Општество
Околу 2.000 граѓани протестираа против новите давачки за хонорарците
Околу две илјади луѓе со фрлање ситни парички во понеделник пред Влада, во најголем број хонорарци, припадниците на неколку синдикати, уметници и сите оние кои се засегнати од промените кои следат со новиот Закон за придонеси со кој се опфаќаат и хонорарните работници, го искажаа незадоволството симболично на тој начин демонстрирајќи полнење на фондовите на тој начин, а не преку придонесите од хонорарците.
Со транспаренти со различни пораки, како „Хонорарците не се богаташи“, „Не сме економско робје“, „Не кради – 8-ма заповед“, „Тој данок – нивна иднина“, „Даночен рај за странци, пекол за хонорарци“ и извици: „Рекет“, незадоволните од законот кој стапува на сила од 1-ви јануари, тргнаа од паркот „Жена борец, пред Собранието, пред Министерството за труд и социјална политика до зградата на Владата.
Организаторите сметаат дека намерата на Владата да воведе плаќање придонеси за хонорарите од 1-ви јануари 2015 година ќе доведе до зголемување на сиромаштијата и до зголемување на невработеноста.
Здравко Савески од Левичарското движење „Солидарност” смета дека примената на овој закон ќе значи осиромашување на граѓаните кои земаат ниски хонорори, а може да доведе и до отпуштања на вработени.
„Директно засегнати се сите хонорарни работници, но она што мора да се каже е дека овие законски измени отвораат голема опасност за злоупотреби и голем број нововработени и сегашни вработени да бидат префрлени од редовен работен однос во хонорарен, со што дополнително ќе им се намалат работничките права“, рече Савевски.
Тамара Чаушидис, од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, истакна дека со законските измени многу ќе бидат погодени новинарите од коишто веќе една третина се во хонорарен работен однос.
„Начинот на кој ние денеска го покажуваме нашето незадоволство е последица од игнорирањето на сите обиди за разговори и укажување дека овие измени ќе ги осиромашат сиромашните, а богатите ќе ги остават богати. Затоа, дојдовме вака јавно да им покажеме дека не се согласуваме, ова се лажни социјални мерки и намерата е прочитана“, рече Чаушидис.
Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија и’ порача на Владата сериозно да ги сфати овие протести.
„Денешниот протест е само увертира за она што ќе следи во наредниот период, после новогодишните празници ќе информираме за нашите следни активности“, порача Ристовски.
Антонио Михајловски предавач во училиште за странски јазици смета дека голем дел од граѓаните кои што се засегнати со овие законски мерки не се доволно информирани.
Организаторите на протестите имаат забелешка и на тоа што државните службеници се изземени од оваа обврска, којашто Владата им ја наметнува на сите другите.
Бараат да се стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување.
Преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување.
Да се покачи или целосно да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.
Сметаат дека голем број лица во Македонија, немајќи можност за редовно вработување, се принудени да се борат за својата егзистенција работејќи за хонорар, кој најчесто не е ниту редовен, ниту висок. Покрај тоа, ним не им следуваат сите оние права кои ги имаат според закон работниците во редовен работен однос.
Ним, кога ќе стапат на сила законските измени, работодавачите ќе им ги намалат хонорарите за со тие пари да ги платат придонесите кон државата и на тој начин ќе предизвикаат нивно дополнително осиромашување. Дури е можно, неможејќи повеќе да ги плаќаат, да ги отпуштат од работа, со што ќе се зголеми и невработеноста, сметаат организаторите на протестот.
Со новите измени на законот, загрозени се хонорарните работници во прикриен работен однос како новинари, писатели, научници, уметници, актери и други.
Загрозени се хонорарните работници коишто по природата на работата работат хонорарно (преведувачи, ангажирани на проект и други). Во нивниот случај често не постои работодавач кој може да ги ангажира во редовен работен однос и тие се принудени од прилика до прилика, кога ја има, кога ја нема, да прибираат пари за да можат да заработат за пристоен живот, а често и тоа не го можат.
Загрозени се редовно вработените лица кои вршат дополнителна работа хонорарно. Тие имаат редовно вработување, а хонорарите им се дополнителен извор на финансии. Иако најмалку засегнати, и нивното осиромашување не смее да се занемари.
Загрозени се и сите идни вработени и сите сегашни вработени во редовен работен однос. Новите законски измени ќе им овозможат на работодавачите, исполнувајќи си ги сите финансиски обврски кон државата, сосема легално да склучуваат договор за хонорар наместо договор за вработување со лицата кои работно ги ангажираат, велат организаторите на протестите. /крај/мф/
Извор: Aleksandra Dukovska
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Годишен извештај на Народниот правобранител: Помалку претставки од граѓаните за работата на јавните обвинителства
Во извештајната 2023 година, во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата во Република Северна Македонија поднесени се 63 претставки што е за 24 помалку во однос на 2022 година, се констатира во Годишниот извештај за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2023 година што го објавува Народниот правобранител на Република Северна Македонија.
