Македонија
Почнува реализација на проектот ’Предложете сообраќајна контрола’ на веб-страницата на МВР
Проектот, кој е дел до серијата слични зафати и има цел да ги подобри состојбите во сообраќајот, односно зголемување на безбедноста и поефикасно откривање и санкционирање на непочитувањето на сообраќајните правила и прописи, беше промовиран во понеделникот од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
„Факт е дека нема граѓанин кој не е засегнат од состојбите во сообраќајот и дека се зголемува граѓанскиот активизам, односно сугестиите, мислењата и забелешките за одредени проблеми. Затоа со проектот предвидовме граѓаните да можат на интернет страната на Министерството да испратат некаква информација или забелешка за одредени неправилности на одредени улици на кои честопати биле сведоци“, истакна Јанкулоска.
„Потребно граѓаните само е да ни ја наведат локацијата и временскиот период во кој најчесто ги забележале овие појави без разлика дали станува збор за брзо возење, некакви трки, непрописно паркирање или други непочитувања на сообраќајната сигнализација. Нивната забелешка веднаш ќе биде проследена до Секторот за сообраќај од каде што во најкус можен рок ќе биде изготвен план за вршење на контрола во однос на информацијата доставена од граѓаните. По завршувањето на контролата наша ќе биде обврската повратно да ги известиме граѓаните за преземените мерки, констатираната состојба и изречените санкции“, додаде министерката за внатрешни работи .
Останува да се види, рече Јанкулоска, дали со тоа ќе се зголеми бројот на регистрирани прекршоци и бројот на казни, но сигурно е дека тоа ќе значи поголема внимателност и поголемо почитување на сообраќајните правила и прописи. Притоа министерката презентираше дел од статистичките показатели по однос на прекршочните сообраќајни санкции.
Според овие показатели, во текот на 2014 годна е регистриран зголемен број прекршоци за повеќе од 4 отсто. Во првите шест месеци регистрирани се 73.152 прекршока на патиштата низ земјава или приближно 400 прекршока дневно низ целата земја. Најголем дел од нив се направени во главниот град во Скопје, односно 15.696 или околу 86 секој ден.
Сепак, рече уште Јанкулоска, треба да се истакне дека токму во Скопје бројот е во опаѓање во однос на првото полугодие од минатата 2013 година, и тоа за повеќе од 20 отсто. Најголем пораст на регистрираните прекршоци е забележан од автопатната полиција. Зголемувањето е за над 19 проценти, а биле забележани околу 77 прекршоци секој ден. Што се однесува до видовите на прекршоци кои најчесто се регистрирани, првите пет се: „непрописно запирање и паркирање на возила“ – 9.301; „употреба на нерегистрирано возила“ – 8.715; „брзо возење“ – 7955; „управување без возачка дозвола“ – 7,346 и „возење под дејство на алкохол“ – 4.365 прекршоци.
Како што посочи министерката за внатрешни работи, станува збор за првиот проект од повеќето посветени на подобрување на состојбите во сообраќајот. Во соработка со локалната самоуправа и Републичкиот совет за безбедноста на сообраќајот на патиштата предвидени се проектите – “Зони на смирен сообраќај“, и „Дали возам безбедно“. За подигнување на довербата предвидено е и снимање на местото каде се врши контролата, а во скорешно време се планира да се поедностави и процедурата за добивање записници од незгодите по електронски пат./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Инспекциска акција во Центар, нема да толерираме диви депонии и небезбедни напуштени објекти, порача Герасимовски
Инспекциските служби на општина Центар започнаа со расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7, во близина на ТЦ Буњаковец.
На првата локација, во близина на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на Министерството за внатрешни работи, се иселени бездомните лица, затекнати во руинираниот објект, по што започна расчистување на сметот во и околу куќата, извести Општината.

Интервенцијата е извршена по пријава и барање на жителите од околните згради, поради страв од пожари, кражби и загрозување на безбедноста и здравјето.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни бездомни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба. По завршување на постапката, ќе се пристапи кон целосно расчистување на просторот кој е претворен во мини депонија.

Ова не е првпат инспекциските служби на општина Центар да интервенираат на овие локации по барање на жителите. И покрај претходните интервенции, бездомни лица повторно се вселуваат во напуштени објекти, користејќи го фактот дека станува збор за куќи со нерешени имотно правни односи. Иако сопствениците се контактирани, поради недостиг на соодветна реакција, Општината е принудена постојано да интервенира со цел заштита на јавната безбедност, велат од Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски посочи дека ваквите објкети во кои се собираат бездомници и се создаваат диви депонии, не се само лоша слика за централното градско подрачје, туку и реална опасност за околината.

„Ги повикувам сопствениците да бидат одговорни, а граѓаните навремено да пријавуваат, за да можеме навреме и ефикасно да реагираме“, порача Герасимовски.
Македонија
По информациите за енормно загадување на водата за пиење во Струга, обвинителството оформи предмет
Во врска со информациите за енормно загадување на водата за пиење и за основни животни потреби на подрачјето на градот Струга, Основното јавно обвинителство Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.
Во координација со МВР – ОВР Струга, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење.
При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје.
Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки, соопшти обвинителството.
Македонија
Советник на Мицкоски за нов уставен судија – толку од независноста на судството, велат од СДСМ
Гоце Наумовски, кој е надворешен советник на премиерот Мицкоски за правни работи, е предлог за нов уставен судија кој се очекува да биде изгласан наскоро, истакнуваат од СДСМ.
„Кадровско решение од кабинетот на премиерот во највисоката судска инстанца во државата.
Дополнително, Гоце Наумовски е брат на поранешниот вицепремиер за евроинтеграции од ВМРО, Васко Наумовски, со што политичките релации и влијанија се уште еднаш потврдени.
Власта ги зема под целосна своја контрола судството и обвинителството.
Го сменија јавниот обвинител и планираниот избор на обвинител под своја контрола. Сопруга на градоначалник на ВМРО назначија за член на Судски совет. Сега советник на Мицкоски во Уставниот суд“.
Според СДСМ, додека Мицкоски од собраниска говорница им дели задачи и им кажува што и како да работат, носат закони за правосудатво кои се спротивни на препораките на ЕУ.
„Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата. Исто како во времето на Никола Груевски.
Следува целосно погребување на правдата и правната држава“.

