Надворешна политика
Амбасадорот на САД Бејли на средбата со Груевски со многу прашања, меѓу другото и за колицирањето на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ доцна вечерта во петокот, по средбата во партиското седиште на нејзиниот челник Никола Груевски со амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, соопшти дека амбасадорот се интересирал за неколку прашања, при што го истакнува прашањето за натамошното коалицирање на досега владејачката коалиција којашто според прелиминарните конечни податоци на Државната изборна комисија (ДИК), засега важи како тесен победник на предвремените парламентарни избори од 11-ти декември.
Груевски во петокот вечерта, придружуван од партиските функционери Никола Тодоров, Владимир Ѓорчев, Александар Николоски остварил средба со амбасадорот Бејли, и како што се посочува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ „Амбасадорот на САД на средбата се интересираше за неколку прашања“.
„На прашањето за плановите за натамошно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ, беше одговорено дека коалициите ќе зависат покрај од ВМРО-ДПМНЕ, и од другите политички партии, кои покрај одлуката која треба да ја донесат внатре во партиите имаат влијание и од други надворешни фактори“, се наведува во писмената изјава.
На прашањето на амбасадорот Бејли за какви надворешни фактори станува збор, му било одговорено дека за тоа присутните немаат овластување да го информираат, се вели во соопштението од партијата.
На прашањето на амбасадорот Бејли дали во тој поглед може нешто да помогне, било одговорено дека „не може да помогне, пред сé, затоа што улогата на амбасадорот е да ја следи состојбата во земјата и да ја информира неговата земја за случувањата“ а на забелешката на амбасадорот „дека досега тој многу помогнал, му беше изразена благодарност за тоа“.
„Стана збор и за скандалозната одлука на ДИК за поништување на избирачкото место бр 0396-1 во општина Гостивар, и беа објаснети деталите за незаконската одлука на ДИК. Амбасадорот апелираше дека е добро да се смират страстите на луѓето кои протестираат, и праша која ќе е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на одлуките на ДИК, на што беше одговорено дека партијата не е во можност во моментот да му одговори на тоа прашање. Беше прашано дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги почитува одлуките кои ДИК ќе ги донесе. Беше одговорено дека прашањето е хипотетичко и дека ќе бидат поддржани одлуки кои се во согласност со законот“, се вели во соопштението.
Амбасадорот Бејли потенцирал дека САД се пријатели на Република Македонија, иако некои членови на партијата според неговото мислење не го делат тој став.
„Беше одговорено дека ВМРО-ДПМНЕ нема дилема околу членството во НАТО, ЕУ и односите со САД, а најдобар доказ за тоа е потпишаната декларација за стратешко партнерство, но дека тоа незначи дека некои поединци, партијата или дражавата не може да изрази некое несогласување со некои чекори на поединци кои ги преставуваат САД“, истакнуваат од владејачката партија.
Амбасадорот на САД, Џес Бејли, веднаш по излегувањето од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ по средбата со претседателот на партијата Никола Груевски, за новианрите кои го чекаа надвор, во забележително куса изјава изјава истакна дека Соединетите држави се партнер на Македонија и дека тој сака и со Груевски и со другите партии кои освоија мандати да поразговара за иднината на земјата.
„Ја ценам можноста да слушнам за изборите и патот напред. Како што знаете, САД е партнер на оваа земја и ние имавме добар разговор. Јас ќе имам слични состаноци со останатите лидери на партиите кои добија мандат на овие избори“, рече Бејли.
Дел од медиумите посетата на Бејли на седиштетот на ВМРО-ДПМНЕ го поддржаа со случувањата од четвртокот вечерта пред седиштетот на ДИК кога на протестот на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу повеќето говорници директорот на Државниот архив упати порака до „Амбасадорот“, како што го нарече, без конкретни споменувања порачувајќи дека треба да си замине и да не се меша во внатрешните работи на земјата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Маричиќ – Вархељ: Реформите и комплетираната преговарачка рамка се гаранција за членство на Македонија во ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска се сретна со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархељ, при што разговараа за задачите и обврските што ги имаме да ги завршиме оваа година поврзани со процесот на евроинтеграција.
