Македонија
Препораки за заштита од заразни болести во поплавените региони
За време на поплавите постојано да се следат информациите за водоснабдувањето и безбедноста на водата за пиење преку локалните и националните телевизии, радиjа и преку интернет порталите, препорачуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
– За пиење, за подготовка на храна и за одржување на лична хигиена, да се користи само пакувана вода или вода за пиење од цистерни која ја доставуваат јавните водоснабдителни претпријатија.
– Доколку постојат резерви вода, истата да не се употребува додека не се преврие (вриење најмалку 15 минути), или водата да се хлорира на соодветен начин, или од страна на стручно лице.
– Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти, каде е видливо заматување на водата, истата да не се користи за пиење и за готвење, се до санирање на состојбата и до добивање на лабораториска потврда дека водата е безбедна.
– Доколку водоснабдувањето се врши од индивидуални водоводни објекти каде нема видливи промени на водата, се препорачува да се изврши нејзина превентивна дезинфекција.
– Редовно да се одржува хигиената на рацете со сапун или средство за дезинфекција, особено по контактот со водата од поплавата или со предметите кои биле поплавени, особено по чистењето и пред подготовка на храна.
– Да се заштити готовата храна за да не дојде во контакт со водата од поплавата или со отпадните води.
– Целата храна која била во контакт со водата од поплавата, во поплавени фрижидери, замрзнувачи или подруми, да не се користи за исхрана, односно, се препорачува храната да се фрли.
– Да се дезинфицираат сите работни површини, како и приборот за готвење и јадење.
– Храната да се подготвува со безбедна вода и задолжително термички да се обработи на температура повисока од 70 степени Целзиусови.
– Подготвената храна да не се чува подолго од два часа на собна температура, односно истата треба да се чува на температура пониска од 10 степени Целзиусови.- Да се избегнува контакт на сировата храна со термички обработената храна.
– Како дополнителни мерки препорачуваме храната темелно термички да се обработи, особено храната од животинско потекло, додека овошјето и зеленчукот кое обично се користи сирово, дополнително да се измие во млака вода, да се исчисти, повторно да се измие и термички да се обработи.
– Малите деца се препорачува да се хранат со индустриски подготвена храна.
Заштите ги животните од поплави
-Без разлика дали се работи за домашен миленик или за домашни животни, сопствениците и одгледувачите имаат должност да бидат подготвени во случај на елементарна непогода и да водат сметка за заштитата и благосостојбата на животните.
-Сопствениците и одгледувачите на животни треба постојано да ја следат метеоролошката состојба, особено предупредувањата од надлежните органи за опасност од појава на поплави, за да можат навремено да ги извршат неопходните подготовки за заштита на животните. Основна работа е на животните да им се обезбеди соодветна храна, вода и засолниште.
-Доколку постои предупредување за поплава, ако има можност, животните пред надоаѓање на водата да се префрлат на безбедна локацијa.
-Ако во краток рок е потребно да се напушти местото на живеење, а не е можно да се понесат животните со себе, ако е можно животните треба да се префрлат на безбедно место. Ако се во штала и се држат врзани, животните треба да се одврзат и доколку постои можност, да се дислоцираат на повисоко место каде ризикот од поплавување е помал. Исто така, треба и да се отворат вратите од боксовите и шталите со што животните би имале шанса да побегнат. Животните кои се држат на отворено исто така треба да се префрлат на повисоко место каде ризикот од поплавување е помал.
-Доколку е можно, храната треба да се складира и префрли на безбедно и суво место, по можност да се складира и свежа вода (во херметички затворени резервоари, цистерни, буриња итн.).
-Животните треба да бидат обележани согласно Законот за идентификација и регистрација, односно говедата, овците и козите и свињите со ушни маркици, а доколку се работи за животни кои немаат идентификација, сопственикот може привремено да ги обележи за да можат да се идентификуваат во случај да се изгубат.
-Фармскиот регистер и податоците за животните да се складираат на безбедно и суво место.
-Доколку се најдат животни во поплавени подрачја, со истите треба да се постапува внимателно, имајќи во предвид дека се вознемирени и исплашени. Прво треба да се згрижат помладите животни. На истите треба што побрзо да им се обезбеди свежа и безбедна вода (доколку нема друга опција за безбедна вода, на животните може да им се даде да пијат дождовница). Храната може да се даде во помала количина од вообичаената. Одгледувачите треба да се обратат до екипите на терен кои ќе им дадат соодветни информации каде и како може да обезбедат свежа вода и соодветна храна. На животните не треба да им се дава да пијат од поплавената вода.
-Доколку има ограничен извор на вода, на животните дневно треба да им се обезбеди следната количина на вода (во зависност од возраста, големината и продукцијата на животните):- Говеда 30-50 литри- Коњи 20-45 литри- Свињи 4-12 литри- Овци и кози 6 литри- Живина 0.5 литри
-За да се намали жедтта, доколку има потреба, на животните треба да им се дава помала количина на храна, пресушување на млечните крави кои се во подоцнежна фаза на лактација итн.
-Одгледувачите треба да бидат во контакт со надлежниот ветеринар за давање совети, инструкции, а по потреба и за давање на ветеринарно медицинска грижа.
-По поплавата, прво треба механички да се исчисти отпадот кој е надојден, да се изврши дезинфекција и дезинсекција. Животните се враќаат во одгледувалиштето кога објектите се безбедни, чисти и суви и по консултација и дозвола од надлежен ветеринар. Ветеринарот треба да ја провери здравствената состојба на животните.
