Македонија
ДУИ: Слободна економска зона во Липково

Демократската унија за интеграција најави градење на нова економска зона во општина Липково, со која тежнеат кон значително намалување на невработеноста, поттикнување на малите и средни бизниси во регионот, со цел постигнување на потполна економска рамноправност на жителите од зоната.
Носителот на листата во 2 изборна зона, Ејуп Алими рече дека овој проект по автоматизам значи и илјадници работни места во приватниот сектор за жителите околу зоната.
„Со отворањето на економската зона во Липково, ќе се создадат илјадници нови работни места. Ова не е првата и за бизнисите, затоа што досега се отвори тетовската, кичевската и струшката. Оваа економска зона ќе придонесе за сите околни населени места, затоа што ќе отвори нови можности и за бизнисите од зоната“, рече меѓу другото Алими кој што увери дека оваа економска зона ќе стане реалност во текот на идниот мандат.
„Нивото на невработеноста меѓутоа, и економското издигнување на зоната и бизнисите што постојат таму, останува таргет на проектот кој што ДУИ планира да го реализира“, рече меѓу другото министерот за економија Дритон Кучи.
„Се надеваме дека проектот ќе влијае убедливо на намалувањето на невработеноста и веруваме дека со идниот мандат ќе се постигне и главната цел, целосната економска рамноправност“, рече министерот Кучи.
Демократската унија за интеграција проценува дека економската рамноправност е суштинска и затоа планира градење на оваа зона во Липково со цел и на овој регион да му се подигне стандардот, како економскиот, така и социјалниот./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Едноетничките патни табли на влезот во Струга уште една свесна провокација против Албанците“, велат од ДУИ

„Демократската унија за интеграција најостро го осудува поставувањето на еднојазични патни табли на влезот во Струга, чин што претставува директна и намерна провокација кон Албанците и вредностите на соживотот во државата“, велат од ДУИ.
„Кога Владата поставува патна сигнализација само на македонски јазик во град како Струга, тоа не може да се нарече техничка грешка. Тоа е јасна политичка порака. Провокација. Дел од една продолжена и системска стратегија на исклучување.
Исклучувањето на албанскиот јазик, игнорирањето на Албанците во институциите, негирањето на нивниот придонес и вредности станаа одлика на оваа моноетничка влада.
Се поставува прашањето: кому му служат овие постојани понижувања? Кој има интерес од зголемување на тензиите? И дали ова е цената што Владата ја плаќа за учеството во проектот „Српски свет“?
Секојдневно се преминуваат црвените линии. ДУИ бара итно отстранување на еднојазичните табли и нивно усогласување со Уставот и законите каде што албанскиот јазик е официјален и рамноправен.
Албанската заедница нема да молчи пред обидите за бришење на албанскиот јазик од јавниот простор“, се додава во соопштението на ДУИ.
Македонија
Арсовска со отворено писмо до Михалис Рокас: Во секоја држава има мафија, само во Македонија мафијата си има своја држава

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска упати отворено писмо до Михалис Рокас, Амбасадор на Европската Унија во Македонија.
„Почитуван господин Рокас,
Денес сте домаќин на Еврокомесарката Марта Кос во Скопје на голем настан Самитот ЕУ – Западен Балкан посветен на Планот за раст.
Вчера излегоа на вонредна прес конференција институциите и пратеникот Бране Петрушевски, во одбрана на нивни партиски миленици кои добиле закани, а за жал нема никогаш да излезат во одбрана или осуда на насилие врз било кој друг, вклучително и врз мене.
Како човек и жена сум немала и немам заштита од ниту една институција за заканите кои континуирано ги добивам, кои сум ги пријавила и за кои јавно зборувам, затоа Ве замолувам на Еврокомесарката Марта Кос да и го пренесете следното од мое име:
ВО СЕКОЈА ДРЖАВА ИМА МАФИЈА, САМО ВО МАКЕДОНИЈА МАФИЈАТА СИ ИМА СВОЈА ДРЖАВА.
За заканите врз мене како жена и некој што не е од екипата на “јаките” партии, министерот за внатрешни работи наместо да постапува си тера политика, при загрозување на мојата, безбедноста на моето дете и семејство, како и безбедноста на вработените во град Скопје, МВР сè уште нема ни формално постапено по ниту една поднесена пријава.
Неодамна откривме значаен криминален скандал во кој е вклучен градоначалникот Висар Ганиу и неговата организирана криминална група од општина Чаир. Оваа група е вмешана во фалсификување и фабрикување на документи од повеќе институции, со што незаконски им овозможиле на одредени (дел малолетни) лица да стекнат милиони. Размерот и дрскоста на овие дела, кои во овој момент достигнуваат 152 откриени случаи, се алармантни и претставуваат сериозна закана за безбедноста на нашите жители.
Како одговор на доказите што ги прибавивме, Основното јавно обвинителство покрена истрага. Доказите ни се потврдени од повеќе јавни институции, како и од повеќе правни и физички лица. И покрај овие напори, заканите по мојата безбедност и безбедноста на вработените од Градот Скопјe кои работеа на откривање на овие кривични дела се интензивираат.
Нашите инспектори и вработените, кои вредно работат на овој случај, се подложени на насилство и брутална сила. Гумите на возилата им беа исечени со ножеви, при што и тие како и јас, добија директни закани по нивната безбедност, од лица вклучени со Висар Ганиу во овој скандал. Овие инциденти се официјално документирани и пријавени во Министерството за внатрешни работи, но бавното темпо на правдата ги става во ризик животот и безбедноста на секој од нас.
Со оглед на посветеноста на Европската Унија на владеењето на правото, што е дел од поглавјата за пристапување кон ЕУ, како и поддршката на напорите во борбата против криминалот и корупцијатата, ви се обраќам да пренесете дека Вашето вклучување не само што ќе го зајакне и придвижи постапувањето кон правдата, туку ќе испрати и јасна порака дека корупцијата и криминалните активности нема да бидат толерирани.
Ви благодарам на вниманието, се надевам ќе се одважите да ѝ ја пренесете на Еврокомесарката Марта Кос мојата порака“, се наведува во писмото на Данела Арсовска, градоначалник на Град Скопје.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.