Успешно и бргу да ги направиме реформите, било едно од барањата на еврокомесарот Вархељ и со политичкото обединување за евроинтегративниот процес и успешните уставни измени Македонија да ја загарантира европската перспектива.
На средбата еврокомесарот Вархељ ја потврди поддршката што Македонија ја има од европските партнери, која, според Маричиќ, треба да ја искористиме и да биде мотив да продолжиме со процесот на преговори подинамично и интензивно.
На средбата вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ го брифира еврокомесарот за текот на скринингот и подготовките за изработка на важните патокази, како и за изработката на приоритетниот реформски план.
„Имаме капацитет да го задржиме темпото на скрининг и да го искористиме овој дел од преговорите за да подготвиме темелен реформски план, кој за кратко време ќе ги исполни очекувањата и на ЕУ и на македонските граѓани“, рече вицепремиерот Маричиќ.
Маричиќ со еврокомесарот за проширување, Вархељ, зборуваше и за актуелните политички случувања и заедничкото справување со енергетската криза.
За односите со Бугарија беше констатирано дека разликите мора да се решаваат врз европските вредности, на европски начин, со меѓусебно почитување и во духот на добрососедските односи.
Македонија
Зајкова од Копенхаген: Автократските владите може да бидат закана за слободата и демократијата

Во 21 век постојат пратеници во Европскиот парламент, кои доаѓаат од редот на земји членки на Унијата, што негираат право на самоопределување и постоење, користејќи го правото на посилниот и тоа ги доведува во прашање принципот на демократијата и европските вредности. Демократските структури постојано се ослабуваат, а демократските процеси се сведуваат на владини процедури, плебисцити и работа за односи со јавноста. Способноста на демократската политика да се наметне против економската моќ е намалена, истакна претседателката на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, на панелот „Потенцијалот на трансформативните движења, граѓанското општество и прогресивните партии“ во Копенхаген како дел од конференцијата „Западен Балкан и ЕУ-предизвици и можности“, организирана во соработка со Советодавната група за политика на Балканот во Европа (BiEPAG), Европскиот фонд за Балканот (EFB) и трите клучни дански политички партии, Социјалдемократите, Либералната партија и Зелената левица.
Според Зајкова, мораме многу да бидеме претпазливи какви влади избираме бидејќи сведочиме како автократското владеење може да ги задуши слободите и правата и да нè однесе во изолација. Владите може да бидат закана за слободата.
„Затоа, кога зборуваме за улогата на влада, не смееме да заборавиме дека владата секогаш и суштински мора да биде во служба на поединецот, а не обратно. Целта на владата е да го спроведе законот за граѓаните преку обезбедување и заштита на правата на луѓето. Тоа го прави со зачувување на нивните животи и слободи од насилството на другите. Тоа е слобода од деспотската и предаторска доминација на некои поединци над другите, вели таа.
Зајкова истакна дека голите популисти промовираат култура на зависност и играат со емоциите на луѓето, нашата прогресивна политика мора да се фокусира на помагање на луѓето да го креираат својот свет со свои напори – во соработка со другите, да му дадат ново значење и да го вратат духот на заедницата. Игнорирањето на разликите не е решение, никогаш не било, но соочувањето со нив и обидот за нивно решавање заедно со другите играчи во општеството е.
„Способноста за соработка сè уште е главниот ресурс на модерната моќ и капацитетот за обликување на светот во кој живееме. Мора да се концентрираме на создавање и зајакнување кооперативни и инклузивни институции, искрени добрососедски односи и регионална и меѓународна соработка. Прогресивните движења, либералните и левите партии мора да се стремат кон обликување и користење на државните институции за развој на општествата и демократијата. Она што можеме да видиме е дека земјите од Западен Балкан покажуваат волја и спремност за прогрес и интеграција, но не често ЕУ јасно покажува отвореност за нивно целосно вклучување во соработката и системот на одлучување“, заклучува Зајкова.
