Скопје
Наградени најдобрите ученици во Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски во просториите на Културно-информативниот центар, им додели благодарници и награди на највисоко рангираните ученици на скопските регионални натпревари.
„Поводот за денешната средба е убав и голем. Задоволство ми е што заедно, го одбележуваме овој свечен и убав ден кога се одбележува знаењето и успесите на нашите ученици. Со посебен епитет јавно го одбележуваме покажаното знаење на учениците кои беа дел од натпреварите по 12 наставни предмети организирани и спроведени од акредитирани здруженија за организирање натпревари по различни наставни предмети“, рече Трајановски.
Тој истакна дека Градот Скопје оваа година за првпат почнува со реализација на „Проектот за поддршка на организирање и реализирање на натпревари во скопскиот регион по различни наставни дисциплини организирани од акредитирани здруженија на ниво на сите средни училишта во надлежност на градот.
Целта на натпреварите е продлабочување на знаењата на учениците во одредени научни дисциплини и поттикнување конструктивен натпревар меѓу учениците за постигнување повисоки образовни цели.
Натпреварите по различни наставни дисциплини се реализираа благодарение на професионалната организација на акредитираните здруженија, како и огромната поддршка од училиштата и професорите како ментори на учениците учесници на натпреварите.
„Се надевам дека наградите кои ќе ги доделиме денеска ќе претставуваат едно големо признание и дополнително ќе ги мотивираат добитниците, но и оние кои сакаат да се вбројат во најдобрите за идните натпревари, континуирано да размислуваат и вложуваат во подобрувањето на сопствените знаења“, изјави Трајановски
За 55 највисоко рангирани ученици на скопските регионални натпревари им се додели и парични награди од 4.000 денари. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Муцунски: Аеродром го заслужува најдоброто, започнува реализацијата на голем капитален проект
Градоначалникот на Општина Аеродром, заедно со претседателот на советот, Дејан Митески и директорката на основното училиште „Блаже Конески“ утрово на работен состанок ја утврдија динамиката по која до крајот на оваа школска година треба да започне реконструкцијата и доградбата на основното училиште „Блаже Конески“.
„Станува збор за важен инфраструктурен проект, онаков каков што заслужуваат граѓаните на Аеродром. По неговото финализирање, Аеродром ќе добие модерно и современо училиште, направено согласно сите европски стандарди, училиште кое ќе биде пример за квалитетна градба, одржливост и енергетска ефикасност“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објавата на Фејсбук.
Тој додаде дека најважно од се е што реконструкцијата и доградбата нема да го наруши нормалното функционирање на училишните активности, а нивната организација ќе биде направена во консултација и согласно барањата на родителите, со кои утрово Муцунски одржа состанок.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.