Македонија
Груевски: Сакавме да ја примиме мајката на Мартин Нешкоски, демонстраните ја злоупотребија ситуацијата
Премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска донеле одлука да ги примат мајката и братот на убиеното момче Мартин Нешкоски, но демонстрантите ја злоупотребиле ситуацијата, изјави Груевски во интервју за Канал 5.
„Веднаш донесовме одлука да бидат примени и заради таа одлука Министерката за внатрешни работи издаде наредба на командирот да ја отворат една од тие заштитни шипки за да може мајката да влезе. Тоа беше злоупотребено од другите, затоа што толпа народ навлегоа и се растури целата ситуација. Нема никаков проблем да биде примена дали од мене или од министерката“, изјави Груевски.Сомнеж во искреноста на намерите на мајката на Нешкоски фрлило тоа што побарала да биде примена во Владата во присуство на новинари, активисти на невладини организации, демонстрнати. Според Груевски, ако сакалада се сретне со премиер, министер за внатрешни работи или друг висок функционер немало потреба да носи со себе демонстранти и други активисти.Според него, протестите биле однапред планирани бидејќи дошле подготвени луѓе, со готови банери, транспаренти, реквизити. „Станува збор за партиски активисти и членови на СДСМ, од прилика околу 1.500 до 2.000 луѓе, меѓу кои имаше и други луѓе, коишто се најчесто сторители на кривични дела и во други настани, дел од некои навивачки групи, коишто во секоја слична прилика кадешто има настан, кадешт има тензии, прават нереди, прават насилство. Полицијата реагираше мошне професионално. Истрпи многу, ги маваа со што ќе стигнат. Луѓето стоеја со штитови пред себе. Неколки часа ги маваа со шипки на којшпто има клинци, со цел да ги повредат. Ги маваа со камења, ги маваа со различни други предмети, издржаа огромна и многу тешка ситуација и морам да им честитам на полицајците за мошне сталожениот став. Имаше и луѓе кои мирно си протестираа, но имаше и стотина кои насилно протестираа. Снимките тоа ќе го покажат денеска. Сите ќе се уверат кој фрлаше камења, кој фрлаше шипки по полицијата, има 38 повредени полицајци“ вели Груевски.Снимките кои што ги објави опозицијата со аудио разговори од високите функционери во коишто се слушаат разговори на високи функционери, според Груевски, иако биле сечени и креирани покажале дека полицијата навистина немала информации дека се случилло убиство.„Прво, во првите моменти, во првите 10-15 часа МВР навистина не било информирано затоа што никој не го пријавил случајот во Министерството за внатрешни работи вклучувајќи го и семејството на загинатото дете. Ова го кажувам затоа што на почетокот имаше шпекулации дека МВР крие, дека знаеле но дека сакале да го скријат убиството. Од овие разговори колку и да сечеле, колку и да монтирале пак се гледа дека луѓето во МВР навистина не биле свесни во првите часови што се случило. Второ кога станале свесни, реакцијата и на луѓето во МВР и на сите тие што комуницираат сонив е што побрзо да се најде сторителот и да се изведе пред лицето на правдата и тоа да биде час порано за да се види една брза реакција на министерството“, изјави Груевски.Синоќешните протести пред Влада завршија со повредени полицајци и демонстранти и приведени лица. За попладнево повторно се најавуваат протести пред Влада./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Зошто СДС се во паника и хистерија, имаат ли страв од исказот на Груби
ВМРО-ДПМНЕ апсолутно го разбира и оправдува револтот на граѓаните по одлуката на правосудните органи за куќен притвор на криминалецот Артан Груби.
Ги поздравувавме и Владините институции кои си ја завршија работата и го доведоа пред лицето на правдата, криминалецот Груби кој избега пред година дена, откако се отвори постапка за негова вина во случајот со Државната Лотарија за проневера на државни пари во вредност од над 8 милиони евра, вели Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Очекуваме, додава тој, одлуката на судот да биде во заштита на правдата, а не соучесник во неправдата.
