Македонија
Семејството на родилката ги обвинува лекарите, од болницата тврдат дека презеле сѐ
Семејството на родилката која почина ноќеска во Општата болница во Прилеп се сомнева дека лекарите се виновни за смртта на нивната внука, додека директорот на болницата, Никола Ристески тврди дека биле преземени сите неопходни мерки по сите стандарди и протоколи.
Чичкото на Симона Блажеска родена 1995 година од прилепското село Беровци, Томислав Ристоски се сомнева дека неговата внука после породувањето била оставена на милост и немилост и дека лекарите „Ја испуштиле од раце“.„Таа е оставена изгледа на милост и немилост, а од друга страна колку што разбрав, шоферот што ја возел брзата помош бил ноќеска во Битола да зема доктор. Нема кој да каже точно, секој нормално си се брани. Вината нема кој да ја преземе. Докторите ја испуштија од раце, јас така мислам и нема некој да ме убеди дека вината не е нивна. Да се породиш нормално и да го изгубиш животот по толку часа значи нешто друго е, значи некој совесно не си ја вршел работата. Порано жените дома се пораѓаа, по 11 деца раѓаа и не им умираа, нас во 21 век ни умираат, не само во Прилеп, туку и во Гевгелија. Кој влегол не излегол жив“, изјави Ристоски.„Министерот ги поддржува докторите во нивната неагилност, во неработењето. Како можеле докторите кога се породила да легнат да спијат и да викаат ќутете битолчаните се одмараат“, изјави другиот чичко на Симона, Петре Ристоски.Како што изјави директорот, родилката била примена на Гинеколошкото одделение во прилепската болница 10 часот и се породила спонтано околу 13.43 часот. Родила здраво машко дете тешко 3.170 грама. Според директорот, по породувањето Блажеска во добра здравствена состојба била префрлена во акушерскиот оддел за понатамошна грижа. Околу 19 часот се влошила нејзината здравствена состојба. „Преземени се сите неопходни мерки за нејзино згрижување. Префрлена е на Одделението за интензивна нега и реанимација. Направена е опсежна реанимација и постапено е по сите стандарди и протоколи. Ангажирани се четири гинеколози, два анестезиолози и еден уролог, но за жал пациентката во 1.50 часот починала“, изјави Ристески..На семејството им било кажано дека многу искрварила. Ова и било второ дете на Блажеска, пред три години родила женско дете. Основниот јавен обвинител нареди обдукција над телото на родилката за да се утврдат точните причини за смртта./крај/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Херојот кој беше убиен во Вејце – Бобан Трајковски, доби споменик
Со почит кон споменот на бранителот Бобан Трајковски, на 28 април, во центарот на Куманово, во 12 часот, ќе биде откриен мурал со неговиот лик, во пресрет на 23-годишнината од неговата херојска смрт.
Бобан Трајковски, припадник на Баталјонот за специјални намени „Волци“ на Армијата на Република Македонија на 28 години го положи својот живот на олтарот на татковината против терористите од ОНА во 2001 година кај Вејце.
Муралот е изработен од талентираните уметници Младен Трендевски – Трендо, Горан и Дејвид (сограѓани на Бобан).
Организатори на настанот се Здружението СИЛА и колегите од специјалната единица ВОЛЦИ.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Македонија
(Видео) Ковачки: Со над 800 милиони евра владата од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги решава проблемите на земјоделците
„Благодарност за поканата на нашиот градоначалник Виктор Паунов, тука сме заедно и со кандидатот за пратеник Гордана Барбашка. Како што нашиот градоначалник работи и покрај опструкциите од централната власт, гледате дека се развива и се гради. Во иднина ние планираме да дадеме 250 милиони евра за сите општини во Република Македонија без разлика кој е на власт. Само во Карбинци ќе доделиме 1,8 милиони евра за сообраќајна и комунална инфраструктура, значи дополнително општините ќе се градат и дополнително ќе се развиваат“, рече Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.
„Како што работи нашиот градоначалник во Карбинци, така ќе работиме и ние на централно ниво. Дополнително за жителите од овој крај предвидуваме над 800 милиони евра во 4 годишен мандат за земјоделците што значи реконструкција на сите водоводни канали, да го решиме проблемот со водоснабдувањето, да го решиме проблемот со загарантираниот откуп, и да го решиме проблемот со загарантираната цена. Значи ќе отвораме и нови откупни центри.
Земјоделците од овој крај заслужуваат внимание, заслужуваат да си ја работат земјата тие, а не земјата да ја поседуваат феудалци како Љупчо Николовски и сличните на него.
Македонија е одлучна за промени, Македонија сака да биде горда, и Македонија заслужува да биде повторно твоја.
Затоа ги повикувам сите граѓани на 8 мај масовно да ни се приклучат да излеземе заеднички, да ставиме крај на овие црнила и овие сивила кои ги донесоа СДС и ДУИ“, изјави Драган Ковачки, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на Изборна единица 3.