Скопје
Општина Аеродром дел од женската трка за поддршка на жените со мултиплекс склероза
Вкупно 25 вработени во администрацијата на Општина Аеродром земаа учество на женската трка што се одржа на Светскиот ден на здравјето, 7 април, а со цел подигнување на јавната свест за мултиплекс склероза и предизвиците што ги носи оваа хронична болест, известува општината.
Трката беше во организација на Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултиплекс склероза во соработка со „Авицена“. Учеството на оваа трка е на иницијатива на секретарот на Општина Аеродром, Јулијана Павковска-Боцевска.
Сите учеснички за време на трката на своите маички прикачија и симболична портокалова панделка што беше содржана во стартниот пакет со што го свртија вниманието кон поддршка на жените што се соочуваат со мултиплекс склероза затоа што оваа болест трипати почесто се дијагностицира кај жените отколку кај мажите. На трката учествуваа и жени, кои и покрај хроничната и макотрпна болест со која се справуваат секој ден, успешно ја совладаа и оваа траса.
Општина Аеродром и понатаму ќе дава поддршка на иницијативите кои промовираат здраво живеење и ја подигнуваат свеста за различни болести, се додава во соопштението на општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Нема да се наплаќа паркирањето во Центар за време на Велигденските празници, извести ПОЦ
Паркирањето во oпштина Центар за време на Велигденските празници ќе биде без наплата за сите граѓани. На 03.05.(петок), 05.05. (недела) и 06.05.2024 година (понеделник) граѓаните ќе можат да паркираат без надомест на сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар, извести ПОЦ.
Согласно програмата за неработни денови за 2024 година на Министерството за труд и социјална политика, 04.05.2024 година (сабота) е работен ден и следствено на тоа паркиралиштата со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе работат со вообичаено работно време.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 07.05.2024 година (вторник) со вообичаено работно време, се додава во соопштението на ПОЦ.
Скопје
Пуштен во употреба новиот парк на булеварот „Февруарски поход“ во Аеродром
Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, со интонирање на македонската химна и подигнување на македонското знаме, денеска официјално беше пуштен во употреба новиот парк лоциран на булеварот „Февруарски поход“ во Општина Аеродром.
На денешниот настан присуствуваше градоначалникот на Општина Аеродром, кој заедно со претседателот на советот Дејан Митески, извидниците и дечињата од детската градинка „Буба Мара“, го означија крајот на изведбата на еден важен проект реализиран од страна на општинското јавно претпријатие за комунални дејности.
Работните активности опфатија целосно хортикултурно и партерно уредување, поставување на нова урбана опрема, како и јарбол со македонското знаме.
Скопје
Пронајдено лице што вчера се изгубило на Водно
Регионалниот Центар за управување со кризи – Скопје информира дека на бројот 112, вчера во 15:23 часот била добиена пријава за изгубено лице во Парк – шумата Водно.
Веднаш биле известени надлежните за нивна понатамошна постапка, по што лицето било пронајдено за околу еден час.
– Од полициската станица – Карпош во 16:34 часот во ЦУК, добиена е информација дека лице од Водно е на пат за градот, пишува во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи.