Политика
Заев: Од државата се крадат 400 милиони евра годишно
Од државата се крадат 400 милиони евра годишно. Само ова да остане во Македонија, ќе може да се искористи и за враќање на кредитите, но и за развој, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Тој додава дека неговата партија е спремна за избори и дека има програма којашто била донесена во декември 2015 година, на 224 страници со среднорочна визија за четиригодишен мандат на нова влада.
Доколку победат на наредните избори Заев најавува дека нивната главна задача ќе биде отворање на работни места и просечна плата од над 500 евра.
„Околу 65 проценти од програмата е економија. Главна задача е работни места и тоа квалитетни. Просечната плата да биде над 500 евра. Парите да ги вратиме назад кон граѓаните. Како социјалдемократи и левичари веруваме дека ќе ни ја биде државата ако народот има пари. Тоа ќе обезбеди и нивно фиксирање овде, во Македонија, да ја спречиме миграцијата и дај боже да почнеме да ги враќаме младите кадри коишто заминаа. Како ќе го правиме тоа? Директно користејќи ги домашните ресурси. Некои прашуваат дали може, презадолжена е државата и слично. Од државата се крадат 400 милиони евра годишно. Само ова да остане во државата е силен потенцијал и за враќање на кредитите, но и за развојни димензии на нашето општество“, вели Заев во интервјуто.
Заев ветува дека доколку победат на избори ќе бидат отворени за критичките медиуми кон нив, а како доказ за тоа тој го наведува неговото гостување на телевизиите Сител и Канал 5, медиуми, кои според него, се перјаници на власта.
Иако сите проценки велат дека идната власт ќе треба да вади „костени од оган“, сепак ако СДСМ победи на изборите, Заев најавува дека токму тој ќе биде премиер за да покаже резултати.
Тој повторува дека регулација на медиумите и прочистувањето на избирачкиот список остануваат главни услови на опозицијата за одржување на изборите.
„Договорот од Пржино има конечна цел – полн легитимитет на победникот. Условите се целта на договорот од Пржино, а не датумот. Чуму ни се нови криминални избори, кој има корист од тоа? Граѓаните сигурно не. Затоа, регулирање на медиумите е еден од условите и тоа е минимум – Македонската радио-телевизија и Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги. Вториот дел е прочистен избирачки список на којшто граѓаните ќе му веруваат. Тие два минимум услови бараме да бидат исполнети за да може опозицијата да има фер третман за рамноправна застапеност во медиумите и меѓу другото граѓаните да знаат дека нивниот глас ќе има влијание врз тоа кој ќе ја добие честа да ја води Македонија“, вели Заев.
Во интервјуто Заев јавно ветува дека никому нема да му фали влакно од главата поради тоа што не е за СДСМ или за опозицијата.
„Може кој било да изгуби работно место ако не си ја гледа работата. Ќе бараме ефикасна и ефективна јавна администрација. Тоа е возможно на неколку начини. Ќе воведеме и втора смена во јавната администрација заради рационализација и можноста вработените во јавната администрација да си завршат работа и после работа. Да ги пополниме сите празнини, некаде има дефицит, како негуватели во градинките или слично. Ова го кажувам за сите да бидат убедени дека никому нема да му фали ништо“, вели Заев.
Тој не кажува конкретно како би се решиле прашањето за името со Грција, но е дециден дека единствено политички и кредибилна влада може да влезе во решавање на овој проблем.
„Ние на решавање на овој проблем гледаме преку консензус. И политички и граѓански, транспарентно, со чекор кој ќе го заштити нашиот дигнитет, нашата национална посебност, нашето уставно име, сè со конечна цел да направиме исчекор којшто ќе биде некаде прифатлив и за нас и за Грција, но притоа јас ќе останам Македонец. Мојот татко и дете биле Македонци, а јас и во иднина моето дете ќе останат Македонци“, додава Заев.