„Но, она коешто е уште поважно е дека СДС, партијата која соработуваше и молчеше кога Груби правеше криминал, се исплаши до срж, затоа што не знаат што се Груби може да каже. Дали имаат страв дека неговиот исказ ќе оди до поранешен претседател на СДС и премиер на Македонија? Затоа ли вртеа по телефони интересирајќи се за исказот на Груби? Кого може Груби да повлече со него, дали со него ќе ги повлече и неговите ортаци по криминал Заев, Филипче, Спасовски, Зечевиќ и други“.
Вистината е една и единствена, вели тој и додава дека Артан е ортак во криминалите на Заев, Филипче, Спасовски и сите, како што истакнува, заедно ќе се соочат со правдата и ќе одговараат.
„Затоа е и паниката и нервозата во редовите на СДС, стравот од одговорност им влегол длабоко во коски.
Судскиот процес за Груби, екс вицепремиерот и министер во владата на СДС, почнува допрва, по судските клупи друштво ќе му прават и сите негови криминогени ортаци. Правда ќе има“.
Македонија
Кривична за прилепчанец поради сомнеж дека фалсификувал свидетелство за да полага за возачка
Полицијата поднесе кривична пријава против Н.А. (49) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“, информираат од МВР.
Според билтенот, во септември 2025 година пријавениот изработил лажна исправа – свидетелство на негово име, наводно издадено од основно училиште за завршено осмо одделение.
Како што наведуваат од МВР, тој имал намера документот да го употреби за пријавување во авто школа за полагање на возачки испит, иако имал завршено четврто одделение.
Македонија
Перински во посета на Општина Куманово во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“
Во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински денес ја посети Општина Куманово, при што оствари работна средба со градоначалникот Максим Димитриевски и членовите на Советот.
На средбата се разговараше за повеќе прашања од значење за граѓаните и за понатамошниот развој на општината, со посебен акцент на конкретни решенија, подобра координација и поефикасно искористување на расположливите механизми за поддршка.
Перински ги информираше присутните и за динамиката на активностите на Министерството во наредниот период, при што беше нагласен јасниот фокус на институцијата – зајакнување на локалните капацитети, поддршка на развојни проекти, создавање на услови за поттикнување на меѓуопштинска соработка и подобрување на услугите за граѓаните.
Во рамки на посетата беше посочено дека од минатата недела се активни двата јавни повика на министерството, наменети за проекти што придонесуваат кон рамномерниот регионален развој — преку Програмата за намалување на диспаритетите и Програмата за рамномерен регионален развој. За оваа намена се издвоени вкупно 223.423.000 денари. „Ги охрабрувам сите општини активно да ги искористат овие повици и да аплицираат со квалитетни предлог-проекти“, порача Перински.
При посета на општината се изврши и увид во проектот „Урбано зеленило за здраво дишење“, кој се реализира во рамки на првиот повик од ИПА III Програмата за прекугранична соработка Interreg (VI-A) со Бугарија, во рамки на Приоритет 1: Позелен пограничен регион.
Проектот е насочен кон унапредување на квалитетот на животот и здравјето на граѓаните во прекуграничниот регион Ќустендил – Куманово преку развој на зелена инфраструктура.
„Да ги зголемиме зелените површини во градов, со цел почиста животна средина, со акцент на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, со примена на една од долгорочните мерки за намалување на загадувањето, а тоа е оззеленување и пошумување со квалитетни садници.“, нагласи градоначалникот Димитриевски.
Вкупната вредност на проектот за Куманово изнесува 343.090 евра, од кои 15% се кофинансирање од Министерството за локална самоуправа. Проектот опфаќа засадување на 510 дрвја и уредување на мали урбани градини на три кружни текови како и активности насочени кон подготовка на стратешки и „меки“ мерки за развој на зелената инфраструктура и зајакнување на капацитетите на партнерите.

