Скопје
Андоновски: Бараме Арсовска итно да го разреши генералниот секретар Глигоров, кој се најде во скандал со семејно насилство за кој известуваат медиумите
Град Скопје го тресат сериозни афери. Вчера, медиумите објавија дека генералниот секретар на Градот, Зоран Глигоров, десната рака на градоначалничката Арсовска, е пријавен за семејно насилство врз неговата сопруга во ноември, вели Стефан Андоновски, советник во Советот на Град Скопје.
„Според написите на медиумите, Глигоров извршил семејно насилство врз сопругата на 17 ноември оваа година. Настанот бил пријавен во полиција, а полицијата, која интервенирала во случајот, се соочила со крајно вознемирувачка атмосфера. Ситуацијата била уште поопасна затоа што Глигоров, како што се наведува во известувањата, поседува и пиштол. Според информациите за кои известија медиумите, избегната е поголема трагедија поради брзата и навремена реакција на полициските службеници, кои успеале да му стават лисици. Арсовска, која се претставува како голем бранител на правата на жените, се покажува дека за соработници има луѓе пријавени за семејно насилство, и тоа не еднаш, туку неколкупати“, вели Андоновски.
Според него, ова не е прв случај Глигоров да биде пријавуван за семејно насилство.
„Тој уште во 2007 е регистриран во МВР за нанесување тешка телесна повреда на сопругата при семејно насилство, а повторно е пријавуван и во 2017 година, кога, според написите на медиумите, полицијата кај него нашла огнено оружје ‘хеклер’. Глигоров, покрај пријавите за семејно насилство, беше дел од скандал за обид за физичка пресметка со вработен во Град Скопје. И во овој случај повикана беше да постапи полицијата. По сите овие афери, се поставува логичното прашање: дали Данела Арсовска го толерира својот најблизок соработник во овие активности, дали најблискиот соработник на Данела Арсовска е семеен насилник и дали Арсовска, знаејќи за ова, сѐ уште го држи за тој да раководи со Град Скопје? Дали вака се реализира борбата за учество и права на жените? Почитувани, како политичка партија бараме итно разрешување на Глигоров од позицијата секретар на Град Скопје. Во овие една и пол година од мандатот на најблискиот соработник на Данела Арсовска, во Градот единствено слушаме за насилство, закани, мобинг, разместување раководители на сектори, навреди, понижувачки однос, лоши меѓучовечки односи. Ова не смее да се толерира“, завршува Андоновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територија на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење на мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Скопје
Без струја делови од општините Илинден и Кисела Вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат делови од општините Илинден и Кисела Вода.
Од 08:30 – 09:30 часот, корисниците од улицата бр. 34 во населба Илинден, општина Илинден ќе немаат струја.
Без електрична енергија од 09:00 – 13:00 часот, ќе бидат корисниците од дел од улицата Востаничка во општина Кисела Вода.
Скопје
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во источните делови. Наместа ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец (над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 15 до 21 степен.
Во Скопје променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во петок ќе настапи преодно стабилизирање на времето со пораст на температурата. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекува нестабилно време со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме.