Скопје
Скопје аплицира за европска престолнина на културата
Прва меѓународната работилница на тема „Значењето на титулата Европска престолнина на културата и нејзин придонес за културен и општ развој на градот“, на која учествуваа гости од Пловдив, Нови Сад, Љубљана и Ријека, невладини организации и културни институции, се одржува во петок во МКЦ во Скопје.
„Можноста што му се дава на Градот Скопје за аплицирање за титулата ‘Европска престолнина на културата’ стана достапна во 2014 година со усвојувањето на „Одлуката на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на акцијата на Унијата за Европските престолнини на културата за период од 2020 до 2033 година“. На Скопје, како град којшто доаѓа од земја со кандидатски статус за ЕУ, му остануваат можностите да се пријави на еден од повиците за стекнување на титулата ‘Европска престолнина на културата’ резервирани за земји со кандидатски статус и тоа во 2024, 2027, 2030 и 2033 година“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Според него, културата сè повеќе зема важно место во развојот на градовите во Европската Унија, но исто така и претставува двигател на урбаниот, но и социо-економскиот развој на градовите и регионите околу нив.
„За да се оствари оваа цел – стекнување на титулата „Европска престолнина на културата“, освен инфраструктурни и човечки капацитети, потребно е да се покаже и политичка спремност и волја, да се прифатат европските и светските текови и новитети на полето на културата, и третманот на културата како приоритетна област за развој на градот“, рече Трајановски.
Градоначалникот Трајановски посочи и дека цел на Градот Скопје е да покаже подготвеност и стремеж, со помош на активностите за кандидирање и стекнување на оваа титула во наредните години да ги постигне следните цели: регенерација на градот; подигање на меѓународниот профил на градот; креирање на нов живот во културата на градот; зголемување на туризмот и развој на креативните индустрии и слично.
Исто така, напомена дека оваа активност е сегмент од неговата програма за работа за периодот 2013-2017, поточно проектот: Скопје – град на културата, со кој Градот се обврзува да почне активности за подигање на свеста за можностите и Градот Скопје да се јави на еден од повиците на Европската Комисија како можен потенцијален кандидат.
Професор д-р Бранислав Саркањац, член на Иницијативниот одбор „Скопје – Европска престолнина на културата“, изјави дека се различни искуствата што ги имаат сите градови коишто ја добиле оваа титулата, но придобивките се големи во сите општествени области.
На апликацијата претходеа серија на активности, како што се усвојувањето на „Информацијата за започнување постапка и потребните активности за номинирање на Градот Скопје за „Европска престолнина на културата“ од Советот на Град Скопје на 35-тата седница одржана на 2 декември 2014 година, како и усвојувањето на „Одлуката за формирање Иницијативен одбор „Скопје-Европски град на културата“ на 53-тата седница на Советот на Град Скопје одржана на 22 септември 2015 година. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.