Скопје
Богата новогодишна програма на плоштад Македонија, за дочекот настап на Тамара и Оливер Драгојевиќ
Тамара Тодевска и Оливер Драгојевиќ ќе бидат главните ѕвезди за дочекот на Новата 2016 година на плоштадот Македонија.
„Веќе сме на прагот на дочекот на 2016 година, градот е накитен и се отворени штандови за граѓаните на плоштадот Филип Втори и Плоштад Македонија, односно е исполнет со новогодишна еуфорија во стилот на големите европски градови“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Според програмата, на 26 декември граѓаните на Скопје ќе ги забавуваат уличните музичари, на 27 декември ќе се одржи Дедомразовската трка во организација на Пивара-Скопје, на 31 декември во претпладневните часови ќе почне денската прослава, која е наменета за најмалите, во организација на Скопје Сити Мол, а вечерта забавната програма за новогодишната ноќ ќе почне 21:30 часот со настапот на ДЈ, а потоа ќе следуваат настапите на Тамара Тодевска, Оливер Драгоевиќ и повторно ќе настапи ДЈ.
„Се надевам дека Плоштадот Македонија ќе биде местото каде што граѓаните ќе се забавуваат и ќе уживаат и во програмата и во огнометот и затоа ги поканувам сите граѓани да дојдат и таму да ја прослават Новата 2016 година“, истакна градоначалникот Трајановски.
„Како и изминатите години со задоволство учествуваме во подготвувањето на програмата за време на новогодишните празници и очекуваме граѓаните да уживаат во целовечерните концерти на познати музички ѕвезди“, рече Димитар Ковачевски, извршен директор на Област за комуникација во Македонски Телеком.
„Дедомразовската трка би сакале да претставува импулс за граѓаните што ќе се пријават да водат активен и избалансиран живот“, изјави Катерина Хаџи Андревска Ничевска, претставник од Пивара Скопје.
Мирјана Андонова од Сити Мол најави дека на 31 декември, точно напладне, граѓаните на Градот Скопје и оваа година заедно со своите најмили ќе имаат можност традиционално да го пречекаат Дедо Мраз, кој ќе пристигне на Плоштад Македонија придружуван од парада на маскоти, како и многу интересни моменти кои на децата ќе им предизвикаат радост, среќа и уживање.
Новогодишната програма годинава ќе почне со Дедомразовска трка, што ќе се одржи во недела на 27 декември, во центарот на Скопје.
Ова ќе биде второ издание на трката во која учесниците облечени во дедомразовски костуми ќе се натпреваруваат и ќе се забавуваат. Должината на патеката е само 1,5 километри и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб страницата www.prvdovrv.mk.
Патеката по која ќе се трча започнува од плоштадот Македонија кон портата Македонија, па во правец на Градската болница, новата зграда на МНР после мостот кај Холидеј Ин, па покрај кејот на Вардар кон Археолошкиот музеј, плоштадот Филип Втори, Камениот мост, до целта на Поштадот Македонија.
Детската програма на 31 декември ќе започне во 11:40 часот со театарска претстава „Волшебниот глас на Кралица Слаткица“, потоа следува пристигнувањето на Дедо Мраз заедно со парада на маскоти од цртаните филмови, а на крајот ќе можат да се чујат најпопуларните детски песни во изведба на Златните славејчиња.
Забавната програма за Новогодишната ноќ ќе почне 21:30 часот со настапот на ДЈ, а потоа ќе следуваат настапите на Тамара Тодевска, Оливер Драгоевиќ и повторно ќе настапи ДЈ. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.

