Надворешна политика
Иванов: Време е за трансформација на општествата и меѓусебно почитување
„Неопходно е многу повеќе да се познаваме меѓу себе и да се почитуваме меѓу себе. Сé што се случува на Блискиот исток е директно поврзано со сé што се случува и на Кавказ и на Балканот. Неопходно е да прејдеме во нова фаза како човештво, време е за трансформација и метаморфоза“, порача претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој во четвртокот учествува на 4–от Глобален Баку форум во организација на меѓународниот центар Низами Ганџави, во Баку, Азербејџан.
Со оглед на актуелните случувања, претседателот Иванов потенцираше дека најголемиот предизвик е како различните идентитети да живеат и да напредуваат заедно, и покрај нивните најдлабоки разлики.
„Наместо европска традиција на толеранција кај нас се практикува традиција на меѓусебно почитување. Нешто што е повозвишено од обичното толерирање на различноста. Тоа почитување довело да живееме во различни општества, со многу религии, многу етнички групи и многу јазични групи“, истакна претседателот Иванов.
Иванов порача дека мирот меѓу муслиманите и христијаните е неопходен за одржлив мир во светот, но дека мирот меѓу религиите не смее да се гради по цена на нивните различности.
„Во Уставот на Република Македонија има пет официјални религии. Ние имаме 600 години искуство со исламот и тоа не нé направи помалку христијани, ниту муслиманите ги направи помалку муслимани. Меѓутоа, отсекогаш сме ја негувале традицијата на почитување. Најдобар пример за тоа е Мајка Тереза, која е родена во центарот во Скопје“, рече македонскиот претседател.
Претседателот Иванов потсети дека за справување со секојдневните предизвици и решавање на проблемите неопходна е зголемена комуникација и соработка меѓу државите.
„Никој не се бави со причините, туку со последиците. Сите зборуваме дека во Европа има еден милион бегалци, сите знаеме дека имаме конфликти, но никој не кажува кои се причините за тие војни. Проблемите не се решаваат со декларации и самити, туку со меѓусебно спознавање и почитување“, рече Иванов во обраќањето.
Иванов потсети дека организираните криминални мрежи, радикалите, џихадистите, соработуваат многу потесно и многу повеќе ги користат придобивките од 21 век, отколку што соработуваат безбедносните, полициските служби и меѓународните организации.
Претседателот истакна дека ни се потребни радикални промени, поголема хуманост и праведност.
На форумот на кој учествуваат над 100 актуелни и поранешни претседатели, премиери и министри, како и голем број истакнати личности од општествениот и политичкиот живот и бизнис заедниците, главни теми се мултикултурализмот и прашањата за интеграцијата, меѓуверскиот дијалог, состојбите во Украина и преземање глобална одговорност за Сирија и бегалската криза.
Учеството на претседателот Иванов на 4-от Глобален Баку форум е во согласност со ангажманот и посветеноста на целите на Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации и во функција на подготовка на претстојниот самит на ОН, што ќе се одржи во Баку на крајот на април.
На сесијата „Состојбата на светот денес и што треба да направиме за клучните предизвици”, покрај претседателот Иванов, учествуваа и азербејџанскиот претседател Илхам Алијев, бугарскиот Росен Плевнелиев, албанскиот Бујар Нишани, црногорскиот Филип Вујановиќ, членот на босанското претседателство Младен Иваниќ, како и поранешните претседатели на Финска и на Боливија, Халонен и Кирога и поранешните премиери на Норвешка и на Израел, Гро Харлем Брунтланд и Ехуд Барак./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.