните судови, но на нему препознатлив стил, се осврна преку фантастичен сатиричен колаж и на правосудните балкански состојби.Фила не пропушти да упати и забелешки за Хашкиот трибунал бидејќи за него судот најмалку е персонификација на правото и заради таквиот „судски феномен“ е интересен за елаборација.Хашкиот трибунал е сè освен суд, рече Фила, последователно, анализирајќи ги новитетите во кривичното процесно право и поставеноста на адвокатите во самата кривична постапка, парадоксите со вкрстените испрашувања, „нееднаквоста на оружјето“ во постапката, притисоците врз судството од политичките центри и извршната власт, како и штрајкот, односно протестот на српските адвокати.
„Се носат закони кои се противуставни, јасна е улогата на адвокатите според Уставот, но министерот за правда очигледно нема разбирање. Се прават притисоци“, истакна легендарниот Фила.Познатиот адвокат дополни дека не само адвокатите туку и судиите се тие кои сами треба да ја водат својата борба, затоа што тие самите треба да си се избираат без вклучување на другите власти во „улогата“ на судството.Искусниот адвокат, како заклучок кон својата дискусија, акцентираше дека секогаш во правото, а особено во кривичната постапка треба да се внимава на политичките ризици бидејќи тоа е во непосредна врска со независноста на судството, но и со стабилноста на адвокатурата како уставна категорија.На 350-те учесници им се обратија светски реномираните предавачи, а присутни беа високи политички претставници од областа на правдата, домашната, регионалната и светската адвокатура и правосудство, видни членови на домашна и регионална академска заедница, претставници на студентската средина, претставници на бизнис заедницата и менаџментот, публицистиката и почитувачите на правната мисла.крај/академик
Извор: Akademik.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МНР: Наместо неаргументирани коментари, од Бугарија очекуваме европско однесување и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик
Република Северна Македонија останува доследна на европските правила и на мерит-базираниот пристап кон проширувањето. Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците е изработен на македонски и англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, во блиска консултација со Совет на Европа и Европската комисија. Документот содржи јасно дефинирани мерки, рокови и надлежни институции и е целосно усогласен со највисоките европски стандарди, велат од МНР како одговор на бугарското МНР дека Бугарија изразува загриженост за отстапувањата на Скопje од Европскиот консензус од 2022 година.
„Процесот на изработка на Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година. Во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата. Од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди.
Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик.
На крај, потенцираме дека Република Северна Македонија е препознаена како позитивен пример на европско ниво во примената на правата на заедниците и така ќе продолжи и во иднина. Остануваме цврсто посветени на еднаквоста, инклузијата и ефикасната имплементација на политиките во интерес на сите наши граѓани“
Македонија
Спречени обиди за шверц на мобилни телефони, парфеми, над два тони храна, тутун и живи птици, соопшти Царината
Царинските службеници и мобилните царински тимови спречили обиди за шверц на 103 мобилни телефони, повеќе од два тони банани, 500 пакувања суплементи, 400 литри маслиново масло, 53 литри масло од црно семе, 24 килограми режан тутун, опрема за спа уреди, околу 400 парчиња козметика, над 100 парфеми од познати брендови, како и домашни птици
Според информацијата од надлежните, на граничниот премин Табановце царинските службеници во три случаи заплениле 500 пакувања суплементи, автоопрема, алати за градежни работи и друга специјализирана скапа опрема со вкупна вредност од над 1,2 милиони денари. Со ова е спречен обид за избегнување плаќање давачки од 428 илјади денари.
Во други три случаи царинските службеници на граничниот премин Деве Баир при преглед на автомобили и автобус спречија и обиди за шверц на над 130 парфеми, меѓу кои и „Армани“, Жан Пол Готје, Марк Џејкобс, Жал Пол Готје. Возачите иако уредно прашани дали имаат нешто да пријават, не пријавиле ништо, по што поради сомневање во нивните изјави извршен е детален преглед при што се пронајдени непријавените производи. Во автобусот производите биле скриени во багажникот, додека во автомобилите парфемите со потпис на познати брендови биле откриени во фабричка шуплина на багажниот простор, во кутија за велосипед, на задните седишта, како и во куфер помеѓу спакувани алишта.
