Региони
Весела новогодишна ноќ во Охрид, за прво бебе ќе почекаат

Охриѓани и гостите што решија да ги поминат новогодишните празници на Охридската ривиера синоќа ја испратија старата 2016 и ја дочекаа Новата 2017 година, на температура под нулата.
Со традиционална забава до раните утрински часови беше во угостителските објекти и во хотелите, кои беа исполнети речиси до последното место. И оваа година најбројни се гостите од соседните држави, најмногу од Бугарија, Србија и од Црна Гора.
Само неколку стотини граѓани на Охрид и туристи, и покрај студеното време ја дочекаа Новата година на градскиот плоштад, кадешто за нивното расположение се погрижија охридските естрадни уметници Елена Велевска и Ѓоко Танески, а беше организиран и голем огномет над Охридското Езеро.
Првиот ден од Новата година, Охрид го дочека во сонце што ќе придонесе за уште подобро празнично расположение на сите гости за време на нивниот престој.
Од аспект на безбедноста, новогодишната ноќ помина мирно. Портпаролот на СВР – Охрид, Стефан Димоски информира дека на територијата на градот немало регистриран случај на нарушување на јавниот ред и мир. Примерни биле и охридските возачи и гостите кои допатуваа со своите автомобили, така што „најлудата“ ноќ минала без ниту една сообраќајна незгода.
Територијалната противпожарна единица пак во текот на ноќта имала само една помала интервенција на опожарен неисчистен оџак, којшто веднаш бил изгаснат без да биде предизвикана материјална штета.
Во Службата за итна мединцинска помош задоволни се како поминала новогодишната ноќ. Дежурните медицински екипи немале ништо повеќе работа отколку во обичните денови. Оттаму го поздравуваат однесувањето на граѓаните кога е во прашање прекумерното консумирање алкохол, за што говори податокот дека медицинска помош поради пијанство побарале само неколку помлади лица.
Засега се уште нема принова во охридската Општа болница така што на првиот нов жител на градот во оваа 2017 година ќе треба да се причека./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вучиќ по средбата со Ковачевски: Односите меѓу Белград и Скопје се најдобри во историјата

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, при што во оваа пригода двајцата официјални претставници се согласија дека односите меѓу двете земји се најдобри во модерната историја, соопштија од прес-службата на Вучиќ.
Претседателот Вучиќ изјави дека во Србија и Северна Македонија постои силна политичка волја за натамошно зајакнување на соработката и предложи конкретни чекори на полето на трговијата, туризмот, културата и спортот.
Премиерот Ковачевски истакна дека нема повеќе отворени прашања меѓу Србија и Северна Македонија и дека партнерството меѓу двете земји е пример за регионот. Тој рече и дека трите документи, кои се потпишани за време на неговата посета на Белград, ќе дадат дополнителен поттик за зајакнување на соработката.
View this post on Instagram
Претседателот Вучиќ додаде дека Србија е решена да промовира позитивна агенда ориентирана кон иднината во односите во регионот, што може да се види преку нејзината активна улога во иницијативата „Отворен Балкан“, а со премиерот Ковачевски разговарал за соработката во рамките на таа иницијатива и дополнителните придобивки за граѓаните на Србија, Северна Македонија и Албанија.
Региони
СПЦ: Украина го прогонува православието

