Daily news
Јавна расправа: Тесни и неосветлени улици, дупки и раскопани тротоари го отежнуваат сообраќајот во Штип
Ниско ниво на сообраќајна култура, тесни и неосветлени улици, несоодветни паркинг места за кои им се наплаќа на возачите – ова се дел од критиките кои штипјани денеска ги упатија на адреса на локалната власт, во рамките на јавната расправа што ја организираше Здружението „Медиа плус“. Од Општината децидни – на решавање на овие прашања допрва ќе се трошат пари и енергија.
Градот не нуди услови за движење на лицата со телесен инвалидитет. Улицата, пак, која од центарот на градот води кон Клиничкиот центар, каде што се лекуваат и пациентите од околните градови, воопшто нема тротоар. Ова, според граѓаните кои учествуваа на денешната јавна расправа, се едни од клучните проблеми од областа на изградба и обнова на нови улици и тротоари.
Инфраструктурата во градот не е безбедна за децата, особено за учениците во училиштето „Димитар Влахов“ каде што тротоарите се узурпирани од возила, па најмладите немаат каде да се движат – забележа еден од присутните граѓани. Друг, пак, реагираа дека дел од децата кои учат во основното училиште „Гоце Делчев“ се движат по улици кои не се асфалтирани и се каливи, поради што кога одат на училиште ставаат кеси на своите обувки за да не одат извалкани. Од друга страна, тесните улици и несоодветно паркираните возила го проблематизираат движењето на противпожарните возила. Од противпожарната единица во Штип велат дека брзината во нивната работа е исклучително важна за да се помогне во ситуација кога има пожар.
Обновата и изградбата на нови улици, според градоначалникот Благој Бочварски, е област на која допрва ќе се трошат пари и енергија. Тој најави дека дел од улиците во централното градско подрачје ќе добијат по две ленти за да се нормализира сообраќајниот метеж.
„Уличната инфраструктура во градот е долга 89 километри и 744 метри. Два километра од нив се бетонски улици, другите се асфалтирани“, рече Бочварски, додавајќи дека се разгледуваат и опциите за изградба на катна гаража.
Директорот на Јавното претпријатие „Стипион“, Сашо Протогеров информира дека во моментот се работи на повеќе локации, а приоритет во блиска иднина ќе бидат конзолните тротоари на коритото на река Отиња.
Јавната расправа „Изградба и обнова на улици и тротоари“ следи по успешната реализација на Предизборниот форум каде што граѓаните ги определија своите приоритети за решавање пред новата локална власт.
Изградбата на нови тротоари и обнова на улици се наметна како тема на денешната јавна расправа, врз основа на приоритетните прашања, за кои граѓаните се изјаснуваа преку онлајн анкета. Своите приоритети исто така граѓаните ги истакнаа на предизборниот форум кој „Медиа плус“ го организираше непосредно пред ланските локални избори.
Здружението на граѓани „Медиа плус“ реализира проект, кој им овозможува на граѓаните да учествуваат во следењето на предизборниот, изборниот и постизборниот процес од Локалните избори 2017. Проектот се фокусира на изборните програми и ветувања во корелација со отвореноста и отчетноста на Советот на општината и градоначалникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.