Скопје
Речиси 500 семејства добиваат субвенции за огревно дрво од Кисела Вода
478 граѓани од општина Кисела Вода, кои ја доставија потребната документација, ќе добијат субвенција за набавеното огревно дрво. Општинската комисија ги разгледа поднесените барања на лицата што се пријавија на објавениот повик на локалната самоуправа и го изготви списокот на одобрените апликации за кои исплатата ќе се изврши до крајот на годината.
За финансиски надомест во износ од 500 денари (со вклучен персонален данок) за секој купен кубен метар (1 m³) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 10 кубни метри (10 m³) дрва или по 350 денари (со вклучен персонален данок) за секој купен просторен метар (1 просторен метар) дрва за огрев, но до максимална вкупна количина до 14 просторни метри, одлучуваше комисија формирана од страна на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Од вкупно поднесените 586 барања од страна на граѓаните за проектот „Субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните на територијата на општина Кисела Вода за купување дрва за огрев“, одобрени беа 478, а одбиени беа 21 поради некомплетна документација.
„478 семејства од Кисела Вода ќе добијат финансиската поддршка за набавка на огревно дрво. Помошта за нашите сограѓани во овие тешки времиња за нас како раководство останува да биде трајна заложба бидејќи Македонија се соочува со голема економска криза и сѐ поголем е бројот на наши сограѓани што имаат потреба од финансиска поддршка. Покрај субвенциите за огревно дрво, се потрудивме и ова зима домовите да им бидат топли и на лицата што се загреваат со пелети обезбедувајќи субвенција и за печки на пелети, како и на пелети како енергент“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Граѓаните што имаат потреба од дополнителни информации во врска со резултатите од проектот „Субвенционирање на дел од трошоците на граѓаните на територијата на општина Кисела Вода за купување дрва за огрев“ може да се јават на телефонскиот број 02/2785-427 секој работен ден од 8 до 16 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Нов паркинг на улицата Козјак во Кисела Вода
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид на улицата Козјак, каде што на 400 квадратни метри се обезбедуваат нови 25 паркинг-места. Со ова бројот на новоизградени паркинг-места за овие две и пол години се искачува на 1.400.
„Продолжуваме да работиме со силно темпо грижејќи се нашите жители да имаат што подобри услови во секој сегмент од нивните животи. Решавањето на проблемот со недостиг од паркинг-места со кои се соочувавме со години е поставен високо во моите приоритети, а дека е така говори тоа што, иако во мојата програма имав ветено 1.000 нови паркинг-места, веќе ја достигнавме бројката од 1.400 и тоа само за две и пол години. Новиот паркинг на улицата Козјак во населбата Кисела Вода нуди можност за уште 25 паркинг-места.
Просторот се протега на речиси 400 квадратни метри, поплочен е со павер-елементи и секако ќе придонесе во безбедноста и удобноста на сообраќајот во мирување. Секако, вакви градежни активности во периодот што следува ќе имаме и во сите други месни и урбани заедници, на што веќе интензивно работиме, истакна Ѓорѓиевски.
Скопје
Без струја дел од Карпош и Центар
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, ги известува граѓаните дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
во периодот од 09:00 до 14:00 часот, без електрична енергија ќе останат дел од ул.Ринхини и ул.Езерци. (Општина Карпош) и
во периодот од 12:00 до 15:00 часот, без електрична енергија ќе останат дел од ул.Борка Талески и ул.20-ти Октомври (Општина Центар)
Скопје
Паркингот во Центар денеска е бесплатен
По повод Македонските претседателски и парламентарни избори, од ЈП Паркинзи на општина Центар известуваат дека денеска паркиралиштата со кои стопанисува јавното претпријатие ќе бидат без наплата за сите граѓани.
Дирекцијата на ЈП Паркинзи на Општина Центар во катната гаража „Судска палата“ нема да работи, а сите услуги можат да се користат електронски на www.poc.mk.
Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и работењето на дирекцијата ќе продолжат од утре со вообичаено работно време.