Daily news
Шилегов: Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема да избегнат одговорност
Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема да го избегнат соочувањето со одговорноста за направените криминали и злодела со тоа што го одложуваат изборот на новата Влада, порача во недела Петре Шилегов, портпарол на СДСМ.
„Нова реформска Влада ќе има и таа Влада, како што е предвидено во нејзината Програма, ќе спроведе темелни реформи во судството и во обвинителството и ќе обезбеди независен судски систем и правда за сите. Тоа е мнозинската волја на граѓаните и таа ќе се преточи во институциите на системот“, рече Шилегов.
Според него, изборот на новата реформска Влада значи крај за, како што рече, Сваровски судството.
„Новата власт значи крај за судии избрани од тефтерчиња кои ги штитат криминалите на Никола Груевски раководството на ВМРО-ДПМНЕ и носат нарачани судски пресуди против политички неистомисленици. Груевски и соработниците знаат дека промените носат и крај за балските интервенции кај државниот обвинител Марко Зврлевски, за кумовските врски како онаа на Трајко Вељановски и Јово Вангеловски, за кадровските пајажини во судството што ги прават Груевски и фамилијата и сега на заминување, како што се последните примери на смени во Кривичниот суд“, нагласи Шилегов.
Портпаролот на СДСМ најави дека новата реформска Влада, веднаш по изборот ќе предложи продолжување на рокот во којшто Специјалното јавно обвинителство може да покренува обвиненија, за расчистување на скандалот со прислушувањето и понатамошна борба против корупција, криминал, злоупотреби на власта.
„Веднаш ќе ги донесеме измените на Законот за заштита на сведоци кои ги побара СЈО, за да овозможиме квалитетни истраги и одговорност за сите криминали и злоупотреби. Новата Влада ќе обезбеди поширока поддршка и мнозинство за воведување на специјализирано одделение во судот, за постапување по предметите што се во надлежност на СЈО“, рече Шилегов.
Тој најави и реформи на Судскиот совет, како и измени на Законот на судови заради воведување јасни критериуми за избор, напредување и разрешување на судиите.
„Квалитетот и ефикасноста на судиите ќе се мерат објективно, според бројот на решени предмети, бројот на обжалени пресуди, бројот на потврдени пресуди, причините за укинување на пресудите и времетраењето на судските постапки. Ќе следуваат и темелни реформи во Јавното обвинителство. Македонија ќе биде правна држава во која законите ќе важат подеднакво за сите! Криминалците ќе одговараат и ќе ги вратат сите украдени пари“, рече Шилегов.
Според него, секој кој е против овие промени треба да знае дека е заштитник и соучесник во криминалите на досегашната власт, или е злоупотребен за тие цели.
„Затоа ги повикуваме сите вработени во јавните установи и правосудниот систем да бидат свесни за нивната одговорност и историскиот момент во кој живееме. Секој мора да ја работи својата работа професионално, неселективно и според законите и да не се става во заштита на криминалот и криминалците. Укажуваме дека мнозинската волја на граѓаните ќе се испочитува, ќе се избере претседател на Собранието што ќе отвори пат за брз избор на новата реформска Влада на граѓаните и Македонија ќе биде правна држава“, истакна Шилегов. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Измамници се претставувале како Бред Пит и навеле обожавателки да веруваат дека почнале романтична врска со него
Во Шпанија уапсени се пет лица кои изнудиле 325.000 евра од две жени претставувајќи се како познатиот американски актер Бред Пит, соопшти денеска МВР на таа земја на својата официјална веб-страница.
Во текот на истрагата се покажа дека криминалците контактирале со своите жртви преку веб-страница за обожаватели на американскиот актер, ја добиле нивната доверба и ги навеле да веруваат дека почнале романтична врска со Бред Пит.
Потоа со лажно претставување ги натерале жртвите да инвестираат во комерцијални проекти.
Daily news
Спаси жена што сакаше да скокне од мост, а со години бесплатно ги хранеше бездомниците: Џон Бон Џови ја враќа вербата во човештвото
Познатиот рокер Џон Бон Џови пред десетина дена беше тема на сите светски медиуми кога убеди непозната жена да не скокне од мост. Овој потег не е единствениот што ја докажува неговата емпатија и хуманост кон луѓето што не ги познава.
Џон Бон Џови, американскиот музичар и фронтмен на познатиот бенд „Бон Џови“, на пешачкиот мост го снимал спотот за песната The People’s House кога од другата страна на оградата забележал жена.
На снимките од надзорните камери што ги сподели локалната полиција може да се види како Џон со член на својата екипа ѝ приоѓа на потресена жена. Потоа се потпрел на оградата и почнал да разговара со неа повикувајќи ја да се врати на безбедно по што ѝ помогнал да се прекачи преку оградата.
Бон Џови потоа ја прегрна и тие стоеја така околу една минута пред заедно да одат по мостот.
Полицискиот оддел Метрополитен во Нешвил го сподели видеото на нивниот канал на „Јутјуб“ и рече дека пејачот ѝ помогнал на очајна жена.
Секоја чест за Џон Бон Џови и неговиот тим што ѝ помогнаа на една жена на пешачкиот мост „Сејгенталер“ во вторникот вечерта.
„Бон Џови успеа да ја убеди да се симне од платформата на мостот на реката Камберленд на безбедно“, објави полицијата на платформата X.
Обожавателите на рокерот не беа изненадени од неговиот потег. Имено, тој во 2011 година основал непрофитна организација, односно синџир ресторани, каде што немало ценовници, а плаќањето на сметката било опционално.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.