Македонија
Се зајакнуваат активностите за реализација на реформите
Поинтензивна комуникација со сите институции од понеделник, почнува Владата, за да се зголеми фокусот на реализација на планот на активности за итните реформски приоритети, откако таа активност беше забавена поради распишаните предвремени парламентарни избори.
„Во периодот кога беа распишани изборите ваквите активности не одеа со динамиката која беше посакувана. Сега согласно акцискиот план во кој се точно утврдени рокови за сите мерки сите институции преземаат обврски за да го реализираат она што се бара од нив“, изјави премиерот Емил Димитриев по координативниот работен состанок во Владата на тема „Акциски план за реализација на итните реформски приоритети“.Од акцискиот план произлегуваат неколку стотици мерки кои задираат во речиси сите области како што се правосудството, јавната администрација безбедносниот сектор, медиумите, меѓуетничките односи.„Еден голем сет реформи се исправени пред нас, но убеден сум дека со силен ангажман од страна на Владата и на сите задолжени за реализација на реформите ќе го завршиме процесот онака како што се бара бидејќи е од огромно значење за членството на Република Македонија во ЕУ и НАТО“, рече Димитриев.Тој изрази надеж дека реформите ќе донесат и дополнителен бенефит за подобро функционирање на институциите и подобро регулирање на областите кои се предмет на реформите. „Еден дел од мерките можат сами институциите со интерни акти и прописи да ги донесат, еден дел ќе бидат разгледани на владино ниво, дел ќе одат и во Собрание каде ќе бидат преточени во законски решенија кои ќе се носат со или без двотретинско мнозинство, а еден дел е оставен за дополнителен дијалог помеѓу политичките партии односно се бара разговор или решенија на политичко ниво“, рече Димитриев.Според него, тоа покажува оти има доволен простор за вклучување на опозицијата во процесот во носење на реформи, од каде очекуваат квалитетни предлози, бидејќи реформите се прават за Македонија и за доброто на државата, а не заради интересот на Владата или на одредена политичка партија./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

