Скопје
Комплетна реконструкција на игралиштето „Патрик“ во Аеродром, добива нов и модерен изглед
„Активностите за подобрување и модернизирање на спортската инфраструктура продолжуваат и во текот на оваа есен. Општина Аеродром почна со реконструкција на познатото игралиште ‘Патрик’, лоцирано зад трговскиот центар „Три бисери“. Станува збор за комплетна реконструкција на вкупна површина од 1.600 квадратни метри, која треба да заврши во текот на декември, а се наоѓа на локацијата на која пораснале голем број генерации и која значи многу за луѓето што живеат во Аеродром“, известува Општина Аеродром.
По завршување на активностите, Аеродром ќе добие целосно ново повеќенаменско игралиште за фудбал и ракомет на површина од 800 квадратни метри, кошаркарско игралиште на површина од 400 квадратни метри и инклузивно детско катче на површина од 400 квадратни метри.
Градоначалникот Муцунски, говорејќи за реконструкцијата на спортското игралиште, на својата фејсбук-страница потенцира дека Аеродром е убава општина и граѓаните го препознаваат тоа.
„Преку континуираните инвестиции ја потврдуваме нашата решеност да создадеме подобри услови за спорт и рекреација, места за нови спортски успеси и таленти“, истакна тој во својата објава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Скопје
Без струја делови од општините Илинден и Кисела Вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат делови од општините Илинден и Кисела Вода.
Од 08:30 – 09:30 часот, корисниците од улицата бр. 34 во населба Илинден, општина Илинден ќе немаат струја.
Без електрична енергија од 09:00 – 13:00 часот, ќе бидат корисниците од дел од улицата Востаничка во општина Кисела Вода.