Скопје
Герасимовски: Засилено полициско присуство во Центар по последните случувања во општината
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со портпаролот на МВР Тони Ангеловски вечерва најавија засилено полициско присуство во Центар по последните настани во општината.
„Во следниот период ќе има засилени полициски контроли и присуство на полиција во регионот тука на Дебар Маало со цел превенција на насилство и деликвенција која често се случува во ноќните часови. Во оваа прилика сакам да апелирам и до граѓаните да што поактивно пријавуваат и алармираат можни нарушувања на јавниот ред и мир во МВР кои навремено ќе реагираат. До општината често стигнуваат поплаки како и до мене како градоначалник но вистинската адреса за брза реакција е МВР, а ние секогаш до нив итно ги препраќаме информациите кои ги добиваме од граѓаните“, изјави вечерва Герасимовски.
Герасимовски исто така упати апел и до родителите будно да ги следат децата и работат со нив на превенција од насилство, алкохолизирање и најважно злоупотреба на дрога која е огромна опасност кај младите. Додека портпаролот на МВР Тони Ангеловски пак посочи дека министерството за внатрешни работи на мерки и активности за зголемување на безбедноста на граѓаните.
„Работиме на превентивен план но и на репресивен план и сето она што го работиме дава резултати. Вечерва ја покажуваме соработката меѓу министерството и локалната самоуправа и целта е заеднички да придонесеме за уште поголема безбедност во Општина Центар. Договорено е засилено полициско присуство по неколкуте инциденти во општината но апелираме и до граѓаните доколку има било какво нарушување на јавниот ред и мир, доколку има било каква потреба слободно јавете се во полицијата и веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки затоа што безбедноста на граѓаните е императив на општината“, изјави портпаролот на МВР Ангеловски.
Градоначалникот Герасимовски по пријава од родители за присуство на педофил како и други девијантни однесувања од малолетници вчера вечер одржа средба со поголем дел на родители чии деца учат во ОУ „Коле Неделковски“ на која договори потпишување на петиција до ресорните министерства за внатрешни работи, труд и социјална политика и за образование и наука поради загриженоста за безбедноста на децата во реонот на Дебар Маало.
Општина Центар известува дека ќе ја интензивира координацијата и комуникацијата со институциите со цел да се превенираат евентуални немили настани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Ѓорѓиевски на излет на Пеленица со децата со церебрална парализа
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес на излет во Пеленица се дружеше со децата со церебрална парализа. Како што истакна, овие излети станаа традиција која со радост ја продолжуваат веќе неколку години и секој пат одново потсетуваат на важноста заедничките заложби за создавање на подобро општество за сите.
„На мое големо задoволство, денеска повторно се дружев со децата со церебрална парализа, на нашиот, веќе традиционален излет во Пеленица. Овие дружби се значајни за сите нас, бидејќи се прекрасна можност за сите нас да се поврземе, да се поддржиме и да создадеме моменти на радост и заедништво. Како човек и како градоначалник на Општина Кисела Вода, секогаш се залагам за подигнување на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со церебрална парализа. Мојата заложба е да работиме сите заедно кон подобрување на нивните права и можности за што понезависен, посамостоен и целосно интегриран живот во нашето општество. Една од моите бројни активности во оваа сфера е отворањето на клубот за лицата со церебрална парализа во Расадник, кој го финансирам лично заедно со лицата од мојот кабинет. Овој клуб е место каде децата се дружат и социјализираат, каде создаваат нови пријателства и уживаат во различни активности. Често сум гостин во клубот и можам да видам колку е значајно за нив да имаат вакво место каде се чувствуваат прифатено и поддржано. Лицата со церебрална парализа не смеат да бидат маргинализирани. Тие се дел од нашата заедница и заслужуваат поддршка и разбирање. Со ваквите дружења и настани, се надевам дека им го разубавуваме секојдневието и им покажуваме дека не се сами во своите предизвици“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Скопје
Основното училиште „Александар Македонски“ во Реонски центар доби нова сензорна соба и кабинет за информатика
Инвестициите во образованието се еден од најважните столбови во градењето на иднината на заедницата. Градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски заедно со претседателот на Советот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска официјално ги пуштија во употреба новата сензорна соба и кабинетот за информатика наменет за учениците од основното училиште „Александар Македонски“.
Градоначалникот Муцунски на својата Фејсбук страна потенцираше дека станува збор за инвестиција која е донација од општествено-одговорни компании, со чија поддршка образовниот процес станува достапен за дечињата со попреченост, а компјутерската технологија поблиска до учениците.
Тој упати благодарност до приватните компании, просветните работници и сите оние кои даваат свој придонес за инклузивно, модерно и квалитетно образование во Аеродром.
Скопје
Модернизација на водоводната мрежа во општина Илинден
Локалната самоуправа и ЈКП „Водовод“ – Илинден континуирано работи на одржување, подобрување и обнова на водоводната и канализациската мрежа на територијата на општина Илинден со цел задоволување на потребите на корисниците.
Со цел поквалитетни услуги, побезбедна и поздрава вода за пиење на граѓаните, како и здолемување на капацитетот на водоснабдувањето, деновиве се работи на обнова и модернизација на главната водоводна мрежа на улицата 9 во населбата Илинден и на улицата 532 во Марино, односно на потегот од Халк банка до „Црна Река петрол“, во должина од 600 метри, извести Општина Илинден.
Увид во градежните работи направија градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, и директорот на ЈКП ,,Водовод“ – Илинден, Ивица Трипуновски. Градоначалникот Георгиевски истакна дека модернизацијата опфаќа замена на старите ПВЦ-цевки со нови полиетиленски поради честите дефекти и загуби на вода на овој дел од водоводната мрежа.
Обезбедувањето квалитетна вода за пиење е еден од приоритетите во работењето на локалната самоуправа, така што Општина Илинден во соработка со ЈКП „Водовод“ и во наредниот период ќе продолжи со модернизација и подобрување на водоводниот систем, се додава во соопштението на Општина Илинден.