Македонија
Слупчане го условува ЕВН: Простете ни ги долговите, највисоките сметки да бидат 3.000 денари, дајте ни бесплатни приклучоци за нови куќи

Жителите на Слупчане ги условуваат екипите на ЕВН за да им дозволат да влезат во селото. Наместо слободен пристап до трафостаницата, вработените во компанијата тврдат дека се соочуваат со вербални и физички напади. „Макфакс“ дојде до документот на жителите на Слупчане, испратен преку Општина Липково. Тој се состои од 14 точки, преку кои се бара за нив да не важат правилата што треба да ги почитува секој граѓанин, односно потрошувач. Простување долгови од илјадници евра, бесплатни приклучоци, но и највисоката сметка што ќе ја добиваат да биде 3.000 денари – се дел од барањата.
„Не прифаќаме мерните уреди да се постават надвор од куќите. Сѐ додека ова не се случи во цела Северна Македонија, не дозовлуваме ние да бидеме исклучок; да им се простат старите долгови на корисниците на ЕВН од Слупчане; на секој крај од селото, каде што ќе се гради куќа, да му се обезбеди електрична мрежа од страна на ‘ЕВН Македонија’, а не граѓанинот повторно да плаќа илјадници евра за бандери; да се постави ограничена цена од 3.000 денари од семејство, без разлика на потрошените киловати; цената да биде иста и по потрошувачката од 700 киловати од страна на потрошувачот, а не оваа цена да се удвојува; верските објекти да бидат ослободени од плаќање струја“, се само дел од условите на жителите на Слупчане.
Ваков договор не е постигнат, а екипите на ЕВН одново се жалат дека се цел на напади. Тие не може да работат на модернизација на мрежата додека не им бидат обезбедени услови. Жителите, пак, не ги пуштаат внатре во селото, меѓу другото, и поради страв дека ќе им ја исклучат струјата.
Загубите во Слупчане се 80 %, а наплатата е само 20 %.
Пред три недели екипа на „Макфакс“ беше во Слупчане, каде што жителите останаа 24 часа без струја и беа гневни. Тврдеа дека не е точно оти не ги пуштаат екипите на ЕВН во селото. Преговараа со компанијата преку министерот за економија Крешник Бектеши, па откога прифатија да се направи модернизација на мрежата, струјата им беше вклучена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Арсовска објави снимка од нападот: Јас го напаѓам него или тој мене?

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска објави снимка од денешниот напад врз неа, на социјалните мрежи.
Во објавата на социјалните мрежи, Арсовска прашува дали таа напаѓа или е нападната и се брани.
Македонија
(Видео) „Тошковски ако се плашиш бе момче дај си оставка“: Арсовска обвини дека МВР функционира во одбрана на криминалци

Градоначалничката Данела Арсовска се огласи преку социјалните мрежи, откако излезе од полициската станица, по денешниот напад врз неа.
„Штотуку излеговме од полициската станица во Кисела Вода, со советничката Ирена Витина каде што бевме повеќе од два часа. По првиот час нагло се промени расположението во полициската станица по што почнаа да се обидуваат да го прикријат овој настан со цел да го заштитат лицето кое што физички ме нападна“, рече Арсовска.
„Трагедијата е што добив прашања од нивна страна, што сум барала јас таму, зошто одам и шетам на терен. Ако ви е целта да не изглегувам на терен, веднаш ви кажувам нема да ме спречите. Лицата кои ми се закануваа пред шест дена јавно, таканаречените команданти на ОВК на коишто главна цел во животот е да шетаат по улици и да тепаат жени. Ова лице смислено ме нападна, прво физички, понатаму со закани од тоа дека ќе ми ликвидира семејство, дете, еден по еден. Се јавуваше по телефон, си разговараа со него лицата од МВР и му дозволија да сврти 20 телефонски повици. По цел час вербални напади врз луѓето кои беа таму, вклучително и останатите жени, инспекторките, советничката Витина, ги нарекуваше кучки и со какви не зборови, по три часа во болница да завршиме во полициската станица каде што сега се обидуваат да го заташкаат случајот со тоа што ми велат да не сум излегувала на терен и што воопшто сум барала таму.
Ќе пријавувате насилници сто пати, никој нема да реагира и на крај ќе ве утепаат. Затоа не сме држава. Затоа МВР функционира во одбрана на криминалци, МВР функционира да ги брани оние кои тепаат по улици, можеби се плашат од нив, ако се плашите, Тошковски ако се плашиш бе момче дај си оставка, оди си, дај некој што е храбар, што има срце, душа нека оди таму да се справува со овие луѓе. Криминалци ли ќе ни ја водат државата. Треба ли да се плашиме да излеземе од дома. Не се срамите од ова што го правите?“, праша Арсовска.
Македонија
Ганиу го осуди нападот врз Арсовска: Ниту еден вработен или функционер на oпштина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу го осуди нападот врз Данела Арсовска и негира поврзаност со инцидентот.
„Општина Чаир најостро го осудува инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир.
Ваквите дејствија се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество.
Сметајќи дека е важно јавноста да биде точно информирана, ја појаснуваме фактичката состојба – настанот воопшто не е поврзан со нашата институција. Ниту еден вработен или функционер на Општина Чаир не бил инволвиран, ниту пак присутен на местото на настанот.
Општина Чаир останува посветена на зачувувањето на јавниот ред, почитувањето на институциите и унапредувањето на соживотот меѓу заедниците.
Во тој контекст, постапувањето останува во надлежност на соодветните институции, кои согласно своите процедури, ќе делуваат со внимание и одговорност, во насока на расветлување на настанот и зачувување на јавниот ред и мир“, напиша Ганиу на социјалните мрежи.