Скопје
Македонска експедиција подводно ја истражува пештерата Врело
Македонските нуркачи од клубот „Акватек“ и спелео- нуркачкиот клуб „Врело“ ја продолжија својата истражувачка експедиција во пештерата Врело на Матка.
Нуркачите од овие клубови истражуваа нови премини и нови делови на подводната пештера во должина до 200 метри, како и кај пределот околу салата наречена Пеони, која се наоѓа на 150 метри под влезот на пештерата. Целта на оваа домашна експедиција е истражување и скицирање на подводно подземните канали на Врело. „Македонските нуркачи во изминатиот период инвестираа во своето знаење и обука за техники во пештерското нуркање и се здобија со сертификати од светската организација „TDI- SDI“. Горди сме што можеме да се пофалиме со овие сертификати и предзнаењето за овој вид на нуркање па затоа на следната поголема експедиција ќе може да нуркаме рамо до рамо со странските експерти кои ја истражуваа Врело. Како што знаете, пештерата досега е истражувана на неколку пати, меѓутоа само од странски нуркачи сертифицирани за пештерско нуркање“, вели Киро Анѓелески, претседател на спелео- нуркачкиот клуб „Врело“. Овие експедиции се само увертира и подготовка за проектите кои домашните нуркачи треба да ги реализираат до крајот на годината. „Целта на овие експедиции е да се стигне до што подлабока точка и да се истражи што поголем дел од пештерата. Досега на неколкупати сме нуркале во различни делови на подводната пештера, каде што сме земале примероци од водата на различни длабочини, како би можела истата да се испита за постоењето на ендемски видови. Но, покрај истражувачка работа овие нуркања ги користиме и како тренинг за да можеме кон крајот на годината да направиме уште една, овој пат, интернационална експедиција и во целост да можеме да ја истражиме Врело“, вели Даниел Атанасовски, претседател на „Акватек“.Според него, од круцијално значење е надлежните министерства и домашните компании финансиски да ги подржуваат ваквите експедиции за да можат тие да бидат успешни и да донесат што повеќе резултати. „Освен прибирање на податоци од пештерите, придобивката е голема и за развојот на овој вид на туризам и промовирањето на македонските пештерски убавини кои се многу атрактивни за светски признаените спелеолози“, завршува Атанасовски. Нуркачите напоредно, покрај истражување на Врело, се подготвуваат и за поголема експедиција која ќе се случи кон крајот на летото во пештерата Ѓоновица, Гостивар. Оваа пештера е помалку позната на јавноста и досега не била истражувана од нуркачи, па затоа клубовите „Акватек“ и „Врело“ ќе пробаат со неколку експедиции да ги откријат нејзините подземни пространства како и можноста за постоење од животински свет./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.