Надворешна политика
Иванов-Фишер: ЕУ стагнира, проблемите се множат, но Унијата мора да продолжи понатаму
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во понеделникот во Виена оствари средба со поранешниот претседател на Република Австрија, Хајнц Фишер, со кого разменија мислења за актуелните случувања во Европа и Европската унија, мигрантската криза и предизвиците со кои се соочуваат земјите од Југоисточна Европа.
Македонскиот претседател изрази благодарност за досегашната принципиелна поддршка од Република Австрија на стратешките цели на Република Македонија и задоволство од соработката во справување со мигрантската криза.
Фишер изрази задоволство од начинот на кој Република Македонија успешно се справува со мигрантскта и бегалската криза. Во таа насока, Иванов и Фишер беа согласни дека е неопходна засилена безбедносна соработка меѓу сите земји од Европскиот континент. Воедно, соговорниците констатираа дека политиката на проширување на Европската унија мора да продолжи и дека интеграцијата на Балканот е од суштинско значење за севкупниот мир, безбедност и стабилност во регионот.
Осврнувајќи се на состојбите и последните случувања во Европската унија, двајцата соговорници се согласни дека Унијата стагнира и се соочува со се поголем број проблеми. Сепак, Иванов и Фишер, сметаат дека наспроти ваквата состојба Европската унија мора да ја надмине кризата и да продолжи понатаму. На средбата беа разменети информации за актуелните политичко-економски состојби во Македонија и Австрија.
Македонскиот претседател му се заблагодари на Фишер за целокупниот личен ангажман и вложените напори во унапредување на политичкиот дијалог меѓу Македонија и Австрија, што резултираше со зголемена соработка во повеќе области од заемен интерес, и изрази надеж за нејзино интензивирање и продлабочување и во иднина.
Иванов престојува во работна посета на Австрија, по повод учеството на Конгресот на Паневеропската унија, од каде порача дека заморот од проширувањето на ЕУ доведе до ретроградни процеси во нашиот регион.
Поранешниот австриски претседател Хајнц Фишер важи за долгогодишен пријател на Македонија и еден од најсилните поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ, а токму Австрија беше иницијатор на Групата пријатели во Европскиот парламент. Во Австрија се закажани претседателски избори на 4-ти декември./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.