Македонија
Повредени и приведени на синоќешните протести пред Влада
Повредени демонстранти и полицајци, новинари, фоторепортери и приведени демонстранти е билансот од вчерашниот протест пред Влада, откако опозицијата објави аудио разговори меѓу владини функционери за убиството на Мартин Нешкоски.
Пред зградата на Владата во средата утрото е мирно, улиците се расчистени и нема полиција.Во текот на денов се очекува полицијата официјално да излезе со информации колку точно повредени и приведени има на протестите кои завршија насилно некаде околу полноќ.Портпаролот на МВР, Иво Котевски, изминатата ноќ информираше дека во Ургентниот центар биле примени осум повредени полицајци и тројца цивили, во хируршката болница „Свети Климент Охридски“ четворица полицајци, а во Градската општа болница „8-ми Септември“ еден полицаец и еден цивил. Котевски информираше и дека има и приведени демонстранти.„Полицијата беше предмет на досега невиден брутален напад. Полицаецот со посериозни повреди бил нападнат со шипки и бекатон плочки. Демолирани се неколку полициски автомобили, како и државен имот кај Владата“, изјави Котевски.Демонстрантите неколку часа скандираа и бараа оставка од министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, фрлаа со камења и шипки кон полицијата, која потоа ги истисна демонстрантите.По зградата на Владата се фрлаше со јајца, домати и компири.Меѓу демонстрантите беа мајката и братот на убиеното момче, кој го организираше протестот преку социјалните мрежи.Толпата најпрво беше истисната кон булеварот „Климент Охридски“ и дел на булеварот „Илинден“ кон Градскиот парк. Повеќе од еден час толпата што беше растерана кон Соборниот храм даваше отпор, за околу 23.15 часот целосно да биде разбиена на булеварот „Партизански одреди“.Пред протестот Јанкулоска излезе на прес-конференција во Владата и го обвини Заев дека злоупотребува смрт на младо момче за политички поени.Рече дека материјалите кои беа објавени се монтирани и креирани и дека полицијата направила се за да го расчисти убиството. Нешкоски беше убиен на 5-ти јуни 2011 година вечерта, додека се славеше победата на ВМРО-ДПМНЕ на плоштадот во Скопје. Припадникот на специјалната полициска единица „Тигар“, Игор Спасов, е осуден на 14 години затвор, но никој не презеде командна одговорност. На снимките коишто ги објави опозицијата се слуша како владините функционери разговараат околу случајот, меѓусебно се информираат, се обидуваат да конструираат одговори за јавноста. Според снимките коишто ги објави опозицијата, Дејан Митревски – Урко, кој беше лично обезбедување на премиерот Никола Груевски, го криел убиството и од министерката и другите владини функционери./крај/мф/
Извор: Фото: Ројтерс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