Со тоа што опозицијата нема да учествува во работата на Собранието, Заев вели, дека сакаат да испратат пресериозна порака до Уставниот суд да донесе одлука за уставноста на Специјалното јавно обвинителство пред судиите да одат на летните одмори.
За впечатокот дека СДСМ не го вади масовно членството на улица Заев вели дека сакале да им дадат целосно отворен простор на граѓаните. „На луѓето некој пат им е преку глава од политичките партии. Сиве овие 25 години постои голема разочараност. Овие граѓани на улица се едно здраво нешто за Македонија, тие граѓани ќе си ја чуваат својата земја од секоја наредна власт и убаво е тие да го имаат приматот. Дури и кога се појавуваме, нè гледате на крајот на поворката, некаде периферно за да не им го земеме приматот на тие граѓани коишто се охрабриле и одважиле и да покажат дека се тука, решени да се борат за својата земја“, смета Заев.
Тој верува дека Пржинскиот договор нема да пропадне, а посебна искра надеж за враќање на правдата , според Заев, е Специјалното јавно обвинителство.
„Тоа е институција формирана со консензус во парламентот, консензуз помеѓу политичките партии, дури и Катица Јанева има целосна поддршка од сите претседатели на најголемите политички партии. Груевски даде согласност, исто како што дадов и јас, за Катица Јанева и за законот, целосно отворена можност таа сама кадровски да го постави тимот во СЈО. И мене не ми е баш пријатно кога сум исправен таму за „Пуч“ или за кој било од предметите за коишто има можност да биде отворена иницијатива против некои опозиционери, но ние ветивме дека покрај политичката, мора да има и правна одговорност, правна разрешница за да може граѓаните пред изборите да имаат чиста состојба при носењето на нивната одлука“, вели Заев во интервјуто за Радио Слободна Европа./крај/рсе
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски од Чаир: На Македонија ѝ треба обединување и единство, а не поделби, владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе вложи 1 милијарда евра за проекти во сите општини
Се чувствува победничка атмосфера и енергија, тоа е важно за сите нас и ни дава мотив да продолжиме посилно да се бориме. Овие денови кои ни преостануваат треба максимално да се мобилизираме, а најновите анкети кои ги добив утрово велат дека ќе биде голема победата и на 24 април и на 8 мај, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Чаир.
Мицкоски истакна дека сега во Македонија имаме политичка гарнитура која повеќе од две децении е на власт, тоа се ДУИ чија суштина се поделби и грабеж на народот.
– Кога ќе анализирате која е суштината на ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби, Бујар Османи, Талат Џафери и останатите, кај нив нема ништо посебно тие само го делат народот по етничка основа и така опстојуваат. Дали некој може да се сети некоја добра работа која Али Ахмети и Артан Груби ја имаат направено, но можам да кажам десетици лоши работи, рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека сега ДУИ сериозно ќе бидат изненадени на овие избори, а им се познава нервозата затоа што после 8 мај треба да одговараат за сето она што му го направија на народот, за целиот грабеж.
Мицкоски се осврна на проектите кои ги планира идната влада од ВМРО-ДПМНЕ и посочи дека се планира да се инвестира 250 милиони евра секоја година во општините, 1 милијарда во 4 годишен мандат.
– Во Чаир ќе има висока сума, еден од проектите е проширување на булеварското решение на влезот од Бит Пазар кон Чаир и тоа мора да се направи и го повикувам градоначалникот да се пријави со повеќе проекти. Тоа ќе додаде вредност во квалитетот на живеење. На Македонија и треба обединување и единство не поделба, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ планира да отвори нови 55.000 работни места, да функционира со владеење на правото на целата територија и нема да има територии каде ќе владејат шерифи.
