Надворешна политика
На средби со Груевски и норвешкиот и амбасадорот на ЕУ. Жбогар бара „поширока“ поддршка во парламентот за реформите

Доцна вечерта во петокот во партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на партијата Никола Груевски, и неговиот соработници, по средбата со американскиот амбасадор во Република Македонија Џејс Бејли, разговараа и со амбасадорот на Европската унија, Самуел Жбогар, како и со амбасадорот на Норвешка, Арне Санес Бјорнстад.
На средбата со ЕУ амбасадорот Самуел Жбогар, челникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, го придружуваа партиските функционери Владимир Ѓорчев, Александар Николоски, Никола Тодоров и Никола Попоски, соопштија од партијата.
Жбогар, покрај честитката за успешно спроведените избори, пренел неколку пораки од Брисел, поточно оти во престолнината ЕУ ценат дека изборите биле слободни и фер, имало голема излезност, дека тоа е многу позитивно примено во Брисел и дека иако имало многу негативни претпоставки во однос на изборите и изборниот ден, сепак надвладеала мирна кампања и мирен изборен ден.
„Амбасадорот додаде дека Брисел очекува парламентот што поскоро да почне да работи и да се избере влада, и потенцираше дека е добро доколку се обезбеди поширока поддршка во парламентот поврзана со реформската агенда која е дел од процесот од зачленување во ЕУ. Тој нагласи дека Брисел повикува на лидерство со цел протестите пред Државната изборна комисија (ДИК) да не излезат од контрола и изрази загриженост од реториката која се користи од дел од говорниците во демонстрациите. Нагласи и дека ЕУ не се меша во работата на ДИК“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од страна на партијата беше изразена благодарност за честитките за слободните и фер избори. Беше потенцирано дека партијата е повеќе од две години загрижена од реториката, но и активностите кои беа преземани при протестите кои се случуваа во Македонија, како што беа палењето на канцелариите на Претседателот на државата, кршење и уништување државен имот, обидите за насилно влегување и палење на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, што беше спречено од полицијата, и редица други слични постапки“, се додава
Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ потенцирале дека партијата подржува мирни демонстрации и не подржува говор на омраза, но дека жали што Брисел и меѓународната заедница „не изразуваше ваква загриженост и во претходните две години додека се одвиваа демонстрациите“, се вели во соопштението.
ВМРО-ДПМНЕ се согласува дека европската агенда треба да е приоритет на новиот парламент и на новата влада.
„ВМРО-ДПМНЕ изрази разочараност од некои одлуки на ДИК, кој се обидува да изврши постизборен инженеринг, по што следеа детални информации околу скандалозното гласање на ДИК за поништување на едно избирачко место, базирано на изјава на личност дека не гласала, а истовремено сите членови на изборната комисија потврдија дека на прстот на лицето кое вели дека не гласало имало видливи траги од спрејот кој се става кај секој гласач“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата информирала дека на ДИК му било предочено дека веќе постои судска практика во земјата , преку веќе донесена судска одлука, со која одлука е решено дека во случај ако на некое лице му било ускратено правото на гласање, тоа имало право да бара заштитата на своето избирачко право, и нема основа за поништување на истото изборно место, посебно ако се земе предвид, дека тој глас нема влијание на конечните резултати.
„Амбасадорот потенцираше дека тие не ги коментираат одлуките на независни државни институции, каква што е ДИК, и колку што разбира конечната одлука треба да ја донесе Управниот суд, доколку има жалба на одлуките на ДИК. На крајот на средбата амбасадорот Жбогар уште еднаш посочи дека очекува лидерство во правец на неескалирање на состојбите, на што беше одговорено дека не може да се предвиде што ќе се случи, бидејќи има голем број револтирани граѓани чии постапки не може да се предвидат и целосно контролираат доколку институциите не работат согласно законот“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Подоцна, исто така во петокот ноќта, Груевски овојпат заедно со партиските функционери Владимир Ѓорчев, Антонио Милошоски, Зоран Јолевски остварил средба со норвешкиот амбасадор, Арне Санес Бјорнстад.
На средбата со амбасадорот на Норвешка, од ВМРО-ДПМНЕ го осудиле „обидот на партиите кои ги загубија изборите и на нивните поддржувачи“, преку поголем број жалби да издејствуваат „незаконско гласање на членовите на ДИК и изигрување на волјата на граѓаните“.
„ВМРО-ДПМНЕ на тоа одлучно ќе се спротистави и нема да дозволи спроведување на постизборен инженеринг во Република Македонија“, му предочиле партиските челници на норвешкиот амбасадор Бјорнстад.
„Од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше истакнато дека за време на изборите СДСМ вршеше плаќање на гласачи, особено во социјално ранливите семејства, што барем во еден дел беше документирано од надлежните институции и за тоа се водат постапки, додека од страна на ВМРО-ДПМНЕ немаше ниту едно прекршување на законот“, се додава во соопштението.
На прашање на амбасадорот, Груевски и соработниците одговориле дека во последните две години во Република Македонија имало сериозно мешање на одредени претставници на меѓународната заедница во внатрешните работи на земјата, и во внатреполитичките, како и во меѓупартиски работи.
„Тоа, иако потзадскриено, беше присутно од одредени фактори и во предизборниот и за време на изборниот период. Таа практика треба да запре“, побарале од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај политичките, било разговарано и за економските прашања, како и успесите кои владата ги постигнала во привлекувањето на инвестиции и отворање на нови работни места./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ќучук: Ако Мицкоски води кампања со став против Бугарија, тоа ќе го блокира патот на Македонија кон ЕУ