Согласно објавените податоци, бројот на претставки на граѓаните на годишно ниво се намалил за повеќе од 38%, што претставува резултат на заложбите на Јавното обвинителство за зголемување на ефикасноста на постапките и континуираните напори за подобрување на довербата на граѓаните во работата на јавните обвинителства.
Во најголем број од претставките граѓаните бараа интервенција во врска со постапки пред основните јавни обвинителства (51), потоа пред Основното јавно обвинителството за организиран криминал и корупција (4), постапка пред Јавното обвинителство на РСМ (3), пред вишите јавни обвинителства (2), друго (2) и една претставка се однесуваше за постапка пред Совет на јавни обвинители. Ваквиот сооднос е очекуван со оглед на обемот на предметна работа и фактот што токму јавните обвинителства со основна надлежност го прават првиот директен контакт на граѓаните со институцијата.
Доколку се има предвид вкупниот обем на работа на јавните обвинителства кои активно постапуваат по поднесени кривични пријави за над 40.000 сторители на кривични дела во текот на годината, поднесените 63 претставки до Народниот правобранител претставуваат околу 0,1% од таа бројка. Притоа, граѓаните во посочените предмети изразувале незадоволство поради непостапување по поднесена пријава на кривично дело, одолжување на постапката или поради незадоволство од донесена одлука. Од тие причини Народниот правобранител, меѓу останатите препораки во извештајот, во делот на Јавното обвинителство препорачува основните јавни обвинителства да ги доставуваат јавнообвинителските одлуки до странките и да им се овозможи правото да ги обжалат до повисоките јавни обвинителства, да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.
Сите овие забелешки Јавното обвинителство ги зема предвид, детално ги анализира и ќе продолжи да презема активности за дополнително зголемување на ефикасноста, на транспарентноста и на отчетноста за постапките што ги води. Ваквите заложби на Јавното обвинителство се веќе воспоставен начин на работа при што уште во извештајот за 2022 година омбудсманот констатираше дека за разлика од претходните години, сега јавните обвинителства, особено издвојувајќи ги Основното јавно обвинителство Скопје и Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапуваат по барањата на Народниот правобранител, даваат суштински и целосни одговори за бараните информации од постапките, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.
Македонија
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан
Денеска со зајдисонце за муслиманите започнува месецот Рамазан, при што се поттикнуваат добри дела, молитви и читање Куран чие објавување започна токму во месецот Рамазан пред повеќе од 1.400 години.
Рамазан е деветтиот месец од муслиманскиот лунарен календар, благословен и свет месец во кој верниците од исламска вероисповед ширум светот постат во текот на дневните часови.
Целта е да се излезе од Рамазан подобар, поздрав, со простени гревови.
Првиот ден на постот е во понеделник на 11 март, а последниот на 9 април.
Рамазан е месец на прочистување на духот, умот и телото во кој муслиманите се откажуваат од храна, пијалок и други телесни задоволства, не прават неморални дела и избегнуваат гнев.
Добротворноста е многу важен дел од исламот и уште поважно е за време на Рамазан кога муслиманите се потсетуваат на великодушноста и ги зголемуваат своите добротворни активности.
Секоја година, Рамазан започнува 10 до 12 дена порано бидејќи исламскиот календар е всушност лунарен хиџри календар каде месеците имаат 29 или 30 дена.
Бидејќи лунарната година е пократка од сончевата година за 11 дена, во 2030 година ќе има два Рамазани – првиот ќе започне на 5 јануари, а вториот на 26 декември.
Постот завршува со Бајрам.
Македонија
Народната банка со поддршка за борбата против семејното насилство
Вработените во Народната банка организираа хуманитарна акција, преку која изразија поддршка за борбата против семејното насилство. Донацијата на вработените за „Кризниот центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“, кој 20 години нуди поддршка и помош на жените кои поминуваат низ тешки животни искуства, ја врачија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и претставници на Синдикатот на вработените во Народната банка.
При посетата на Кризниот центар, тимот на Народната банка се запозна со предизвиците со кои се соочува здружението и активностите кои ги преземаат за помош и поддршка на жените жртви на насилство. На средбата беше истакната потребата од понатамошно јакнење на свеста на сите општествени чинители за предизвиците со кои се соочуваат овие жени и долгиот процес и улогата на општеството во нивната рехабилитација.
„Потребата од натамошно подобрување на состојбите треба да е и причина да размислиме што и каде може да се унапреди за да се направат промени. Треба да посветиме должно внимание и да упатиме гласни пораки дека со економско зајакнување, жените жртви на семејно насилство многу полесно ќе го прекинат кругот на насилство и помалку ќе бидат жртви. Потребна е многу поголема сензибилност во однос на пристапот до работа на оваа ранлива категорија на жени. Тоа подразбира креирање мерки за нивно вработување, врз основа на реалните потреби на жените, или нивна стручна преквалификација, доквалификација што ќе придонесе за нивно интегрирање и задржување на пазарот на трудот“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска, при посетата на Здружението „Кризен центар за згрижување на жени жртви на семејно насилство-Надеж“.