Да обезбедиме пристојни услови за поголем инвестициски бран и од странство и од домашни инвеститори за да може децата да останат тука. Мораме и тие кои си отидоа да ги вратиме назад. Да обезбедиме надеж. Ве повикувам на 24 април сите да се обединиме околу број 2 и да гласаме за Гордана Силјановска Давкова, а потоа да се обединиме и заедно на 8 мај да испишеме историја за коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави Мицкоски.
Македонија
Доц. д-р Бобан Карапејовски: Ќе обезбедиме вработување на најдобрите 200 студенти, како и стипендии од 500 евра месечно
Носителот на листата на кандидати за пратеници во ИЕ 1, Бобан Карапејовски на денешната прес конференција рече дека во програмата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за парламентарните избори, наречена „Проглас за достоинствена Македонија“ еден од приоритетите се образованието и науката, кои се суштински за градењето силна и просперитетна држава.
„Во Прогласот за достоинствена Македонија на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, предвидовме два сегменти: зголемување на достоинството на вработените во образованието и во науката и поставување нов систем, со кој овој сектор ќе се врати во фокусот и ќе помогне во создавањето функционално писмен и високообучен кадар, како и продлабочување на
научните истражувања“, рече Карапејовски и додаде: „Во однос на првиот постулат, достоинството на вработените во образовниот сектор, е предвидено платите на наставниците и на професорите да се зголемат до 100 % од актуелните. И, тоа е најмалку што можеме да направиме за да му го вратиме угледот на учителот и да ги привлечеме најдобрите да бидат
даскали на нашите деца“.
Тој потенцира дека за најдобрите студенти ќе се обезбедат стипендии во износ од 500 евра месечно, а за најдобрите двесте студенти вработување во научните и во институциите на системот.
„Партиските вработувања мора да запрат! Не смее партиската книшка да биде услов за вработување. На универзитетите и во државните институции треба да работат најдобрите за најдоброто за сите нас. Ни треба научен подмладок веднаш, како и
ревизија на условите и зголемување на квалитетот на акредитираните универзитети, кои се множат на секој чекор, а не даваат квалитет“, рече тој.
Карапејовски рече дека наставните програми и планови ќе се усогласат со модерните технологии и достигнувања и појасни дека ќе се изгради систем што ќе поттикнува креативно, аналитичко и логичко размислување кај учениците, но и ќе поттикнува креативност во областа на бизнисот и на финансиската едукација. Учебниците ќе бидат усогласени со новите наставни планови и програми и напишани од најдобрите автори, навреме доставени до учениците.
Тој исто така рече дека издвојувањата од буџетот за науката ќе се зголемат, а ќе има и посебни стимулации за оние што успеваат да објавуваат во најпрестижните списанија и да соработуваат со колегите од најдобрите светски универзитети, како и посебни субвенции за таканаречните национални дисциплини.
Македонија
Пендаровски: Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека на 8 мај победуваме!
На само неколку дена пред првиот круг на гласање, од Скопје кандидатот за претседател Стево Пендаровски искажа верување дека по повеќе од три децении независност, македонските граѓани многу добро знаат да препознаат чија програма е реална, а која е во расчекор со времето во кое живееме.
„Овој претседател и оваа политичка гарнитура никогаш не давале лажни надежи и ветувања за брза реализација на стратешките цели на државата. И денес пред вас, не велам дека Македонија за само неколку години ќе биде најразвиената држава во Европа, не ветувам дека целиот тој процес ќе трае само неколку месеци, но, говорам и повторувам секаде дека најголемиот ризик е ако на изборите им дадеме шанса на оние за кои претходно веќе видовме како владеат со луѓето цели 11 години“, истакна Пендаровски.
Пендаровски денеска повика на масовна излезност на 24 април и на 8 мај, за како што рече, да не се враќаме во режим.
„Ги знам нивните лажни анкети, ги знам и реалните анкети и реално ви кажувам дека победуваме на 8 мај. Со заокружување на бројот 1 продолжуваме кон Европа и кон развиениот свет и дефинитивно не се враќаме назад во режим и заробена држава“, рече Пендаровски.