Скопје
Ѓорѓиевски постави мерна станица во парцелата на Цементарницата „Усје“
Со цел да се контролира загаденоста на воздухот, во близина на Цементарницта „Усје“ АД, Општина Кисела Вода постави мерна станица во парцелата на компанијата. Се работи за уред што поседува инструмент од типот Аeroqual AQS-1. Класата на точност за мерење на ПМ 10-честички е во две мерења и опфаќа честичките ПМ 1, ПМ 2,5; ПМ 10 и ТСП. Опсегот на големина на честичките е од 0,1 микрометар до 40 микрометри. Мерењата ќе се вршат во согласност со стандардите и директивите на ЕУ.
„Денес, исполнуваме уште едно ветување од мојата предизборна програма, кое на нашите жители ќе им обезбеди увид во квалитетот на воздухот во близина на фабриката Цементарница ‘Усје’ АД Скопје. Како локална самоуправа, Општина Кисела Вода прави сè што е во рамките на своите ингеренции за на граѓаните да им обезбеди поквалитетен воздух и подобра еколошка средина. На потег се сега надлежните, односно неминовна е потребата од неселективен ангажман на Град Скопје и на централната власт преку своите ресорни министерства, кои имаат ингеренции над овој индустриски капацитет бидејќи здравјето на граѓаните мора да биде на прво место“, рече Ѓорѓиевски.
„Во изминатите две години ја ставивме во функција мерната станица кај Домот на културата ‘Билјана Беличанец’, секоја година по неколкупати организираме масовни акции за пошумување, доделуваме субвенции за набавка на печки на пелети и на пелети како еколошки енергент, интензивно работиме на имплементација на проекти за енергетска ефикасност. Во буџетот за 2024 година предвидовме средства и за набавка на фотоволтаици, со што ќе се штедат енергија, парични средства и ќе се намали загадувањето. Заштедата исто така може да се искористи во нови инвестиции за еколошки проекти. Говорејќи за проектите за заштита на животната средина, сакаме да потенцираме дека во буџетот на Општина Кисела Вода за претстојната 2024, како никогаш досега, акцент е ставен токму на оваа сфера. Мерната станица поставена во близина на Цементарницата ‘Усје’ АД е уште една потврда дека Кисела Вода работи на обезбедување на најдоброто за своите жители и повторно апелираме за поголема свесност кај институциите, кои имаат директна надлежност за решавањето на овие горливи проблеми, што директно ги задираат здравјето и животот на граѓаните“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Дел од Карпош без струја
ЕВН Македонија АД и Регионалниот центар за управување со кризи-Град Скопје, ги известува граѓаните дека, поради планирани технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, без електрична енергија ќе останат:
· Во период од 09:00 – 12:00ч дел од корисниците во с. Бардовци ( о.Карпош);
· Од 09:30-14:00ч корисниците од ул.Дрезденска (о.Карпош).
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.