Македонија
Официјализирање на албанскиот јазик и интеграции за коалиција со ДУИ

Партијата од албанскиот блок што освои најмногу пратенички мандати на предвремените парламентарни избори одржани на 11-ти декември, Демократска унија за интеграции ќе коалицира со онаа партија од македонскиот блок која ќе вети изполнување на петте ветувања што ДУИ ги даде пред електоратот.
„Демократската унија за интеграции има целосен легитимитет да ги претставува Албанците во Собранието и да преговара со кого сака за состав на нова влада. Во коалиција ќе влеземе само со онаа партија која ќе се согласи да ги исполниме петте ветувања што ги дадовме до албанското гласачко тело“, изјави Бујар Османи во емисијата „Клик Плус” на ТВ 21.
Инаку, ова е 11-та победа по ред по формирањето на партијата во 2002 година.
„Ќе преговараме со било и да е партнер од можните коалиции, само врз основа на петте ветувања од нашата платформа – официјализирање на албанскиот јазик, пропорционална распределба на Буџетот, решение за спорот околу името, интеграција на Македонија во НАТО и инфраструктурното поврзување на териториите населени во поголемиот дел со Албанци. Ова се условите кои ги има ДУИ, за да влезе во коалиција“, изјави Османи.
Ермира Мехмети, досегашната пратеничка на ДУИ деновиве изјави дека ДУИ е морален губитник на изборите поради тоа што не се противеле на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, па според неа, ДУИ треба да се реформира и засега да остане во опозиција.
„На прстите од една рака можат да се избројат луѓето од ДУИ кои се за коалиција со ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Мехмети.
Експерти сметаат дека по прогласот на ВМРО-ДПМНЕ и говорот на Никола Груевски, лидерот на партијата, пред партиските приврзаници на протестот пред ДИК, позициите на ДУИ во однос на продолжување на старата коалиција повеќе од сигурно е дека се малку поместени. Сметаат дека ДУИ тешко ќе може да ја оправда антизападната реторика на Груевски, ако се знае дека интеграциите се клучен дел од платформата на ДУИ./крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ обвинува: Злоупотреби со европски пари од Еразмус+ поврзани со ВМРО-ДПМНЕ

Според СДСМ, злоупотребите со милионите евра од програмата Еразмус+ водат директно кон поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата обвинува дека Владата на Мицкоски назначила за вршител на должност директор на Националната агенција за европски образовни програми лице кое се наоѓа под активна истрага на ОЛАФ – Европската канцеларија за борба против измами.
СДСМ наведува дека станува збор за „скандал без преседан“ кој ја урива довербата во институциите и додава дека ВМРО-ДПМНЕ се обидела да ја заташка вистината.
Според обвинувањата, во периодот од 2014 до 2017 година, кога Ана Михајлов (тогаш Митровска) била одговорна за евалуаторите во Агенцијата, заедно со својата соработничка Дорина Ѓорчева Митровска биле доделени над 8 милиони евра европски средства. СДСМ повикува истрагата да утврди дали овие средства биле распределени законски или се работи за проневера.
Партијата исто така прашува за улогата на Бошко Нелкоски, првиот директор на агенцијата и ментор на сегашната вршителка на должност, и за поврзаноста со фирмите „Силвер Лион Сервисес“ и „Агронимија Органика“, oдносно дали и тие се дел од истата мрежа на сомнителни тендери идентификувани од ОЛАФ.
Македонија
Бујар Османи најави механизми за ефикасност „Чаир 48“ и јавно табло

Кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, денеска пред зградата на општината излезе со пакет механизми, меѓу кои јавно табло со неделен план и статус на задачи, проект „Чаир 48“ за одговор/решение на пријави во рок од 48 часа, вторник како „отворен ден“ без закажување, брза комунална екипа и јавен календар на средби и одлуки на општината.
„Оваа рамка директно го погодува коренот на проблемот кој со години ја следи општината: неефикасност, слаба координација меѓу службите и отсуство на видливи рокови. Граѓаните ретко знаат кој е задолжен за конкретен проблем, кога ќе биде решен и зошто доцни. Јавното табло, ако навистина се ажурира редовно и прецизно може да внесе најосновна, но пресудна промена: дневна видливост на работата“, велат од ДУИ.
Се додава дека воведувањето рок од 48 часа за „мали“ комунални интервенции (дупки, улично осветлување, отпад, небезбедни точки) е амбициозен зафат. Во пракса, ваков стандард бара дисциплина во прием и класификација на пријавите, доволно екипи на терен и резерви во буџетот за брзи поправки. Добро е да се разграничат активностите на општината меѓу „брзи“ или интервентни и „капитални“ работи и во таа насока ова е добра идеја.
„Отворен ден“ без закажување и јавен календар на активностите се чекори што веќе постојат во некои општини, но ретко функционираат доследно, велат од ДУИ.
Клучно ќе биде, дали градоначалничкиот кабинет навистина ќе биде достапен секој вторник, дали ќе има протокол за следење на случаите што ќе стигнат тој ден и дали ќе се објавуваат резимеи/исходи за јавноста. Во спротивно, и ова може да се претвори во уште еден симболичен гест, но Османи го ветува спротивното.
Во говорот, Османи најави и утрински брифинзи со службите секој работен ден во 07:30 часот, со јавно објавување на дневниот план.
Македонија
МВР: На ниту еден граѓанин не му беше скратено правото да присуствува на вчерашниот протест во Кочани

Министерството за внатрешни работи реагира со демант по објавите во дел од порталите и на социјалните мрежи дека наводно полицијата вчеране дозволила влез на граѓани во Кочани, кои сакале да учествуваат на протестот „Маршот на ангелите”. Напротив, велат од МВР, ниту еден граѓанин не беше спречен да влезе во Кочани.
„Со цел остварување на своите законски надлежности, меѓу кои и безбедно одвивање на протестот „Маршот на ангелите” на 15.08.2025 во Кочани, СВР Штип вршеше редовни контроли на сообраќајот (возила и возачи) на подрачјето на СВР Штип, вклучувајќи го и градот Кочани. Но, на ниту еден граѓанин на кој му беше извршена редовна сообраќајна контрола, не му беше скратено правото на слободно учество на протестот „Маршот на ангелите” и не е задржан повеќе од нормално потребното време за вршење на полициска контрола“, велат од МВР.
Апелираат да не се шират дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните.