Скопје
Герасимовски: Објавен е јавниот повик за реконструкција на фасади на колективни станбени згради
Oпштина Центар денеска го објави Јавниот повик за пријавување на заинтересирани сопственици на заеднички делови на колективни станбени згради управувани од управител на станбени згради или заедница на сопственици од подрачјето на Општина Центар за реконструкција на фасадите на нивните станбени згради. Реконструкцијата на фасади опфаќа обновување на постојната фасада со нова термичка (енергетски ефикасна) фасадна обвивка, односно фасаден систем, на постојни станбени згради на територија на Општина Центар.
Пријавувањето на заинтересираните сопственици на заедничките делови на колективните станбени згради ќе се одвива во неколку фази, информирање на заинтересираните сопственици на станови преку интернет-страницата на Општина Центар и печатените медиуми, прием и прегледување на пријавите и конечен избор на колективните станбени згради со кои Општина Центар понатаму ќе контактира и соработува. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски известува дека селекцијата ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“ согласно правосилното решение за реконструкција на фасада.
„Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од Буџетот на Општина Центар, Програма ГДО, во висина од 30 % од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на станбената зграда за колективно домување, но не повеќе од 1.000.000,00 денари за секоја одобрена апликација, поднесена од заедница на станари или од мнозинство сопственици на посебни делови од станбената зграда апликантот. Јавниот повик ќе се реализира со селекција што ќе се врши по принципот „прв дојден, прв услужен“, додека предуслов за добивање финансиски средства е да се обезбеди правосилно РЕШЕНИЕ за реконструкција на фасада во согласност со законските прописи“, истакнува Герасимовски.
Право на учество на Јавниот повик имаат заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради од подрачјето на Општина Центар чија зграда е постара од 25 години; сопствениците на станови да имаат регистрирано заедница на сопственици или да имаат избрано управител на станбената зграда; најмалку 70% од станарите сами да ги заменат индивидуалните балконски врати и прозорци; станбената единица да нема протекување од кровот и др. Предмет на разгледување нема да бидат објекти кај кои веќе е извршена реконструкција на фасадата пред објавувањето на овој Јавен повик. Барањата за реконструкција на фасадата на станбената зграда се однесуваат на постојниот објект како целина (не поединечни влезови) преку поставување термоизолациона фасада на станбената зграда. Барањата што се однесуваат на делумна реконструкција нема да бидат земени предвид.
Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради поднесуваат пријава на образец што може да го подигнат на пријавницата во Барака 3, во Архивата на Општина Центар во барака 6 или на интернет-страницата https://www.centar.gov.mk/?p=19905 каде може да прочитаат дополнителни информации за потребните документите при поднесување на пријавата.
Сите информации поврзани со јавниот повик може да се добијат и на телефонските броеви 02/3203646 – Сектор за уредување на градежно земјиште и 02/3203659 – Сектор за урбанизам или во приемните денови Вторник и Четврток од 09.00 до 11.00 часот во барака број 3 во Општина Центар.
Заинтересираните заедници на сопственици на станови во колективни станбени згради пријавите и целата документација за учество во Јавниот повик може да ги достават од 26.02.2024 година најдоцна до 01.11.2024 година.
Сите вишоци и непредвидени работи што ќе произлезат при реализацијата на фасадата ќе бидат на товар на заедницата, односно управителот. Доколку средствата не бидат целосно искористени, да се приложи известување со повраток на средства на сметката на Општина Центар-Скопје.
Општина Центар известува дека во периодот од донесување на одлуката за распишување на избори до завршувањето на изборот на претседател на Република Северна Македонија, пратеници во Собранието и изборот на Владата на Република Северна Македонија, Општина Центар – Скопје нема да врши избор на подносителите кои ги исполнуваат условите со повикот како и да врши исплата односно субвенционирање по овој основ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.