Против сторителите, македонски државјани, се поведени соодветни постапки – во пет случаи прекршочна, а во еден случај покрената е кривична постапка пред ОЈО Куманово.
Инспектори од Одделението за оперативни работи при преглед на возила на граничните премини, во внатрешноста на државата, како и при преглед на стока за увозно царинење спречија повеќе обиди за шверц. Запленети се опрема за спа уреди, поголема количина облека, автоделови, алати, 15 литри за премачкување цитрусни овошја, 234 парчиња козметика за лице и коса, 53 литри масло од црно семе, илјада парчиња лед рефлектори и лед панели кои повредуваат право од интелектуална сопственост, ремени за затегнување стока и други производи за кои сторителите се обиделе да избегнат плаќање давачки кон државата.
Во еден случај откриен во внатрешноста, две лица македонски државјани се затекнати како вршат претовар на стока од автобус во патнички возила, за којашто не поседувале документи ниту доказ за платени увозни давачки. Против сите лица, поведени се соодветни постапки.
Царински службеници од царинарница Гевгелија спречија обиди за криумчарење 2,3 тона банани и 400 литри маслиново масло. Обидот за криумчарење банани е откриен на царинска испостава Гевгелија при контрола на пратка пријавена за увозно царинење, при што е откриено дека поголема количина на банани не се опфатени со царинските документи, со што увозникот се обидел да избегне плаќање давачки. Обидот за шверц на 400 литри маслиново масло е откриен на влез граничен премин Дојран при контрола на возило управувано од германски државјанин.
24 килограми режан тутун без акцизни маркички се пронајдени во багажниот простор на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, при контрола извршена oд царински службеници на излез од царинската испостава Слободна зона Бунарџик.
Царинските службеници на граничниот премин Делчево, во два одделни случаи, при контрола на автомобил и камион, открија обиди за шверц на делови за камиони, 100 литри синтетичко моторно масло, алати, дрон и негови компоненти, фотоапарат и разна друга стока. Сите пронајдени производи се одземени, а против сторителите е покрената соодветна постапка.
На граничниот премин Деве Баир на излез од државата царинските службеници открија 103 половни „Ајфон“ и „Блекбери“ телефони што бугарски државјанин сакал да ги криумчари. Телефоните се откриени при претрес на автомобилот со кој патувал во кутија покриена со јакна и ранец.
Македонија
Општина Кисела Вода: Се чистат паркот „Македонија“ и останатите паркови во општината
Темелно се чисти паркот „Македонија“ и околните улици. Општина Кисела Вода, преку Секторот за месна самоуправа, ангажираше околу 30 сезонски работници кои спроведуваат интензивни активности за унапредување на јавната хигиена. Во фокусот на акцијата е собирањето на паднатите лисја, карактеристични за овој период од годината, како и отстранување на друг отпад од парковските површини, соопштија од општината.
Оваа акција, како што е наведено во соопштението, е дел од континуираниот пристап на Општина Кисела Вода за одржување и унапредување на јавната хигиена, а во наредниот период ќе продолжат слични интервенции и во другите паркови и зелени површини ширум општината, особено на локации со зголемена фреквенција на граѓани.
-Грижата за јавната хигиена и зелените површини е еден од нашите постојани приоритети. Со вакви редовни активности обезбедуваме парковите да останат чисти и уредни. Паралелно со ангажманот на општината, упатувам апел и до граѓаните за заеднички одговорен однос кон просторот што секојдневно го користиме, затоа што само заедно можеме да имаме чиста и уредна Кисела Вода- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.