Доколку лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, води кампања со став против Бугарија и вклучување на Бугарите во Уставот, тоа ќе го блокира патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија. Ова го изјави за БТВ пратеникот на ДПС/АЛДЕ, Илхан Ќучук.
„Процесот на преговори меѓу ЕУ и Македонија сè уште не е почнат бидејќи има скрининг кој ќе одземе одредено време. Тоа го знаеме од бугарското искуство, од една и пол до две години треба да се дадат оценките за овој скрининг“, објасни Ќучук.
Тој потсети дека францускиот предлог за евроинтеграција на е предлог на ЕУ прифатен со консензус од сите земји членки. Освен тоа, тој ја нашол потребната политичка поддршка како во бугарското Народно собрание така и во македонското.
„Мораме да бараме можности како да продолжиме оттука, а несомнено ги има многу“, смета Ќучук.
„На постигнатиот компромис треба да гледаме како на можност. Сега доаѓа големата тема – како да излеземе од оваа криза. Не само што треба да се тргне од политичката реторика во Бугарија и во РСМ туку треба да се бараат потребните гаранции за да не влеземе повторно во оваа ситуација во која бевме порано“.
На крајот, треба да се погрижиме двата народа подобро да се запознаат, постојано велам дека не се познаваат добро. Треба да се фокусираме и на проблемите на Балканот – проблемите меѓу Србија и Косово, проблемите во Босна и Херцеговина. Го знаеме регионот“, додаде тој.
Орце Костов
Македонија
Тасевски во Албанија, во фокусот борбата против организираниот криминал и корупцијата

Денеска, делегација од Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи на Македонија, предводена од директорот Сашо Тасевски, во придружба на заменик-директорот на БЈБ, Ариф Асани, помошник-директорот Оливер Лукароски и началникот на Секторот за меѓународна полициска соработка, Рефик Черими, оствари работна посета на полицијата на Република Албанија, каде што имаше средба со генералниот директор, мајор Гладис Нано. На официјалната средба меѓу двете делегации се разговараше за продлабочување на соработката меѓу двете земји во борбата против организираниот криминал, корупцијата, перењето пари и тероризмот и борбата против трговијата со дрога.
Генералниот директор Нано посочи дека меѓусебната соработка на двете министерства е одлична како за оперативни прашања така и за други елементи на заедничката борба против криминалот, така што оваа средба само дополнително ќе ја продлабочи и зајакне. Меѓу другото, како области за натамошна соработка беа посочени борбата против тероризмот и перењето пари како еден важен показател за безбедноста на државите, а воедно генералниот директор Нано посочи дека борбата со трговијата со дрога била и останува главен приоритет за полицијата на Република Албанија. За таа цел, ги концентрираат и дополнително ги зајакнуваат логистички капацитети и човечки ресурси во пристаништето Драч, каде што има најмногу обиди за трговија со наркотици, кои доаѓаат од Латинска Америка. Друг приоритет за полицијата на Албанија, според Нано, е спречување и сузбивање на обидите за одгледување канабис, криминална активност што ги збогатува криминалните групи и поединци давајќи им моќен коруптивен инструмент.
„Оваа клима на соработка е клучен елемент за гарантирање на јавниот ред и безбедност во двете наши земји и исто така нè мотивира да работиме заедно уште повеќе на прашања како што се борбата против организираниот криминал и прекуграничниот криминал, кои се заеднички приоритети“, истакнал тој.
На крајот од средбата двете страни искажале уверување дека и во иднина соработката меѓу двете министерства ќе се интензивира во насока на заеднички оперативни и истражни дејства во делот на меѓународни прашања и борбата против тероризмот, борбата против организираниот криминал и перењето пари.
Делегацијата од Бирото за јавна безбедност го посети и специјалното одделение РЕНЕА, при што во нејзина чест беа презентирани современите методи и техники на работење и нивното специјално оружје.
Македонија
Димитров: Зачести употребата на терминот „северномакедонци“, мора редовно да се реагира на секоја погрешна употреба

Во последно време зачести употребата на непостоечкиот термин “северномакедонци” од страна на претставници на земји – наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор, вели поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
„ Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор, е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот Договор го гарантира. Со други зборови “Северна Македонија” е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува.
Затоа секоја употреба на терминот “северномакедонци” освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор. Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи. Тоа е недозволиво.
Особено имајќи предвид дека во овој период една земја членка на ЕУ и наш сосед директно го негира токму македонскиот идентитет и јазик.
Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок се’ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на Договорот“ напиша Димитров на Фејсбук.