Скопје
Цената на билетот за автобус во Скопје ќе биде 35 денари
Цената на билетот во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие ЈСП Скопје што се купува кај возачот и по воведувањето на новиот електронски систем ќе изнесува 35 денари, а не 60 денари како што беше најавено претходно, предвидува Предлог одлуката за која Советот на Град Скопје треба да расправа на седница во вторник.
„Цената останува иста. Првичната предлог одлука за цена од 60 денари за билет беше за да се намали чекањето при вадење карта кај возачот, бидејќи ако има поголем број патници во тој случај се зголемува времето на чекање на автобусот на автобуската станица додека возачот ги извади картите“, рече во сабота на пресконференција градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
Цената на билетот за едно возење останува 35 денари и се прави унификација со цената во приградските линии која се намалува од 40 на 35 денари. Останува иста и цената на ноќното возење, 40 денари, а има намалување на месечниот билет кој за првата зона чинеше 1.650 денари на 1.400 денари.
„Исто така, имаме големо намалување на годишните билети од 16.060 денари на 15.400 денари. Со новиот тарифник годишниот билет ќе важи точно една година од датумот кога е изваден, а не како досега до крајот на годината без оглед кога е извадена. Ве воведува билет за менување автобуси, кој ќе биде со важност од час и половина чија цена е 60 денари. Доколку земете во просек дека со овој билет секој патник ќе може да оствари најмалку три патувања, а често и повеќе цената на поединечно возење од 35 денари се намалува на 25 денари“, рече Игор Јанушев, директор на ЈСП. Се воведува и дневен билет за неограничен број возења од 5 часот изутрина до полноќ кој ќе чини 120 односно 150 денари во зависност дали е во прва или втора зона. .
Се воведуваат и тримесечен билет со цена од 4.000 и 4.500 денари и шестмесечен од 7.800 и 8.600 денари.
Откако во целост ќе се имплементира системот, ќе нема билети во хартиена форма. Сите електронски билети ќе се впишуваат во два вида електронски картички што се воведуваат: неперсонализирана и персонализирана.
„Неперсонализираната картичка може да се купи во сите билетари на ЈСП, во сите осум инфо центри или на кое било продажно место. Оваа картичка чини 150 денари со две гратис возења. На неа може да се стави одредена сума пари во вид на електронски паричник и при секое влегување во автобус затоа што валидацијата е задолжителна парите ќе се одземаат од картичката и тоа ќе чини 35 денари за возење колку што е сегашната цена“, рече Јанушев, додавајќи дека оваа картичка може да ја користат повеќе лица.
Персонализираната картичка, појасни, може да се извади во осумте инфо центри низ Скопје, а се што е потребно граѓаните да носат со себе документ за лична идентификација. Таму ќе бидат фотографирани и картичката ќе се изработи најмногу за две минути. На оваа картичка може да се запишат и месечни, три месечни, сезонски или какви било билети и ја заменува т.н слободна карта.
Уредите за електронскиот систем за наплата ќе почнат да се инсталираат во автобусите на приватните превозници од јануари и според Јанушев се очекува од почетокот на мај и тие да станат дел од системот.
ЈСП Скопје моментно има 30ина билетари, но наскоро, според директорот Јанушев, врз основа на договорот со Мастер дилер ќе има повеќе од 60 продажни места. Таму ќе може да се купи неперсонализрана картичка и да се врши надополнување на двата вида картички. Бројот на автобуски постојки на ЈСП Скопје изнесува 3.000./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Комунална хигиена-Скопје: Најголемо количество непрописно одложен отпад во февруари, 600 кубни метри, е подигнато во општината Центар
Во текот на месецот февруари 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 11 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
„Отстранети се и 2505 кубни метри отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 600 кубни метри – е подигнато во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец февруари изготви вкупно 100 записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Записниците за прекршителите на Законот за јавна чистота беа врачени во следните општини:
1. Општина Чаир – 54 записници
2. Општина Карпош – 18 записници
3. Општина Аеродром – 11 записници
4. Општина Центар – 9 записници
4. Општина Ѓорче Петров – 6 записници
5. Општина Гази Баба – 2 записника
ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со реализација на еко-предавања и работилници во скопските основни училишта и предучилишни установи. Преку еко-едукацијата најмладите жители на нашиот град се запознаваат со активностите на Претпријатието, се едуцираат како правилно и совесно да постапуваат со својот комунален отпад, на кој начин се врши примарната селекција на отпадот и како се одвива процесот на рециклирање.

Во текот на минатиот месец, 253 ученици и 64 дечиња од основните училишта и градинките во општините Аеродром, Центар и Чаир имаа можност да ги проследат едукативните предавања за правилно постапување со отпадот и заштита на животната средина. Предавањата се одвиваа на македонски, албански и турски јазик“, соопшти ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
Посебен режим на сообраќај денеска во Скопје
Денеска, во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Н.Е. Марк Руте.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Македонија
Без вода делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· Поради дефект на водоводна цевка со пречник од Ф-2 цол на улицата Св. Кирил и Методија 38 (на паркингот кај Трготекстил), 09:00 часот до санирање на дефектот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Св. Кирил и Методија, општина Центар;
· Поради чистење и дезинфекција на двете комори во резервоарот за питка вода во село Бојане, во наредните 4 дена (03.03 до 06.03.2026 година) помеѓу 08:00 и 13:00 часот, можно е да има намален притисок и краткотрајни прекини на водоснабдувањето во село Бојане, општина Сарај.

