Македонија
Facebook страната „Здрава бременост“ со информации и за новите родители
Со цел поголема достапност на стручни совети и информации за негата на новороденчето, како и сите важни аспекти на постпородилниот период и олеснување на родителската улога, на Facebook страната Здрава бременост, креирана од Министерството за здравство, почнувајќи од вчера е достапна брошура „Информации и совети за новите родители“.
Брошурата е изготвена од Заводот за мајки и деца, а печатена од Институтот за јавно здравје во рамки на активностите од Програмата за активна здравствена заштита на мајки и деца. Оваа брошура е достапна и на веб страната на Министерството за здравство, на следниот линк: http://zdravstvo.gov.mk/broshura-so-informacii-i-soveti-za-novite-roditeli/.Брошурата содржи стручни совети и информации за повеќе аспекти на постпородилниот период, меѓу кои: негата на новороденчето, совети за правилно доење, придобивки од доењето, симптоми кај новороденчето за кои се препорачува да се побара медицинска помош, како и општи препораки за родителите и родителската грижа.Воедно, почнувајќи од наредната недела на Facebook страната Здрава бременост на поставените прашања во врска со постпородилниот период ќе одговараат доктори од Заводот за мајки и деца, при Здравствен дом Скопје. За терминот во кој докторите ќе одговараат на прашања поврзани со постпородилниот период, заинтересираните ќе бидат навремено информирани на Facebook страницата./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oтстранети 𝟣𝟧𝟢𝟢 кубни метри отпад од диви депонии и изготвени 𝟣𝟩𝟫 записници за правилно одлагање на отпадот во текот на ноември
Во текот на месец ноември 2025 година, Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше вкупно 179 едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Претставниците на Еко-патролата ги информираа и едуцираа граѓаните на кој начин, каде и во кои термини, согласно законските одредби, треба да го одлагаат комуналниот отпад и отпадот од пакувања, со цел – заштита на животната средина и јавното здравје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Во текот на минатиот месец, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 1500 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Интервенирано е во речиси сите скопски општини, како и на таканаречените „црни точки“ каде што е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и на сообраќајни површини“, велат од ЈП Комунална хигиена-Скопје и додаваат дека во наведените месечни податоци, не се пресметани отстранетите количини непрописно одложен отпад во рамките на масовната акција за чистење на градот што се одвиваше во периодот од 6-9 ноември.


Македонија
„РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање конечна цена на водата“, порака од тркалезната маса
РКЕ да ја преземе во целост надлежноста во формирање на конечна цена на водата – е пораката од тркалезна маса „Иницијатива за промена на постапката за утврдување на тарифите за водни услуги и влијанието на соодветните тарифи врз најгорливите проблеми со кои се соочуваат комуналните претпријатија“ во организација на Здружение на даватели на комунални услуги – АДКОМ.
Податоците покажуваат дека актуелниот начин на определување на цената е сложен, финансиски неодржлив, а услугата несоодветна поради што загубите на вода на национално ниво се искачија на 64%. Анализите на РКЕ покажуваат дека од 79 претпријатија што обезбедуваат водни услуги, за 20 од нив се донесени регулаторни одлуки, при што за 11 од нив советите на општините не дале согласност, а додека девет Јавни комунални претпријатија воопшто не ни поднеле барање за нова цена.
„Целта на ова иницијатива е преку интервенции во законските решенија да се создаде поедноставен, транспарентен и стабилен систем за утврдување на тарифите за водни услуги. Нудиме јасен и едноставен процес во формирање на конечната цена. Предлагаме кратење на бирократскиот процес, од шест во два чекори, со доставување на барање и утврдување на конечна цена . РКЕ подолго време алармира дека сегашниот начин на утврдување на цена е неефикасен: се доведува во прашање квалитетот на услугата, дефектите се зголемуваат, а јавните комунални претпријатија се борат за ликвидност“, изјави Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Анализите покажуваат дека од година во година трошиме поголеми количини на вода, а наплата се намалува и бројот на вработени се зголемува.
„Актуелните тарифи за вода не ги покриваат реалните трошоци и затоа јавните комунални претпријатија работат со загуба, па општините се приморани да ги субвенционираат. Последиците се мултидимензионални, а она што е најзагрижувачки е дека поради недостаток на средства, инвестиции нема и процентот на загуба на вода од година во година расте и сето тоа е резултат на старата водоводна мрежа. Со реализација на оваа иницијатива – ќе се создадат предуслови РКЕ да спроведе регулаторни одлуки и мерки со што ќе се обезбеди самоодржливост на ЈКП на долг рок. Ние дефинираме конечна цена, но предвидуваме и задолжителни средства за инвестиции и го ограничуваме бројот на вработени“, посочи Фатон Амбари член на РКЕ.
Македонија
Засилени контроли на градилишта во општина Аеродром: изречена казна од 1.300 евра за непочитување на Законот
Општина Аеродром изрече парична глоба од 1 000 евра за правно лице и 300 евра за управителот на истата фирма поради прекршување на Законот за јавна чистота.

„Санкциите следат по извршена контрола, при што инспекциските служби утврдија дека од градилиште во непосредна близина на ПС Аеродром во Ново Лисиче во сообраќај се вклучувале возила со валкани гуми, со што директно се нарушува чистотата на животната средина и се прекршуваат законските одредби.
Општина Аеродром потсетува дека ваквите прекршоци се недозволиви и дека ќе се санкционираат строго и без исклучок“, велат од Општината.

„Во наредниот период, Општина Аеродром, покрај редовните, најавува и засилени контроли на сите активни градилишта. Контролите ќе бидат насочени кон тоа дали се почитуваат сите мерки за заштита на животната средина, дали се преземаат обврските за спречување на загадување, дали се одржува јавната чистота на градилиштата и дали се избегнува узурпација на јавните површини при градежните активности.
Општина Аеродром упатува апел до сите правни и физички лица да ги почитуваат законите и прописите, затоа што само така можеме заеднички да обезбедиме чиста, здрава и безбедна средина за сите жители.
Општина Аеродром останува посветена на редот, хигиената и квалитетот на живот во урбаната заедница“, се наведува во соопштението од Општината.

