Македонија
Груевски: Македонија не се врти кон Русија, останува на патот на евроинтеграциите
Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ, но блокадата која трае 6-7 години за членството во НАТО и почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, ни направи голема штета на секаков план, вели премиерот Никола Груевски во интервју за Press24.
„Иднината на Македонија е во НАТО и ЕУ. Патем речено тоа го имаме демонстрирано и преку бројните наши учества во НАТО и ЕУ мисиите, како што се мисиите во Авганистан, Ирак, БиХ итн. Значи,ниту јас ниту владата немаме дилеми по ова прашање. За жал блокадата која ја имаме овие 6-7 години за членството во НАТО и почнувањето на преговорите за членство во ЕУ, мислам дека ни направи голема штета на секаков план“, вели Груевски.
Како коментар на појавата на руски знамиња и маици со Путин на митингот на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски вели дека станува збор за работи што ги направиле некои индивидуалци, а бидејќи живееме во демократија не може да им се забрани на луѓето што да облечат или кого да симпатизираат.
На прашањето дали смета дека САД, или Германија, Франција или Британија стојат зад кумановските настани, поточно кога полицијата во вооружен акција ликвидира десет и уапси повеќе терористи, Груевски вели дека за да смета такво нешто треба да има елементарни докази или барем индиции, а такво нешто нема.
„Досега немаме податок дека некоја држава, или нејзина разузнавачка служба, вклучувајќи ги и гореспоменатите, дала логистика или на било кој начин ја поттикнало криминално терористичката група да го стори делото. А впрочем и не гледам зошто токму држави кои толку многу инвестирале досега во стабилноста и развојот на Македонија би помислиле да ја дестабилизираат истата“, додава Груевски.
Тој смета и дека токму овие четири велесили не стојат зад снимените телефонски разговори на владини функционери, кои ги објавува опозицијата, но сепак вели дека постојат три докази дека се работи за странска служба, но од друга држава.
„Прво, дека самиот Заев ми кажа и пет пати ми повтори дека странска разузнавачка служба го снабдила со материјалот. Второ, во самите компјутери на првоосомничениот најдени се транскрипти од телефонски разговори на политичари преведени на англиски јазик кој се користи во меѓународна комуникација и помеѓу држави каде англискиот не е официјален јазик, очигледно наменети за странци. И трето, во исказите двајцата од осомничените,а едниот од нив и со судска пресуда, се кажува дека самиот Верушевски им говорел дека материјалите кои тие илегално ги снимале, за што признаа дека примале и парична надокнада, се наменети за странска разузнавачка служба. Тоа се искази на неговите соработници“, вели Груевски.
За гасоводот Турски тек, Груевски вели дека кога Брисел и Москва ќе постигнат договор за овој проект, ние би се вклучиле во него.
За решавање на спорот со Грција околу устаното име на Македонија, Груевски вели дека за жал во овој момент Грција е целосно фокусирана на нивниот финансиски проблем во земјата.
„Се надевам дека по неговото надминување, односно по надминувањето на неговата критична фаза, ќе се фокусира и на овој проблем чие решавање е од интерес на двете страни“, додава Груевски.
За неодамнешната изјава на премиерот на Албанија, Еди Рама дека Македонија не може да стане дел од НАТО без целосно да го имплементира Охридскиот договор, Груевски вели дека во интерес на граѓаните на Македонија и на Албанија е најбрзо интегрирање на двете земји во ЕУ и наше интегрирање во НАТО, каде што Албанија е веќе член. /крај/п24/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Во 2023 година, Владата предводена од СДС извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од Правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор.
СДС и Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите.
Владата на СДС на чело со Заев и Филипче свесно и намерно го сменила правилникот.
Во 2020 СДС на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и на значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион“.
Според владејачката партија, сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзувана со лице блиски на СДС и Заеви.
Прашуваат, зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на Закон, кои им биле мотивите и колку профитирале.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев, и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија?
Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“.
Македонија
„Филипче ја составил документацијата за модуларната болница во Тетово без елаборат за електрична енергија, кој ќе сноси одговорност за техничките пропусти поради кои загинаа 14 луѓе“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Поранешниот министер за здравство Венко Филипче, бил директно инволвиран во процесот на изработка на техничката документација за модуларната болница во Тетово, каде живи изгореа 14 луѓе. За ова говоревме минатата година во „Афера – Провизии кои чинат животи’’ каде посочивме на низа пропусти и недоследности, но продолжената рака на СДС Коцевски, цврсто ги чуваше кривичните пријави и докази за Филипче во фиока“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Според сведоштвото на Кадриу, вечерта на несреќата таа била повикана да се вклучи во истрагата, а подоцна ѝ се приклучиле и претставници од обвинителство меѓу кои тогашниот ДЈО Јовевски кој дошол со двајца свои обвинители.
Улогата на ДЈО Јовевски и останатите била процесот да го држат под нивен надзор и контрола.
Според Кадриу, околу 30 милиони евра биле обезбедени за изградба на овие објекти. Светската банка тогаш одобрила средства за изградба на модуларни болници на територија на Македонија.
Венко Филипче бил министер кога се изработувала техничката спецификација за модуларните болници. Градбата на модуларната болница, била направена од панели рециклирани со пурпена, кои тогаш не чинеле повеќе од 5-6 евра. Додека пак, оние подобрите и поквалитетните, како на пример панели со камена волна кои не горат до 40 минути, чинеле околу 17 евра. Во превод, според Кадриу, овие модуларни болници чинеле околу 300.000 евра, сите, а биле обезбедени за оваа намена 30 милиони евра.
Во чиј џеб завршиле парите?
Дополнително за објектот во Тетово, не бил изработен соодветен елаборат за електрична енергија, што дополнително влијаело на безбедноста.
Зошто немало соодветен елаборат за електрична енергија?
Зошто не се користеле квалитетни материјали?
Зошто се искористени минимум од дозволените средства?
Филипче одбил алтернативни предлози за згрижување на ковид-пациенти во рамки на постојните болнички капацитети.
Филипче ја одбил понудата на тогашниот медицински директор, кој понудил сместување на КОВИД пациенти, на двата спрата во тетовската болница кои стоеле така празни. Филипче тоа го одбил, поради тоа што овие модуларни болници морале да бидат изградени.
Вистинските виновници за модуларната болница во Тетово мора да одговараат пред законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Празнувајте со срце, возете со разум – без алкохол зад воланот на овој празник на виното и љубовта, апелира РСБСП
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата упатува апел до сите учесници за внимателно, совесно и одговорно учество во сообраќајот за време на празникот на виното и љубовта 14 Февруари – Свети Трифун и Ден на вљубените.
„Празниците се време за радост, блискост и споделени мигови со саканите. Но, вистинското прославување е онаа по која сите безбедно се враќаме дома. Затоа, не дозволувајте момент на невнимание да ја засени убавината на празникот. РСБСП потсетува: – Доколку консумирате алкохол – не седнувајте зад волан. Изберете јавен превоз, такси или возач кој не конзумирал аклохол. – Возете внимателно, почитувајте ги сообраќајните правила и прописи,грижете се за безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Сакајте и почитувајте го својот и животот на другите – затоа што секој живот е важен“.

