Надворешна политика
Свечено отворена македонската амбасада во Токио
Министерот за надворешни работи Никола Попоски во средата со свечена церемонија ја отвори амбасадата во Токио. Црвената лента ја пресекоа Попоски, амбасадорот на Македонија во Токио, Андријана Цветковиќ и парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија, Мики Јамада.
Во своето обраќање пред присутните, Попоски истакна дека ова е историски момент во македонско-јапонските билатерални односи, што претставува логичен чекор по 21 година успешни билатерални односи помеѓу двете држави.
„Луѓето во Македонија нема никогаш да ги заборават моментите на помош од Јапонија кога најмногу ни била потребна, како што е трагичниот земјотрес во 1963 година во Скопје. Јапонија е држава која ни пружа и финансиска и техничка помош години наназад. Таков пример е и последната донација за нашата држава за справување со мигрантскиот наплив со кој се соочуваме“, истакна тој.
Во оваа прилика, Попоски искажа особена важност на ликот и делото на Кензо Танге во реконструирањето на руинираниот главен град по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Во таа чест, Попоски и врачи посебен подарок на ќерката на Кензо Танге, Мичико Учида. Покрај тоа, министерот им врачи благодарници за особен придонес во негувањето на билатералните односи на генералниот почесен конзул на Република Македонија во Јапонија, Масатаке Мацуда, поранешниот генерален почесен конзул на Република Македонија во Јапонија, Кијоши Мизуно, како и на претседателот на асоцијацијата за македонско-јапонско пријателство, Фумио Фуруја.
На церемонијата присуствуваа околу 100 гости, претставници на дипломатскиот кор во Јапонија, како и претставници од бизнис заедницата. Пред присутните, свое обраќање имаше и амбасадорката Цветковиќ која го потенцираше напредокот во македонско-јапонските односи од почетокот на нејзиниот мандат, досега.
„Амбасадата на Република Македонија за една година успеа да привлече и стекне голем број на пријатели и со тоа ја приближи Македонија до Јапонија. Досега, половина од мостот е изграден. Во иднина очекуваме отворање на јапонска амбасада во Македонија, со цел доградба на мостот кон нашето пријателство што се гради веќе 21 година“, истакна таа.
На церемонијата се одржа презентација на историјатот на македонско-јапонските билатерални односи преку кратко видео од дел од изминатите средби реализирани на високи нивоа во двете држави. Воедно, се прикажаа македонските природни убавини и вкусната храна, а се претставија дел од македонските традиционални народни песни. Музичката програма беше збогатена и со изведба на македонски песни од страна на оперскиот пејач Казухиро Котецу.
Амбасадата на Република Македонија во Токио е официјално отворена во мај 2013 година, а првиот резидентен амбасадор на Република Македонија во Јапонија, Андријана Цветковиќ ги предаде акредитивните писма на Императорот Акихито во декември 2014 година. Република Македонија и Јапонија воспоставија дипломатски односи во март 1994 година./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.
Македонија
Средба Османи – Кулеба во ОН Њујорк: Европската Унија е наша заедничка иднина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на 23 февруари 2024 година, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, во седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на маргините на 56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното Собрание.
Средбата се одржа со цел да се даде поддршка на Украина на денот на одбележувањето на две-годишнината од почетокот на руската агресија во Украина, при што Османи потенцира дека е многу важно да продолжи поддршката на Украина, бидејќи ако Русија победи во Украина, тогаш ние сме следните.
Министерот Османи, на средбата, истакна дека денес Руската Федерација е најголемата закана за безбедноста на Европа, на Западен Балкан, но и на Република Северна Македонија.
“Важно е да имаме стратешка предвидливост во нашата држава, со цел конечно да кажеме “Не” за Русија и “Да” за интегративните европски процеси на Западниот Балкан и на Република Северна Македонија”, рече Османи.
Додека, Министерот Кулеба, истакнувајќи го фактот дека Северна Македонија цврсто застана зад Украина во текот на двете години агресија, упати благодарност до граѓаните на Северна Македонија, како и благодарност до Министерот Османи за неговото лидерство и поддршка.
“Нашата иднина е заедничка, таа иднина е Европската Унија, која воедно претставува и иднина за мир и просперитет, рече Кулеба.
Двајцата Министри имаа свои обраќња пред Генералното собрание на Обединетите нации, каде упатија јасни пораки против рускат агресија врз Украина.
Македонија
(Видео) Oсмани од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на 56. пленарен состанок на 78-та седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина, кој се одржа на тема: Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина.
Османи, уште еднаш, ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина.
„Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’’, истакна Османи.
Воедно, министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.
„Мораме да и кажеме не на Русија! Правдата и одговорноста мора да надвладеат”, рече Османи, воедно додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140 земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година.
Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи.