Македонија
Бесплатен интернет на скопскиот аеродром
Почнувајќи од 15 -ти октомври „ТАВ Македонија“ во соработка со „Македонски телеком“ воведе бесплатен интернет на скопскиот аеродром „Александар Велики“.
Станува збор за бесплатен безжичен интернет кој е достапен во терминалната зграда и во вип-салонот на скопскиот аеродром, а кој патниците можат да го користат со едноставно приклучување на безжичната мрежа „Telekom HotSpot“. По поврзувањето на оваа мрежа, патниците преку интернет пребарувачот на својот мобилен уред автоматски се поврзуваат со веб страница на која преку кликање на иконата „Поврзи се“’ можат да го користат бесплатниот интернет, без потреба од впишување лозинка.Ваквото поврзување трае 30 минути, а по секоја сесија на интернет потребно е ново најавување на корисникот на безжичната мрежа.„Навистина сме среќни што можеме да додадеме уште една нова корисна услуга за патниците во нашето портфолио на ткн неавијациски услуги и со тоа да се приклучиме на глобалниот тренд за бесплатен интернет. И досега нудевме бесплатен безжичен интернет, но беше ограничен на одредени локации и со одреден временски интервал, а сега го нудиме во целата терминална зграда неограничено. Со новиот квалитетен и брз интернет кој сега го нудиме во соработка со ‘Македонски телеком’, веруваме дека ќе ги задоволиме потребите на патниците да бидат во тек со информациите на интернет, како од бизнис аспект, така и од аспект на забава и релаксација додека престојуваат во терминалната зграда“, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“.Брзиот интернет на аеродромот „Александар Велики“ обезбеден од „Македонски телеком“ е придружен со корисничка заштита, што значи дека секоја несоодветна содржина како вируси и спам, ќе биде филтрирана. Од ТАВ Македонија велат дека секогаш се трудат да обезбедат најдобри – висококвалитетни услуги за патниците во секој сегмент на работењето, вклучувајќи ги и авијациските и неавијациските услуги. Аеродромскиот оператор првите девет месеци од годинава ги заврши со 20 отсто пораст на вкупниот број на патници на двата аеродроми – во Скопје и во Охрид, достигнувајќи вкупна бројка од 1.183.728 патници во периодот јануари – септември. /крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.
Македонија
(Видео) Лукаревска: Владата предлага ново задолжување од 20 милиони евра без информации за каматата
Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, денеска изјави дека Владата во Собранието поднела Предлог-закон за ново задолжување од 20 милиони евра, наменето за изградба на фискултурни сали, без да достави информации за висината на каматната стапка.
Лукаревска оцени дека државата се наоѓа во финансиски тешка состојба и дека задолжувањето, според неа, оди во опасна насока. Таа посочи дека нема средства за зголемување на платите, за минимална плата од 600 евра и за нови мерки за поддршка на животниот стандард на граѓаните, додека, како што рече, секојдневно се реализираат милионски тендери кои ги добиваат исти фирми блиски до власта.
Според Лукаревска, во државниот буџет недостигаат околу една милијарда евра, а владата таа дупка ја пополнува со нови задолжувања кои, како што наведе, ќе ги отплаќаат идните генерации.
Таа потсети дека Владата веќе се задолжила со една милијарда евра од Унгарија, 660 милиони евра на домашниот пазар, како и 100 милиони евра преку државни обврзници во декември 2025 година, а најавено е и ново задолжување од шест милијарди евра.
Лукаревска се повика и на проекциите на Светската банка, според кои јавниот долг годинава ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што, според неа, ја прави државата најзадолжена во Западен Балкан.
Пратеничката на СДСМ порача дека нивните пратеници ќе се спротивстават на ова и на секое идно задолжување, повикувајќи ја Владата да го повлече предлогот, да ги намали трошоците и задолжувањето и да обезбеди средства за граѓаните.