-Доколку животните не може да се сместат во шталите на истите треба да им се обезбеди соодветно засолниште со суви и безбедни лежишта. Животните треба да имаат пристап до свежа вода и храна.
-Доколку се наиде на мртво животно треба да му се запише бројот на ушната маркица или идентификационата ознака. Лешевите од животните треба нештетно да се отстранат по претходна консултација со надлежните лица.
-Животните кои не се во добра здравствена состојба, кои очигледно патат и страдаат, во консултација со надлежен ветеринар треба да се убијат на хуман начин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Сопственикот на илегалната дрога, рамо до рамо со Венко Филипче, јасно е кој седи позади дрогата
Со денови ги слушаме СДС и Филипче, во прашална форма како лажно ја обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ за некаков шверц на дрога, па го мешаат Томовски, и кој се уште не, но, еве ја вистината на дело.
Откриваме фрапантен податок и фотографија, која покажува директна инволвираност на Венко Филипче со шверцот на илегалната дрога. Венко и газдата на фабриката со илегалната марихуана – еден до друг, истакна на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Венко Филипче на телевизиско интервју, кажа дека нема никаква врска со вистинскиот сопственик на Фирмата „ЦБД Медплант“ и поранешен функционер на СДС, Тони Котев, а како што гледаме на сликата тие двајца добро се познавале и соработувале.
Венко Филипче и Тони Котев, рамо до рамо еден до друг.
Венко Филипче и СДС, наместо секојдневно да прашуваат и да шират невистини и манипулации, треба да одговорат на вистинското прашање, зошто се толку потресени и толку силно водат кампања за овие заплене на околу 30 тони дрога? Дали во СДС се исплашени затоа што Филипче и Заев се вмешани во трговијата со дрога? Затоа ли Филипче добро знае колку камиони требаат за одредена количина на дрога? Затоа ли во 2023 година го променија правилникот за одгледување на канабис? Колку милиони требале да заработат и на овој криминал“.
Според него, каде има чад, има и оган.
„Каде има криминал и корупција, таму се и Филипче и Заев. Ако порано се велеше дека сите патишта водат кон Рим, денес сите патишта за криминал и корупција, водат кон Филипче и Заев“.
Го повика ЈО, да ја истражи поврзаноста на Филипче и Заев, во случајот со 30-те тони запленети дрога.
Македонија
(Видео) Македонија на чекор до историски трговски договор со САД, рече Стојаноски
Македонија е на чекор до потпишување историски трговски договор со Соединетите Американски Држави, објави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски на денешната прес-конференција, нагласувајќи дека се работи за „историски успех за македонската Влада и дипломатија“.
Како што информира Стојаноски, доцна синоќа Белата куќа објавила Заедничка изјава за реципрочна трговија помеѓу САД и Македонија, со која се најавува рамка за договор со царински тарифи до 15%, а за одредени производи и 0%.
„Се идентификуваат производи коишто ќе добијат до 0% реципрочна тарифа, што значи дека за дел од клучните индустрии и производи царинските тарифи ќе се намалат до нула“, рече Стојаноски.
Според него, ова претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и економската соработка меѓу двете држави. Договорот, како што рече, на македонските компании ќе им обезбеди конкурентска предност, регулаторна сигурност, предвидливост и посилна позиција на американскиот пазар.
„Во овие непредвидливи глобални времиња се зачувани илјадници работни места, а се испраќа и сигнал за политичка и економска стабилност на нашите односи со официјален Вашингтон“, додаде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително, Стојаноски истакна дека документот е доказ за неоснованоста на критиките од СДСМ дека Владата нема надворешен план или визија. Целта на Владата, рече тој, е повеќе извоз, инвестиции и добро платени работни места дома.
Македонија
Левица: Радикално кратење на земјоделските субвенции, десничарската ДПМНЕ покажува дека не и требаат земјоделци
Со усвојувањето на новата програма за унапредување и поддршка на македонскиот аграр од страна на владата, сведоци сме дека оваа таканаречена програма не нуди ни унапредување ни поддршка, а ни развој на домашното земјоделско производство на храна, велат од Левица.
Ова, како што додаваат, е уште една капка која веќе ја прелива чашата на неиздржливост, која радикално десничарската реакционерна партија ДПМНЕ, им ја сервираше на македонските земјоделци во овие неполни две години власт.
„Партијата позната по криминалот и корупцијата, по луксузот кој си го уживаат нејзините функционери платени од парите на работниците, реши да ги скрати земјоделските субвенции за цели 40 милиони евра, од 140 на 100 милиони евра, пари кои сега нема да отидат кај земјоделците туку партијата ќе си ги троши за свои потреби.
И оваа е уште една од вестите за катастрофата што и се случува на нашата земја и домашното производство на храна, после веста дека во 2025 година имаме рекорден увоз на храна од над 1,1 милијарди евра, односно, околу 600 милиони евра трговски дефицит кај храната, пари кои наместо кај домашните земјоделци, завршија кај странските корпорации и трговците блиски до партијата на власт“.
Затоа, за да се спречи пропаста на нашето земјоделско производство и да се заштитат земјоделците кои од чесни производители на храна, оваа влада има намера од нив да направи социјални случаи, апелираме, истакнуваат од Левица, на будност и спремност, на неопходно организирање и преземање на работите и судбината во свои раце.

