Македонија
Бачев бара поништување на изборниот резултат поради немање доволно жени на листите
Народното движење за Македонија (НДМ), на чело со претседателот Јанко Бачев, во понеделник поднесоа тужба за поништување на седум кандидатски листи и поништување на изборните резултати од овие листи.
„Овие листи се незаконски од најмалку четири причини: Прво, во една листа сите кандидати се машки лица иако според Изборниот законик најмалку 40 осто од кандидатите мора да му припаѓаат на помалку застапениот пол, односно, кандидати жени. Второ, во две листи на една партија на секои три места нема кандидат-жена иако според Изборниот законик на секои три места најмалку едно место му припаѓа на помалку застапениот пол, односно женско лице“, рече Бачев.
Третата причина е дека со одлука на ДИК со која се потврдуваат листите кај една коалиција како подносители се утврдени две партии и две здруженија, иако според Изборниот законик подносители на листи се регистрирани политички партии или група избирачи, што значи дека законот не дозволува подносител да биде здружение на граѓани.
А како четврта причина Бачев наведува дека сите листи на партиите ДУИ, ДПА, Беса и Алијанса за Албанците се поднесени само на албански јазик, иако според Изборниот законик, подносителите на листите во изборните единици во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, поднесувањето на листите може да се врши и на друг јазик и овој услов е законски само во Изборната единица број 6, меѓутоа, овие партии листите ги поднеле на албански јазик и во изборните единици 1,2,3, 4 и 5 каде нема најмалку 20 отсто население кое зборува јазик различен од македонскиот.
Тој се надева дека судечкиот судија кај кој ќе падне предметот ќе покаже храброст и знаење и ќе одлучи според логиката на правото./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

