Надворешна политика
Македонија и Словенија имаат одлична соработка во одбраната
Со високи воени почести во Генералштабот на АРМ, во четвртокот беше пречекана висока делегација на Вооружените сили (ВС) на Словенија, предводена од Началникот на тамошниот Генералштаб, генерал-мајор Андреј Остерман.
Генерал-потполковник Горанчо Котески оцени дека соработката со Вооружените сили на Словенија е одлична, како и дека таа во наредниот период ќе се унапредува и на други полиња.
Нагласувајќи го значењето на размената на искуствата од учеството во меѓународните мисии предводени од НАТО, ЕУ и ООН, а во контекст и на соработката во регионот, тој истакна дека АРМ ќе преземе дел од искуствата на словенечката армија, во однос на заштитата на воздушниот простор и организирањето на противвоздушната одбрана на територијата на Македонија.
Котески ја потенцираше повеќегодишната соработка низ реализација на заеднички вежби на полигонот „Криволак“, при што укажа на можноста за организација на заеднички вежби со гаѓање од артилериски орудија од поголем домет.
Изразувајќи задоволство од одличната соработка со АРМ, генералот Остерман искажа подготвеност за проширување на истата на повеќе полиња и заедничко учество на вежби, но и реализација на други форми на соработка од корист на двете армии.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски, на средбата со словенечката делегација, искажа благодарност до Словенија и нејзините вооружени сили за сестраната поддршка на евроатланските интеграции на Македонија, при што нагласи дека соработката на полето на одбраната меѓу двете земји во наредниот период ќе се развива во нагорна линија.
На средбата, покрај унапредувањето на билатералната воена соработка, се разговараше и за реализација на конкретни проекти за заедничка обука меѓу двете армии, а беа разменети и искуства од учеството во меѓународните мисии.
За време на престојот во Македонија, претставниците на Генералштабот на словенечката војска, го посети и Центарот за обука на пилоти каде беше запознаен со капацитетите и можностите за обука./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.