Региони
Промовирани асфалтираните улици во штипско Долани
Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев ги промовираше во вторникот асфалтираните улици во штипското село Долани.
На националниот празник Илинден, жителите добија целосна инфраструктура, а општината ги заврши речиси сита активности во ова село при што се инвестирани над 10 милиона денари.
Во прва фаза беше асфалтиран пристапот до селото и главната улица која води до манастирот Свети Илија за што беа инвестирани околу 8 милиона денари. Во втора фаза, заврши асфалтирањето на уште 4 помали улици за што беа издвоени околу 2 милиона денари.
„Со ова, општина Штип ја заврши целата инфраструктура во село Долани и овозможи услови за живот на овдешните жители. Секако, не запираме тука, следи асфалт за уште неколку села, во Селце и Драгоево, а претходно со асфалт се поврзаа Врсаково и Трогерци и Врсаково и Судиќ. Наша цел е до крајот на мандатот, да ги асфалтираме пристапите до сите штипски села“, рече градоначалникот Захариев.
Претходно локалната самоуправа со поддршка на Бирото за регионален развој ја уреди селската чешма и направи мини-плоштад а дел од средствата за асфалтирање на улиците се обезбедени и со поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој./крај/мф/др
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Региони
Поради магла и загаден воздух, откажани летовите на аеродромот во Сараево
Поради лошите временски услови предизвикани од магла синоќа и утринава откажани се некои летови на меѓународниот аеродром во Сараево.
Од меѓународниот аеродром во Сараево откажани се летовите кои пристигнуваат од Виена, Истанбул и Загреб, а со тоа и појдовните летови од Сараево.
„Останатите летови засега се на распоред и очекуваме наскоро да се подобрат временските услови на меѓународниот аеродром во Сараево“, велат од аеродромот за сараевската телевизија N1.
Македонија
(Видео) Торказ се сретна со Џафери и повика на почитување на меѓународните договори од сите страни
На маргините на лидерскиот состанок за планот за раст, кој се одржува во Котор, Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, имаше билатерална средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.
„На средбата се разговараше за важноста од продолжување на европскиот пат на Република Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата влада. Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички фактори. Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на Џафери.
Џафери и во Котор нагласи дека за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата влада, туку исполнувањето на европската агенда како пат кон иднината, на кој ќе продолжи да работи во кое било својство и функција.
Македонија
Опасен отпад детектиран во близина на скопското село Орман
При редовна обиколка од страна на Државниот инспекторат за животна средина на територијата на Општина Ѓорче Петров, на 10 октомври лоцирано е одлагање на згура од преработка на акумулаторски батерии на во близина на селото Орман. Станува збор за опасен отпад во количина од околу 500 до 600 тони.
„Според затекнатата состојба на теренот, а според Листата на видови на отпад (Сл.Весник на РМ бр.100/2005) се работи за отпад со шифра 10 04 – Отпад од пирометалургија на олово,10 04 01*- троски од примарно и секундарно производство, која според класификацијата спаѓа во класата на опасен отпад“, информираат од Државниот инспекторат.
Сопствениците на катастарската парцела на која се наоѓа отпадот со решение од Државниот инспекторат се задолжени да извршат неговата дислокација во рок од 30 дена од издавање на решението.
Граѓаните на социјалните мрежи бараат одговорност и одговор од каде доаѓа отпадот и кој е виновникот за неговото одложување токму на оваа локација која е во непосредна близина на реката Лепенец и населените места Волково и Орман.