Скопје
Ѓорѓиевски: Пинтија првпат добива затворен спортски објект
Првпат Пинтија добива затворена спортска сала. Учениците од ПОУ „Рајко Жинзифов“ за кои досега наставата по физичко образование се одвиваше во супстандардни услови ќе добијат современ објект, кој ќе се протега на 350 м2. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој присуствуваше на почетокот на градежните активности, истакна дека обезбедувањето неопходна спортска инфраструктура за развивање на физичките потенцијали и подобрување на здравјето на децата е дел од стратегијата за развој на младите и подобрување на квалитетот на живот во општина Кисела Вода.
„Денес, почнуваме со градежни активности за изградба на затворен спортски објект во населбата Пинтија, прв од ваков вид во ова населено место. Досега во ПОУ ‘Рајко Жинзифов’, каде што настава посетуваат 252 ученика, наставата по физичко образование се одвиваше во супстандардни услови. Обезбедувањето неопходна спортска инфраструктура за развивање на физичките потенцијали и подобрување на здравјето на нашите деца е дел од нашата визија за развој на младите и подобрување на квалитетот на живот во општина Кисела Вода. Оттука, затворената спортска сала, која ќе има површина од околу 350 м2, ќе биде простор каде што нашите ученици ќе ги развиваат своите таленти и ќе уживаат во спортот. Подигнувањето на стандардите во образованието преку многубројни инвестиции во обнова на училишната инфраструктура со посебен акцент на спортот во Пинтија, но и во сите други населби и населени места во општина Кисела Вода се одлика на целата наша досегашна работа како раководство на Општина Кисела Вода.
Воедно, сакам да ја информирам јавноста дека во општина Кисела Вода ќе се гради ново основно училиште „Климент Охридски“ во с. Драчево и нова детска градинка во населбата Расадник. На собраниска седница се прифатени двата амандмана од нашиот пратеник од Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, и Бојан Стојаноски, двајцата од ВМРО-ДПМНЕ, со кои во буџетот на Република Македонија се одобруваат финансиски средства во висина од 140 милиони денари за реализација на двата гореспоменати капитални проекта. Продолжуваме со обнова, продолжуваме со менување на ликот на нашата Кисела Вода, бидејќи нашите граѓани заслужуваат современи и квалитетни услови за живеење, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

