Македонија
Излеаниот Вардар во Раотинце во селото го донесе носителот на шестата изборна единица од СДСМ, Петре Шилегов
Шест куќи и голема површина на земјиште со несобрана пченка се зафатени од вчерашните поплави во Раотинце. Со цел да ја види сликата на самото место во четвртокот навечер во посета на селото беше носителот на кандидатската листа на СДСМ во шестата изборна единица Петре Шилегов. Според него, проектот за трајно решение на проблемот со регулирање на коритото на реката е доставен до Владата, но истиот е одбиен.
„Постои конкретен проект кој беше доставен до Владата и во претходниот парламентарен состав на пратеничката група на тогашниот носител Стојко Пауновски, но истиот беше одбиен од владеачкото мнозинство. Чини 6,5 милиони евра и е целосно разработен, предвидува регулирање на коритото на реката Вардар на начин што нема да може да ги поплавува домовите на нашите граѓани, односно целото сливно подрачје околу ова село. Поплавите се случуваат два пати годишно, и таа вода треба да добие природен тек а не да тече по куќите на луѓето, по нивните имоти и ниви“, рече Шилегов.
Жителите на селото стравуваат од нови поплави ако се исполнат временските прогнози. Апелираат до надлежните за трајно решение на проблемот наместо досегашните предизборни ветувања.
„На претходното гласање тука беа дојдени 12 пратеника, сега нема ниту еден од нив. Реката Вардар е целосно излеана од левата страна и таму нема пристап. Денес вртев на неколку институции и никаде не добив одговор. Апелирам до надлежните да ја отворат фиоката и да кажат дека има конкретен проект за овој проблем“, вели Зоран Мартиноски, жител на селото.
Одбиениот проект на пратеничката група на СДСМ за регулација на речното корито на Вардар во Раотинце зборува за тоа колку актуелната власт е несовесна кон реалните проекти и потреби на секојдневниот човек, смета Шилегов.
„Можеа да најдат повеќе од 650 милиони евра за да го уништат центарот на Скопје и да го изградат со стиропори и барок, не можеа да најдат 6,5 милиони евра да овозможат пристоен живот на нашите сограѓани во село Раотинце“, рече носителот на кандидатската листа на СДСМ во шестата изборна единица Петре Шилегов.
Освен во Раотинце, Шилегов ги посети Гостивар, село Градец и Теарце. /крај/мф/сс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во тек е исплатата на правата од социјална и детска заштита
Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска 06 Февруари 2026 година започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец јануари 2026 година.
Kорисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Исто така, и корисниците кои не користат картички од денеска ќе можат да ги подигнат своите средства во сите отворени филијали и експозитури на банките.
Македонија
Нови простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со првиот заменик претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска ги посетија новите простории на Институтот за трансфузиона медицина во Тетово.
„Со денешната промоција целосно го заокружуваме процесот на реконструкција на новите просторни капацитети за Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. За таа цел, од Институтот се инвестирани околу 8,3 милиони денари. Регионалниот центар за трансфузија во Тетово, како составен дел на Институтот, опфаќа и три помали центри: во Гостивар, Кичево и Струга. Овој регионален центар ја обработува крвта собрана од другите центри, нуди амбулантски здравствени услуги за пациентите, организира акции за дарување крв и ги снабдува клиниките и болниците во овој регион со крв и крвни продукти“, истакна министерот Алиу при посетата.

Тој нагласи дека Министерството во континуитет работи и на зајакнување на кадарот, посебно таму каде што се затекнати лица кои подолго време биле ангажирани со договор на дело.
„Во Институтот за трансфузиона медицина, кој има свои подрачни служби низ државата, кон крајот на минатата година заврши огласот за вработување и веќе се вработени вкупно 48 лица, а дел од нив се и тука во Институтот за трансфузиона медицина во Тетово. Продолжуваат нашите заложби за зајакнување на инфраструктурните и човечките капацитети во јавните здравствени установи, со цел подостапни и поквалитетни здравствени услуги за сите граѓани во државата“, додаде Алиу.
Македонија
Сите патни правци во државата се проодни, магла на патот Штип – Неготино
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информира АМСМ.
Слаби врнежи од снег има на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри има на патниот правец Штип – Неготино кај Серта.
Сите патни правци во државата се проодни.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

