Македонија
Пазарењата за нова Влада почнаа, ДУИ не е против коалиција со СДСМ

По вчерашното прегласување во едно гласачко место во Теарце, бројот на мандати не се смени, па сега политичките партии размислуваат на кој начин да формираат Влада, а таа секако ќе биде формирана од една македонска и една или неколку албански партии.
Имено, ВМРО-ДПМНЕ има 51 мандат, а ДУИ, досегашниот партнер во власта од албанскиот блок, 10, што е доволно да се имаат мнозинство пратеници, кои би ја изгласале новата Влада. Сепак, се шпекулира дека од избраните десет пратеници од ДУИ, четворица не сакале да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ и доколку седнат во Собранието со предлог Влада составена од овие две партии, истата нема да ја гласаат.
Од друга страна пак, останатите три албански партии Движењето Беса со 5, Алијанската на Албанците со три и ДПА со два мандата, сите заедно без ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ повторно би имале мнозинство во парламентот, но Беса од почеток вели дека нема да седне на иста маса со оние кои се инкриминирани од нелегално прислушуваните разговори.
Поради истата причина, и во неделата не се појавија на средба со лидерите на другите албански партии, што ја организираше лидерот на ДУИ Али Ахмети, што се одржа во хотелот „Александар Палас“.
Беса официјално соопшти дека средбата во „Александар палас“ е свикана од луѓе кои се споменуваат во предметите на Специјалното јавно обвинителство, како на пример во случајот „Маѓар Телеком”. „Членовите на ДУИ и ДПА и во ДИК уште еднаш му служеа верно на ВМРО-ДПМНЕ, одземајќи еден пратеник од коалицијата Преродба со Беса на сметка на Груевски. Волјата на нашите гласачи е да не учествуваме на состанокот свикан од претседателот на ДУИ. Не можеме позитивно да одговориме на оние кои, откако ја злоупотребија власта и волјата на Албанците за 15 години, газејќи и понижувајќи ги Албанците како никогаш порано, како и зајакнувајќи го екстремно антиалбанската фигура Никола Груевски, ги принудија Албанците да гласаат и за една македонска партија“, соопшти Беса.
Сепак, од таму додадоа дека ќе ги поддржат сите иницијативи кои ќе доаѓаат од сите субјекти кои го бранат и унапредуваат институционалниот интерес на Албанците и евро-атлантскиот стратешки интерес на државата.
Зијадин Села во име на коалицијата Алијанса за Албанците, по вчерашната средба со претседателот на ДУИ Али Ахмети изјави дека оваа средба била важна од аспект на иднината на албанскиот јазик.
Села е подготвен на коалиција и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ, заедно со ДУИ, кој би донесол 10 пратеници и трите пратенички места што ги освои Алијансата за Албанците. Тоа значи дека партиите од Алијансата, Движење за реформа на ДПА на Зијадин Села, Унитети на Гзим Острени и НДМ на Весел Мемеди се подготвени за формирање влада и со Никола Груевски и со Зоран Заев.
За средбата со Али Ахмети Села вели дека тоа бил важен состанок од аспект на иднината на албанскиот јазик.
„Тие што не беа присутни, се против. Ние сме за еднакви права“, изјави Села, алудирајќи на Беса, чија коалиција освои пет пратенички места.
По средбата, Села на Фејсбук напиша дека Влада во формат 50+10+3 e можна, но нестабилна, а најдобра би била комбинацијата 50+10+5+3 и дека само така албанскиот ќе стане рамноправен со македонскиот јазик. Тоа значи во коалицијата да влезе и Беса, партија која одбива да биде во каква било комбинација со политичари кои се споменуваат во прислушуваните разговори.
Од друга страна пак, се шпекулира за отпорот внатре во ДУИ за уште еден мандат во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, каде се вели дека четворица од новите пратеници на ДУИ веќе наговестиле дека во Собранието нема да гласаат за формирање влада со ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, вели дека нејзината партија не исклучува варијанта во која новата влада би се формирала со СДСМ, но дека одлуката за тоа како ДУИ ќе постапи допрва треба да биде донесена.
„Ние мислиме дека Мајскиот договор е коректен договор зад кој сме стоеле, ние сме го инсталирале, но во исто време непобитен факт е дека по овие избори ДУИ фактички не е единствениот претставник и не е претставник на волјата на албанското мнозинство. Затоа би било неправедно ако би направила некаква комбинација во име на волјата на албанското мнозинство со оглед на тоа дека има 10 мандати, но не претставува силна волја или мнозинство од над 51 отсто на албанските гласачи“, рече Теута Арифи.
По средбата со Ахмети, Села, Мемеди и Острени се согласија дека само со заедничка платформа со учество на сите политички претставници на Албанците во Македонија може да се изборат за правата на Албанците. Тие ги повикаа и лидерите на Беса и ДПА да им се приклучат и порачаа дека ќе коалицираат со онаа партија од македонскиот политички блок која ќе им понуди иднина.
Нивните барања се албанскиот јазик да стане втор службен јазик во Македонија, продолжување на мандатот на СЈО, имплементација на препораките од извештајот на Прибе, рамномерна распределба на буџетот и консензуално одлучување за сите битни прашања./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.