Српската православна црква објави дека владата во Украина врши притисок, насилство и прогон на Украинската православна црква, која е под јурисдикција на Руската православна црква.
СПЦ наведува дека Украина го прогонува православието.
„Српската православна црква со длабока загриженост, тага и братска љубов гледа на страдањата на светците во Украина, на притисоците, насилството и на прогонот што сегашната украинска власт ги врши врз канонската црква, а со тоа и врз мнозинството нејзини граѓани, со оглед на тоа што е најголемата верска заедница во државата.
Прогоните кулминираа во последните денови со насилното конфискување на храмовите во корист на псевдоцрковната расколничка структура, која има статус на некаква државна црква и неформална инквизиција“, се вели во соопштението на СПЦ потпишано од српскиот патријарх Порфирије, пренесува „Кликс“.
Од СПЦ тврдат дека е најавен и претстојниот врв на теророт. Тој наведува дека тоа е „верно повторување на советскиот прогон на Црквата“.
„Протерувањето 250 монаси и стотици професори и студенти по теологија од Киевско-печерската лавра, древниот духовен извор и центар на светата Русија, крштевањето на источнословенското христијанство и православието во модерна Украина, Русија и Белорусија, е застрашувачки терор и најгрубо кршење на основните права на Црквата и верската слобода.
Однесувањето на украинскиот државен врв сведочи дека неговата вистинска, веројатно, и крајна цел е да ја избрише историската меморија и сите траги од првобитното православие во Украина за да се избришат кодот и историскиот идентитет што Црквата макотрпно ги градела и чувала со векови од времето на свети Владимир до денес, стои во соопштението на Српската православна црква, пишува „Кликс“.
Потсетуваме дека Министерството за култура на Украина ѝ нареди на Украинската православна црква да го напушти манастирскиот комплекс Киев.
Минатата година украинскиот претседател Володимир Зеленски му рече на парламентот да подготви закон за забрана на верските организации поврзани со центрите на моќ во Русија.
Во јануари украинската влада испрати предлог-закон до парламентот со кој може да се укине Украинската православна црква доколку властите заклучат дека има врски со Русија, пренесе „Индекс.хр“.
Македонија
Од „Ќе видиш што ќе ти се случи“ до сечење гуми од автомобил – градоначалникот на Штип за заканите: Мислев ќе помине

Закани со зборовите „Ќе видиш што ќе ти се случи“ завршиле со сечење на гуми од автомобил. Вака градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов ги опишува претходните два месеци, за кои посочува дека бил мета на вработен бидејќи не го назначил на командирска функција. Јорданов посочува дека првично не го сфатил сериозно, се додека вчера, не биле исечени гумите на автомобилот со кој тој патува на подалечни дестинации. Вработениот сакал командирска функција во Противпожарната бригада. Јорданов за „Макфакс“ открива дека постојат и видео снимки.
„Станува збор за нереализирана лична амбиција, тоа е причината поради која тргна целата оваа работа. Заканите кои што беа вербално упатувани кон мене и трети лица, не сум одлучувал досега да ги пријавувам бидејќи мислев дека ќе помине и заврши. Ескалираше ситуацијата. Возилото со кое одам на пат во Скопје или на други подалечни дестинации го користам, а не е во моја сопственост, наменски се избушени гумите за да прати порака“, посочува градоначалникот на Штип.
На уништувањето на гумите, според градоначалникот, претходел друг настан.
„Во текот на вчерашниот ден, службените паркинг места кои ги има општината беа блокирани во неколку наврати од страна со неговото приватно возило со што јас го пријавив тоа во полиција, па дојде до тој момент“, посочува Јорданов.
Тој ги опиша и заканите кои ги добивал.
„‘Ќе видиш кој сум јас’ ‘ќе видиш што ќе ти се случи’, преку трети лица: ‘ова ќе му направам, ќе се влече по улици’.. Но тие не сум ги ставам толку важни како рeална опасност, до моментот кога видов дека не бира средства за да испрати порака“, вели тој за „Макфакс“ и додава: „Затоа и го пријавив во полиција, за да не направи друга материјална штета на мене, мои блиски, мој имот или физички да се пресмета“
Според градоначалникот на Штип, лицето сака да биде унапредено во командир на Противпожарната бригада и покрај тоа што не исполнува законски услови. Додава дека не е првпат да биде пријавуван за некој вид насилство.
„Не ги исполнува законските услови, тие се законски утврдени. Треба да има пет години работно искуство во униформа, лицето го нема тоа работно искуство. Ова мислам дека е само изговор, тоа е начин на функционирање бидејќи и поранешни градоначалници го имаат пријавувано за некој вид насилство – вербален напад, обид за физички напад, закани. Мислам дека на тој начин добива нешто и функционира“, додава Јорданов за „Макфакс“.
Вчеравечер, еден и пол час пред полноќ, градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов, пријавил дека континуирано во неколку наврати добивал закани. Ова траело со месеци, а вчера затекнал и како гумите од неговото возило биле распарчени. Тој пријавил дека делото го сторил вработен во Општината.