Надворешна политика
Иванов од европските амбасадори побара поинаков пристап на ЕУ кон интеграцијата на Македонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, во петокот одржа работна средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Република Македонија, на која беа разменети мислења за аспирациите на Македонија за членство во ЕУ, актуелните состојби во поширокиот регион, особено во контекст на мигрантската и бегалска криза.
Иванов побара промена на досегашниот пристап на Европската унија кон интеграцијата на Република Македонија, кој се покажа како непродуктивен. Досегашниот пристап, оцени македонскиот претседател, не помогна да се изгради повисока политичка култура и култура на компромиси и политички дијалог, како и почитување на институциите. Само со деблокада на македонските евроинтеграции, според претседателот Иванов, земјата ќе излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и недоверба.
Македонскиот претседател изрази очекување, веднаш по предвремените парламентарни избори, Европската унија и земјите-членки на конкретен начин да помогнат европската агенда и реализацијата на неопходните реформски процеси да станат приоритет и да помогнат во неопходноста за национално помирување.
Европските амбасадори ги поздравија повиците на Иванов за национално помирување и се согласија дека помирувањето е најургентниот од сите ургентни реформи во Република Македонија. Исто така беа поздравени напорите што претседателот Иванов ги прави во однос на добрососедските односи. Особено беше поздравен ангажманот на претседателот Иванов во однос на справувањето со мигрантската и бегалска криза и безбедносниот аспект од неа.
На средбата беа разменети мислења за заканата од илегална миграција и за заканата од насилен екстремизам. Претседателот Иванов оцени дека земјата има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза и посочи дека и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, кои успешно се справија со мигрантската криза и намалување на безбедносните ризици. На работната средба беа разменети мислења и за состојбите во поширокиот реон, како и за односите на Република Македонија со соседните земји./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костадинов ги пречека Заев и Ципрас

Вечерва градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов во својот кабинет ги пречека поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев.
„Двајца поранешни лидери кои ги кренаа рампите меѓу Македонија и Грција и трасираа пат на пријателство, разбирање, меѓусебна почит, ги зближија двата народи и ја зајакнаа севкупната соработка меѓу двете држави“ соопшти општината.
Во кабинетот, во кој цели три мандати помина поранешниот премиер Зоран Заев, градоначалникот разговараше со своите гости за функционирањето на Општината, нејзиниот развој, новите предизвици и состојби во државата и регионот.
„Прекрасно е чувството кога разговараш со храбри и одлучни политичари и кога си на иста линија со нив, бидејќи само така можеш да обезбедиш сигурна иднина за граѓаните, општината и државата, порача градоначалникот Костадин Костадинов.
Македонија
Османи: Руската воена агресија врз Украина е најголем тест за нашата посветеност за заштита на човековите права

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска преку видео-обраќање ја отвори Конференцијата на човековата димензија на ОБСЕ што се одржува во Варшава.
Како што истакна Османи во своето обраќање, оваа Конференција има за цел да ја оцени имплементацијата на заложбите на ОБСЕ од страна на земјите-учеснички во доменот на човековите права, демократијата и владеење на правото и да понуди конкретни решенија за иднината.
„Руската воена агресија врз Украина е нашиот најголем тест дали можеме да успееме да ги оствариме нашите заеднички заложби. Сведоци сме на постојано насилство, дискриминација и нееднаквости низ целиот свет. Гледаме закани за слободата на изразување, мирното собирање и здружување. Гледаме напади врз владеењето на правото и ерозија на демократските институции. Овие предизвици се влошуваат со новите закани како што се влијанието на новите технологии врз приватноста и ефектот на климатските промени врз социјалната еднаквост“, рече Османи.
Тој додаде дека овие предизвици можат да бидат надминати заеднички, преку давање на клучно место на граѓанското општество во овие напори.
„Граѓанските организации се во првите редови во застапувањето за човекови права, демократија и владеење на правото. Тие обезбедуваат перспективи и независни проценки и извештаи за прашањата поврзани со слободата на медиумите, изборните процеси и малцинските права и ги повикуваат владите да покажат одговорност. Тие му помагаат на ОБСЕ и се клучен партнер во идентификување и креирање на конкретни мерки на терен“, истакна Османи во своето обраќање, додавајќи дека нивните размислувања се голема поддршка за заедничките напори чија крајна цел – да ги направи општества безбедни, сигурни, слободни, демократски и праведни.
Еден од клучните резултати на Конференцијата ќе биде идентификацијата на областите каде што земјите-учеснички на ОБСЕ можат да ја подобрат својата имплементација на обврските кои пред сè ќе значат подобро секојдневие за граѓаните, без страв од војна, угнетување или замолчување, рече Османи.
Македонија
Спасовски: Инцидентите во Косово го засегаат целиот регион, безбедносната состојба во Македонија е под контрола

Безбедносната состојба во Македонија е под контрола по настаните во Косово, но инцидентите го засегаат целиот регион, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за српска „Политика“.
„Инцидентите на северот од Косово секако дека го засегаат соседството, односно целиот регион, но безбедносните служби будно ја следат ситуацијата, собираат информации и се прави редовна анализа. Засега безбедносната ситуација во државата е под контрола, нема директни рефлексии, кои би претставувале опасност за безбедноста на Македонија и граѓаните може да бидат спокојни“, изјави министерот Спасовски.
Притоа тој ја изрази увереноста дека стратешките партнери ЕУ и САД нема да дозволат црни сценарија и ќе извршат силен притисок за да се вратат работите во нормала.
„Ако нашата заедничка цел е да станеме регион што ќе извезува мир и стабилност, тогаш не може политички кризи да се решаваат со конфликти, односно мора да се обединиме со заеднички политики, кои можеме заеднички да ја спроведуваме. Ако сакаме напредок, економски развој и подобар стандард за нашите граѓани, во ништо од тоа нема да успееме без безбедноста“, истакна Спасовски.
Додаде дека е повеќе од потребна позитивна разрешница во односите меѓу Србија и Косово.
„Затоа и сметам дека позитивниот исход во односите помеѓу Србија и Косово може да изврши пресудно влијание во целиот регион, а лично посакувам сите случувања во нашето соседство да се решат преку дијалог и на мирен начин бидејќи колку побргу има решавање на обврските и очекувањата, без разлика колку се тешки или комплексни, тоа ќе значи и побрзо навраќање на теми што се од интерес на нашите граѓани и значат подобар живот за нив. Конечно, сите имаме единствена цел – заеднички да бидеме дел од европското семејство, да ги имплементираме европските вредности и на граѓаните да им овозможиме повисоки животни стандарди“, истакна министерот Спасовски.