Македонија
Мицкоски: За да останат на власт, отстапија и прифатија сè, невозможно ќе биде да се исправат нивните грешки

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека тоа што се случува со Бугарија е нешто за што како партија предупредувале дека ќе се случува.
Тоа што вознемирува, рече Мицкоски, е фактот дека оваа Влада и покрај сите отстапки и покрај сето она што беше побарано од неа, практично сè отстапи и сè потпиша во интерес на зачувување на своите лични фотелји. Мицкоски рече дека новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ нема да може да ги исправи грешките што ги направила оваа Влада.
„Гледаме дека другата страна и покрај сето тоа, влегува во еден таканаречен конфликт, кој би го ставил на ниво на една студена војна помеѓу двете држави бидејќи, колку што разбрав, амбасадорот на нашиот источен сосед не е во државава, односно го задржале таму, не го вратиле назад, односно не е дојден тука, каде што треба да ја извршува својата амбасадорска позиција. И тоа го правдаат властите во Софија како револт поради оној настан што се случил во Охрид. Тоа е така затоа што кога едната страна попушта сè, коленичи, витка ‘рбет, а другата страна практично добива сè, таа страна, во случајов Бугарија, мисли дека природно нејзино право е да добие сè што ќе побара и на тоа предупредувавме изминатиот период дека тоа не треба да се случува, но, за жал, имаме политички аналфабети криминалци и корумпирани политичари, кои буквално, за да ги задржат своите позиции и да може уште некој тендер во четири очи да добијат, подготвени се сè да проголтаат. Но, се разбира, на товар на македонскиот народ, македонскиот идентитет и македонските граѓани“, вели Мицкоски.
Тој ги обвини властите дека функционираат како аналитичари.
„И Владата и Стево Пендаровски седат и прават анализа, па ќе го слушнете Стево Пендаровски како ќе ви каже дека ова било некаков си заговор, дека овие се некои тајни служби, надворешни влијанија и фактори за дестабилизација на Македонија, а притоа ниту едните ниту другите, по состанокот што го имаа, Советот за безбедност кај Пендаровски, не излегоа кои се тие странски служби, кои се тие странски фактори за влијание, кои се практично луѓето што сакааат да ја дестабилизираат Македонија? Знаете, тие добиваат плати, ги уживаат привилегиите затоа што народот ги плаќа да даваат решенија, да даваат одговори на прашањата, а не како аналитичари да коментираат“, истакна тој.
Мицкоски додаде дека властите првин почнале со тезата прогласување персона нон грата, па потоа се повлекле.
„Чекаат да дојде 4 февруари, па да се случат инциденти и тие луѓе да предизвикаат и провоцираат и од маргинални политичари, буквално естрадни политичари, да претворат политички тешкаши, сега со овие пинг-понг изјави во јавноста, овој Џамбаски, како се викаше овој европскиот политичар, како му беше презимето, од што не знае што да направи, повеќе буквално како циркузант во естрада се однесува за да добие некој политички поен повеќе на темата ‘мрази ги Македонците’, ‘навредувај ги Македонците’, ‘мрази ја Македонија’ итн. И што направија тие со тоа, буквално ништо. Ете тоа се тој театар и естрада, во која ја претвораат политиката во Македонија.
Ова нивно килаво однесување, кое претпоставувам е резултат на нивната огромна корумпираност и заштита на криминалот за да останат уште некој ден, некоја недела, некој месец на тие позиции за да може на грбот на овој народ да се богатат и се подготвени сè да проголтаат. Па дури и народот да го жртвуваат, па дури и иднината на народот да ја жртвуваат, само за да може тие уште некој ден да останат таму каде што се.
Јас сум навистина згрозен и очекувам што побргу да излеземе на предвремени парламентарни избори и да може народот гласно да зборува, а јас сум убеден во тој резултат и во огромната победа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе има тешка задача, но и невозможна, да ги исправи сите грешки што оваа криминална и корумпирана Влада на ДУИ, поддржана од СДСМ, ги направи“, порача Мицкоски.